Бизнис вести

Светска банка ги намали проекциите, БДП годинава ќе има раст од 1,5 проценти

Како главна причина за намалување на растот, во извештајот на СБ се наведува политичката нестабилност во Македонија во првата половина од 2017 година

вторник, 24 октомври 2017

Македонија ќе ја заврши 2017 година со раст на бруто домашниот производ од 1,5 проценти, предвидува Светска банка во својот најнов извештај. Следната година се очекува раст од 3,2 проценти, додека во 2019, пак, од 3,9 проценти.

Во април годинава Светска банка сметаше дека македонската економија ќе порасне за 2,8 проценти до крајот на 2017 година. Но, сега проекциите се намалени и се предвидува БДП за 0,9 процентни поени помал во однос на 2016 година, кога растот изнесуваше 2,4 отсто.

Како главна причина за намалување на растот на БДП, во извештајот се наведува политичката нестабилност во првата половина од годинава, поради што Македонија, во првиот квартал имаше стагнација на БДП, а во вториот, негативен раст од 1,8 проценти. Негативна стапка на раст има кај градежништвото и услугите, кои се сметаат за главни контрибутори на растот. Светска банка очекува главни двигатели на растот да бидат потрошувачката, растечката вработеност и зголемените инвестиции. Јавите инвестиции треба да се зголемат со изградбата на автопатите, додека приватните, пак, се очекува да растат со зголемување на довербата во државата, бидејќи инвститорите се воздржуваа од деловни потфати токму поради политичката состојба.

Прогнозите на Светска банка се дека буџетскиот дефицит ќе остане до 3 проценти од БДП годинава, но се очекува да се намали до 2,2 проценти до 2019 година, додека јавниот долг ќе расте до 55 отсто од БДП до 2019 година. А, ќе расте и инфлацијата. Македонија, според СБ, ќе ја заокружи годинава со пораст на стапката на инфлација од 0,9 отсто, в година таа ќе изнесува 1,6 проценти, а во 2019 година 2 проценти.

„Главните фискални притисоци доаѓаат од високиот буџетски дефицит, зголемувањето на јавниот долг, акумулацијата на долгови, влошувањето на управувањро со јавното финансирање и дефицитот на пензисиот систем“, ги наведува Светска банка главните ризици за македонската економија.

 

Содржината е прочитана 172 пати.