Бизнис вести

Самит 100 – на Западен Балкан му е потребна економска и транспортна поврзаност

Над 150 бизнис лидери од Македонија, Хрватска, Словенија, Црна Гора , Босна и Херцеговина, Албанија, Србија и од Косово се дел од Самит 100 на кој главна тема е поврзувањето во различни области и на различни нивоа

понеделник, 16 октомври 2017

Неопходни се големи инфраструктурни проекти за да се обезбеди побрз проток на луѓе и стоки, но и прилагодување кон предизвиците од дигитализацијата на компаниите. Регионот на Западен Балкан ќе ја унапреди и развие соработката единствено преку економско и транспортно поврзување, паралелно со политичко и безбедносно интегрирање.

Ова се дел од пораките што можеа да се слушнат на отворањето на шестиот регионален бизнис Самит 100 на лидери од Југоисточна Европа, што овие два дена се одржува во Скопје. Над 150 бизнис лидери од Македонија, Хрватска, Словенија, Црна Гора , Босна и Херцеговина, Албанија, Србија и од Косово се дел од Самит 100 на кој главна тема е поврзувањето во различни области и на различни нивоа. Во таа насока е и реализација проектот „Едисон“ кој предвидува електрификација на патната инфраструктура во регионот и ставање полначи за електромобили за да се популаризира воведувањето електрични автомобили, со цел да се исфрлат од употреба возилата што користат горива кои ја загадуваат околината.

Еврокомесарката за транспорт, Виолета Булц, на отворањето на Самитот рече дека од клучно значење за регионот е неговата интеграција во Европската унија. Потенцирајќи дека ЕУ има стратегија за проширување, таа нагласи дека тоа треба да биде голем мотив за земјите од Западен Балкан.

„Денеска дуваат позитивни ветрови во едрата на ЕУ, таа е надвор од кризата и сите земји имаат позитивен БДП, а во последните години невработеноста оди во надолна линија. Се надевам дека тоа ќе го искористите во ваша полза, оти можноста за членство на Западен Балкан во ЕУ сега е многу поголема отколку пред 10 години. Самит 100 е од клучно значење за поврзување на државите од регионот. Направете единствена платформа на која ќе ги споите политичарите и бизнисмените, поставете ги приоритетите и работете на нов. Резултатите ќе бидат неизбежни.

Однесувајте се како да сте веќе членки на ЕУ“, порача Булц.

Според неа, дигитализацијата е двигател на промените, од која Западниот Балкан може да има голема корист особено во областа на транспортот. Булц препорача сите држави од регионот веднаш да воведат е-патарини. Таа нагласи дека целта на ЕУ е декарбонизација, односно, намалување на загадувањето со јаглерод диоксид и најави дека во ЕУ во ноември ќе бидат донесени девет закони поврзани со транспортот и загадувањето.

За претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов неопходна е политичка и безбедносна поврзаност на Западен Балкан, но и негово членство во ЕУ и НАТО за да се надминат предизвиците со кои се соочуваат економиите и бизнисите од регионот. Затоа Самитот треба да биде силен глас што ќе го привлече и задржи вниманието на политичарите за развој на Западен Балкан, а тука приоритет е поврзаноста.

„Неопходна е економска и транспортна поврзаност, затоа што високите транспортни трошоци ги прават неконкурентни нашите производи. За да бидете поуспешни, поврзувајте се, дигитализирајте се и трансформирајте се. За да бидете во чекор со времето, присобувајте се на потребите на новите генерации и на дигиталната ера, бидејќи, од вашиот успех во голема мера ќе зависи успехот на нашиот регион“, рече Иванов и побара ЕУ што поскоро да ги започне преговорите за членство со Македонија и да ја стави нашата држава на мапата на големите инфраструктурни проекти.

Преседателот на Управниот одбор на Самит 100 и генерален директор на „Алкалоид“ АД Скопје, Живко Мукаетов истакна дека транспортот и поврзаноста се исклучително битни за регионалната соработка. Тој верува дека наскоро ќе се постигне да има што побрз проток на луѓе и стоки во регионот и смета дека е неопходно компаниите да се здружат за да имаат полесен пристап на нови пазари. Оттаму, за да се зголеми нивната конкурентност потребна е интензивна регионална соработка и синергија меѓу фирмите. Истовремено, за странските инвеститори би биле многу попримамливи како еден унифициран пазар.

Мукаетов најави дека на Самит 100 ќе биде потпишан меморандум за меѓусебно разбирање и соработка на самитската платформа со Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан. Меморандумот се однесува на поттикнување деловна соработка, унапредување на конкурентноста на регионалната и на националните економии.

Според програмата, на вториот ден на Самитот ќе има премиерски панел, на кој ќе учсетвуваат премиерите Зоран Заев, Душко Марковиќ од Црна Гора, Денис Звиздиќ од БиХ, Рамуш Харадинај од Косово, Еди Рама од Албанија. Заев ќе има свое излагање на тема: „Нов договор за новото време, или, дали регионот е подготвен за натпревар на глобалната сцена“.

 

Содржината е прочитана 168 пати.