Бизнис вести

Голема албанска инвестиција од 300 милиони евра кај Скопски саем

Преку фирмата „Скопје Ист Гејт“, компанијата „Балфин груп“ најпрвин ќе инвестира 180 милиони евра во изградба на трговски центар, а во наредните пет до седум години ќе гради и станови и канцелариски парк

среда, 25 октомври 2017

На местото на Скопски саем наредната есен ќе почне да се гради голем трговски центар. Албанската компанија „Балфин груп“ која е во сопственост на милијардерот Самир Мане и беше сопственик на „Скопје Сити Мол“ објави дека преку својата новоформирана фирма во Македонија „Скопје Ист Гејт“ ќе инвестира 180 милиони евра за изградба на трговски центар во Скопје. Трговскиот ќе биде прва инвестиција од еден голем станбено-деловен комплекс што ќе се простира на површина од 155.000 квадратни метри.

Од компанијата соопштуваат дека на просторот меѓу улиците „Александар Македонски“ и „Беласица“ ќе се градат објекти со вкупна корисна површина од 250.000 квадратни метри. Вкупната инвестиција на комплексот е проценета на 300 милиони евра. Прво ќе биде изграден трговски центар којшто ќе се простира на површина од 45.000 квадрати, а за период од пет до седум години на 100.000 квадратни метри ќе никнат и станови и канцелариски парк. Трговскиот центар ќе биде на две нивоа со подземен паркинг во кој ќе има место за паркирање на околу 2.500 возила.

Се очекува да биде отворен кон крајот на 2020 година. Во план е работата на трговскиот центар да се развива во соработка со друг инвеститор.

Имотот на Скопски саем од неодамна е во сопственост на бугарската фирма „Кардфинанс“ ДООЕЛ која го купи од НЛБ и Комерцијална банка каде претходниот газда, словенечката компанија ЕРА го имаше заложено. Словенците во 2008 година ги направија првите чекори околу изградба на, како што беше најавувано мултимедијалниот комплекс „Ера сити“, но градежните работи запреа уште на самиот старт.

Инаку, албанската компанија „Балфин груп“ е еден од најголемите приватни инвеститори во Албанија и во Југоисточна Европа, чие портфолио вклучува инвестиции во трговски центри, во станбени објекти и во деловни простори, како и во голем број малопродажни синџири. Освен недвижностите, се занимава и со услуги во управувањето, со електроника и мода на мало. Составена е од 18 фирми-ќерки во седум земји од регионот каде се вработени над 3.000 луѓе. Во Македонија во негова сопственост е компанијата „Нептун“, чие седиште е во Виена, а има продажни места во Македонија, Албанија, БиХ, Косово и Србија. Газдата на „Балфин груп“, Самир Мане, роден пред 49 години во Корча, е првиот албански милијардер, со проценето богатство на 1,2 милијарди долари.
 

Содржината е прочитана 248 пати.