Бизнис вести

Бизнисот бара честите избори да не пречат на функционирање на администрацијата

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески во интервју за МИА вели дека главен услов е да не се блокираат работните процеси на компаниите

понеделник, 16 октомври 2017

И во услови на чести изборни циклуси, основно барање на деловната заедница е да се испорачуваат навремени услуги од страна на администрацијата за да не се блокираат работните процеси на компаниите, вели во интервју за МИА претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

Според него, недобивањето одредена дозвола, лиценца или согласност од институциите може многу скапо да го чини бизнисот.

„На тој начин, не само што нема да стане збор за стабилност и одење напред, туку ќе имаме назаден процес кој во одредени ситуации може да доведе и до блокирање на производството, неисполнување на договорените зделки од странските партнери и пропаѓање на бизнисите“, истакнува Азески.

Во однос на бизнис климата во земјата, смета дека е наважно да се создадат нормални услови на стопанисување. Особено е битно, додава, непречено владеење на правото.

Според Азески, обезбедувањето еднакви услови за домашните и за странските инвеститори, што е еден од приоритетите на Владата, ќе биде поттик и стимул за дополнителен развој на домашните компании, пред се, на оние кои се извозно ориентирани.

„Зголемување на производството, извозот и на капиталните инвестиции, намалување на невработеноста, унапредување на инфраструктурата, одржување на макроекономската стабилност, како и поголема регионална економска соработка, треба да бидат стратегиски цели на македонската економија“, порачува Азески во интревјуто за МИА.

(Преземено од МИА)
 

Содржината е прочитана 164 пати.