Бизнис вести

Сојузот на стопански комори на Македонија е втор шампион за мал бизнис

Признанието што го доделува Светската трговска организација и Интернационалната стопанска комора е за проектот „Светска мрежа на мали бизниси“

среда, 18 октомври 2017

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) со проектот „Светска мрежа за мали бизниси” е официјално прогласен за втор шампион за мал бизнис од страна на Светската трговска организација и Интернационалната стопанска комора. Прв шампион е корпорацијата „Гугл“.

„Домашните компании, со поддршка на Светската трговска организација и Интернационалната стопанска комора, преку Сојузот ќе имаат можност да го зголемат извозот по најнови светски трендови. Малите и средни претпријатија ќе учествуваат во ‘Светската мрежа за мали бизниси’, со цел нивно полесно интегрирање во регионалните и меѓународни пазари, олеснување на пристапот до информации и градење на капацитетите за извоз. Ќе бидат идентификувани оние мали и средни претпријатија кои имаат потенцијал за трговија на меѓународно ниво, а кои во моментот имаат ограничени можности, вештини, како и пристап до странските пазари. Уникатноста на проектот е што дава гаранција за компаниите да имаат ефикасни и безбедни деловни трансакции, како и нов сигурен партнер за соработка“, рече претседателката на ССК, Даниела Арсовска.

Директорот на Светската трговска организација, Роберто Азевадо претходно истакна дека станува збор за креативен проект, нов дигитален продажен излог за МСП што ќе овозможи да ги промовираат нивните производи и услуги и да ги користат непроменливите можности за обуки.

Зголемување на извозот на домашните компании е една од главните цели на Сојузот на стопански комори на Македонија за севкупен економски раст во земјата. Но, како што рече Арсовска, политичките турбуленции во државата во последните две години влијаеја на сигурноста на инвестициите.

„Секогаш ќе има пад на производството и на извозот кога приватниот сектор се воздржува од инвестирање. А, за да може приватниот сектор да инвестира, потребна е стабилна политичка состојба и намалување на изборните циклуси“, рече претседателката на ССК и потенцираше дека приватниот сектор мора да биде сигурен дека нема повторно да има турбуленции за да продолжи со циклусите и на производство и на извоз.

Во врска со минималната плата, Арсовска нагласи дека се очекува од наредниот месец Владата да почне со исплата на субвенциите за компаниите. Но, според неа, треба прво да се делува на зголемување на продуктивноста на компаниите, да им се овозможи да растат и да се зголеми нивната моќ за да можат сами, без субвенции од државата да исплатат минимална плата од 12.000 денари.
 

Содржината е прочитана 163 пати.