Бизнис вести

Министерката Дескоска потпиша Декларација за основање институт на ЈИЕ за одржливи технологии

Главна цел на проектот е да се промовира соработката меѓу науката, технологијата и индустријата, односно, да биде платформа за едукација на талентирани млади луѓе и инженери

среда, 25 октомври 2017

Владата на Македонија одлучи официјално да ја поддржи иницијативата за основање Меѓународен институт на Југоисточна Европа за одржливи технологии со мисија „Наука за мир“, што ќе работи според моделот ЦЕРН.

Министерката за образование и наука, Рената Дескоска во Женева потпиша Деклрација за намери за основање на институтот, проект кој е единствен од ваков вид во регионот и е поддржан од Обединетите нации, УНЕСКО и од Европската организација за нуклеарни истражувања – ЦЕРН.

Главна цел на проектот, како што соопшти Министерството за образование и наука, е да се промовира соработката меѓу науката, технологијата и индустријата, односно, да биде платформа за едукација на талентирани млади луѓе и инженери врз основа на трансфер на знаења и технологии од европските центри и лаборатории. Проектот ќе овозможи и вработување на научници и експерти од земјите коишто ќе бидат вклучени во него.

Институтот ќе биде базиран на најновите технологии, а би овозможил научна и технолошка соработка, трасфер на знаење, промоција, зајакнување на иновациите, размена на информации, човечки ресурси и обуки.

Министерството посочува дека конкретниот идејно-научен концепт за институтот е веќе разработен и подразбира изградба на синхротрон (тип на кружен акцелератор) кој ќе овозможи истражувања од различни области како што се биологија, биомедицина, хемија, фармакологија, екологија, геологија и инженеринг, со широка примена во разни индустрии.

(Преземено од МИА)
 

Содржината е прочитана 144 пати.