Бизнис вести

Се подобрува состојбата во металургијата, останува проблемот со недостиг од кадар

Просечната старост на вработените надминува 53 години, кои, со оглед на бенефицираниот работен стаж, се многу блиску до пензија

вторник, 24 октомври 2017

Состојбата во металургијата во моментов се подобрува. Пазарот заживува, се зголемува обемот на нарачки, а со тоа и искористеноста на производствените капацитети, растат извозот и приходите. Сепак, ефектите врз вкупната економија ќе се почувствуваат подоцна, оцени Митко Кочовски, претседател на Здружението на металургијата при Стопанската комора на Македонија.

Според него, политичката криза и случувањата на светскиот пазар од кои најмногу зависи оваа индустрија влијаеле на стагнацијата во овој сектор, но цените на суровините во овој период им одат во прилог. Тој посочи дека металургијата е гранка која ја влече целата економијата. Кога оваа индустрија оди напред, се подобрува и економската состојба, но кога паѓа, ја повлекува и економијата назад. Затоа побара од Владата да овозможи нормални услови за работа базирани на економските законитости и потребите на европскиот пазар, како и решавање на прашањата поврзани со енергетиката, транспортот, инфраструктурата, екологијата и административните формалности за увоз на старо железо.

„До крајот на годината ќе видиме добри резултати од работењето на ‘Макстил’, ‘Арчелор митал’, ‘Дојран стил’, кои веќе имаат евидентен пораст на производството и подобри финансиски показатели во однос на лани. Во челичната индустрија се чувствуваат видливи поместувања во смисла на заживување на пазарот, расте обемот на нарачките и имаме посериозно искористување на капацитетите што ќе донесе произведен аутпут како поголеми количини, поголеми приходи и поголем извоз. Во ‘Фени’ и ‘Југохром’, пак, состојбите се неповолни поради локални причини, промена на сопственичката структура во ‘Фени’ и еколошките проблеми на ‘Југохром’. Но, очекуваме сега ‘Фени’ да се рестартира во полн капацитет, а тетовскиот комбинат напролет да почне со производство. Со тоа ќе се подобрат и вкупните состојби во оваа индустрија“, рече Кочовски.

Тој, како еден од најголемите проблеми со кои се соочува овој сектор го исткана недостигот од кадар, бидејќи, како што рече, просечната старост на вработените во металургијата е 54 години, што значи дека се многу блиску до пензија, со оглед на тоа што имаат бенефициран стаж. Токму поради тоа и порача коренити промени во образовниот систем.

„Овие луѓе треба некој да ги наследи, тие да го пренесат знаењето. А, кадарот не се создава преку ноќ. Ние немаме продукција на кадровско-работнички занимања од металска струка, а исто е и во другите струки. Лоша е и демографијата, а имаме и крајно неповолни миграциски движења. Затоа државата мора да најде начин да продуцира повеќе кадри за индустријата“, рече Кочовски и додаде дека работниците во металската индустрија земаат плата поголема од 20.000 денари.

 

Содржината е прочитана 133 пати.