Бизнис вести

Самит 100: Со платформата „Едисон“ ќе се изгради зелен коридор од Љубљана до Скопје и до Тирана во должина од 1.400 километри.

На шестиот регионален бизнис самит на лидери од Југоисточна Европа беше речено дека само со добра инфраструктура Балканот може да фати чекор со светските трендови

вторник, 17 октомври 2017

Само со добра инфраструктура и меѓусебна поврзаност на Балканот земјите од регионот можат да и се приближат на Европа и да ги следат модерните текови. На шестиот регионален бизнис Самит 100 на лидери од Југоисточна Европа што се одржува во Скопје, балканските бизнисмени побараа од своите политички елити да ја следат нивната визија за подобрување на инфраструктурата, со цел регионот да фати чекор со светските трендови уште пред да биде примен во Европската унија.

На Самитот 100 беше промовирана платформата „Едисон“, со која се предвидува изградба на зелен коридор од Љубљана до Скопје и до Тирана, во должина од 1.400 километри. Проектот опфаќа инсталирање полначи за електрични автомобили на главните автопати во регионот, воведување еколошки такси возила, заеднички превоз на повеќе лица со едно возило (кар шеринг)...

„Глобалната економија се наоѓа во средина на нова револуција на брзо преструктуирање од фосилни горива на зелена енергија, а регионот може да стане лабораторија на зелена електрична мобилност, што е императив на Самитот. Сакаме да ја поттикнеме и индустријата да се вклучи во овие трендови“, рече Изток Селјак, координатор на проектот „Едисон“ преку кој се очекува да се електрифицираат автопатишатата во регионот.

Тој потенцираше дека платформата „Едисон“ (еко драјвинг иновејтинг солушнс енд нетворк) веќе здружува 50 компании, универзитети и институти во Словенија, а сега се проширува и низ цела ЈИЕ преку концептот ‘Едисон е-сити’ со лансирање инфраструктура на полначи за електрични возила, зелени такси возила, кар шеринг.

„Сега сакаме да ја поттикнеме и индустријата и производството да ја искористи ‘Едисон’ за нови иновативни решенија и зелен коридор од Љубљана до Скопје, Приштина и Тирана во должина од 1.400 километри“, рече Селјак, појаснувајќи дека е многу важно балканските земји да ги искористат средствата од европските фондови кои им стојат на располагање и ова транспортно поврзување да го направат пред и официјално да влезат во Унијата, истовремено користејќи ги искуствата од Словенија и Хрватска, кои веќе се членки на ЕУ.

Вицепремиерот за економски прашања на Македонија, Кочо Анѓушев посочи дека зелената мобилност е добра идеја, но оти најпрво ќе мора да се изгради соодветна инфраструктура. Во таа смисла ја спомена несоодветната поврзаност на Скопје со Тирана и Софија, до каде моментално се патува и над пет часа.

„Земјите од регионот мора прво да изградат добра инфраструктура па да стигнат до е-мобилност. Тоа е последната лекција и овие држави треба да се вратат неколку чекори назад. Не може да зборуваме за е-мобилити, а имаме два града до кои патуваме по пет часа, што е навистина проблем. Како што е проблем и и ако ни се потребни 12 часа за да стасаме до Босна, а немаме авионска линија“, рече Анѓушев.

Тој посочи дека Владата ќе биде посветена на изградба на добра инфраструктура со соседите, но и дека ќе ги стимулира граѓаните да користат електрични автомобили. Но, за луѓето да имаат интерес за такви возила, тие треба да им бидат подостапни, да бидат ослободени од царина и акциза.

Претседателот на УО на Самит 100, Живко Мукаетов рече дека веќе почнале со лобирање за да изготвување одредени законски решенија кои ќе овозможат имплементација на овој проект.

„Треба да се потрудиме и да покажеме дека како земја имаме капацитет да реализираме еден таков проект.

Компаниите ќе имаат огромен бенефит од него, бидејќи ќе се надминат одредени проблеми со кои се соочуваме, како што е долго стоење на стоката на некои граници, или немање директна врска на Скопје со Сараево и Подгорица“, рече Мукаетов.

 

 

Содржината е прочитана 159 пати.