Интервјуа

Интервју со госпоѓа Енкеледа Стефановска, генерален менаџер на „АД Вербум“

„Ад Вербум“ во превод од латинскиот јазик значи за зборот, така што самото име на нашата компанија кажува сè, како и нашиот слоган кој гласи: „Моќта на зборот!“. „Ад Вербум“ е компанија специјализирана за организирање конференции, семинари, работилници, обуки и сл., и во нашето портфолио вбројуваме голем број успешно организирани настани и реализирани проекти. Нашата компанија нуди и широк спектар на посебни јазични услуги, вклучувајќи превод и толкување од 36 светски јазици, лекторирање и редакција. Исто така, веќе 8 години ја развиваме и издавачката дејност, па до сега успеавме да преведеме и да издадеме преку 350 наслови од многу жанрови – белетристика, стручна литература, популарна психологија и други видови литература

понеделник, 16 октомври 2017

МАРИЛИ: Госпоѓа Стефановска, кажете ни со што се сè занимава компанијата „АД Вербум“ и од кога постои?
СТЕФАНОВСКА:
„Ад Вербум“ е основана во 2005 година од страна на две партнерки, Елена Николоска и Енкеледа Стефановска, со јасна визија и цел кои ги следиме до денешен ден. Оваа година го прославивме нашиот 12-ти роденден и многу сме горди и среќни на постигнатите успеси на „Ад Вербум“. 

„Ад Вербум“ во превод од латинскиот јазик значи за зборот, така што самото име на нашата компанија кажува сè, како и нашиот слоган кој гласи: „Моќта на зборот!“. „Ад Вербум“ е компанија специјализирана за организирање конференции, семинари, работилници, обуки и сл., и во нашето портфолио вбројуваме голем број успешно организирани настани и реализирани проекти. Нашата компанија нуди и широк спектар на посебни јазични услуги, вклучувајќи превод и толкување од 36 светски јазици, лекторирање и редакција. Исто така, веќе 8 години ја развиваме и издавачката дејност, па до сега успеавме да преведеме и да издадеме преку 350 наслови од многу жанрови – белетристика, стручна литература, популарна психологија и други видови литература. Еден од тие наслови е „Лесен начин да ставите крај на пушењето“ кој ни е особено драг, не само поради фактот што преку оваа книга досега сме помогнале на голем број пушачи, туку и поради фактот што дел од средствата од продажбата на оваа книга одат во фондот на здружението за борба против ракот на дојка „БОРКА“. Со оваа иницијатива ја покажуваме и хуманитарната страна на „Ад Вербум“ како општествено одговорна компанија. 

МАРИЛИ: Ова е приватна компанија со препознатлив имиџ во вашата дејност, што, според вас, ве прави специфични и поразлични од другите што се занимаваат со иста или слична дејност во Р. Македонија?
СТЕФАНОВСКА:
Од самиот почеток имавме јасна цел – да основаме компанија која ќе создаде препознатлив бренд, и тоа го постигнавме. Мотото на нашата компанија е: „Нашето знаење и искуството е ваша сигурност!“ Како што кажува и самото мото ние се стремиме кон комплетно разбирање и целосно исполнување на потребите на нашите клиенти, каде што посебен акцент ставаме на ефикасноста, ефективноста, флексибилноста и квалитетот на целокупната побарана услуга од страна на клиентот. 

Кај нас, клиентите можат да добијат целосна услуга, односно од најситниот елемент, како што се печатење на пенкала, летоци и брошури за една конференција, до опрема за симултан превод, логистичка поддршка, обезбедување сместување и превоз, организирање завршна забава за некој настан и сè друго поврзано со тоа. Од самиот почеток, една од целите ни беше нашите клиенти да најдат сè на едно место, да не мора да се јавуваат на 10-тина различни места за да ја исполнат нивната целокупна замисла, туку само со еден повик ние да им обезбедиме сè. Со текот на времето, клиентите сфаќаат дека заштедуваат многу време и отстрануваат непотребни нервози обраќајќи се кај нас.Една друга специфичност е што „Ад Вербум“ е единствена ИСО-сертифицирана компанија во нашата бранша, односно работиме по строго поставени светски стандарди. Самиот воспоставен стандард за квалитет ИСО 9001:2008 овозможува целосно документирани процеси на работа, со постојано идентификување и отстранување на неусогласеностите. Велат дека е тешко да се создаде бренд, но верувајте уште потешко е да тој да се одржува и усовршува. Со макотрпна работа, со чесност и квалитет го создадовме и во иста насока чекориме кон негово продолжување. Нашата најголема реклама се нашите задоволни и долгогодишни клиенти кои ги имаме во голем број. Постојано работиме на успешно исполнување на потребите на пазарот, како и на нашите клиенти. Мора да бидеме во чекор со сите новости, како од техничка така и од логистичка гледна точка. Силна страна на нашата компанија се и човечките вредности кои за нас се примарни. Тие се рефлектираат во односот кон нашите клиенти, како и во внатрешните односи на нашиот тим. Сето горенаведеното нè прави специфични и поразлични!

МАРИЛИ: Кои се најголемите и најзначајните проекти на кои сте работеле, а се особено важни за вашето портфолио?
СТЕФАНОВСКА:
Сите проекти на кои имаме работено досега и се дел од нашето портфолио се подеднакво важни и кон сите пристапуваме со иста сериозност и професионалност. Зависно од секторите, би споменале неколку. Да почнеме од издаваштвото. Освен проектите за светска книжевност и стручна литература, чии изданија се одлично четиво за секој кој сака да се усоврши во соодветната област, би го издвоила и проектот книги со историска содржина. 

Овој проект првенствено го заокруживме на 80 наслови, а сега го дополнуваме со нови 20-тина наслови. Во нив може да се најдат историски факти и податоци, како и погледи на нашите револуционери, светски историчари и критичари на времето. Станува збор за историјата на Македонија во различни временски периоди, почнувајќи од животот на Александар Велики, па сè до времето на македонската борба за самостојност, гледана од аголот на многу познати, а и подзаборавени имиња од македонската историја. Тие твореле на бугарски, српски, германски и француски јазик. Досега ова е единствена едиција од овој обем за историјата на Македонија која ја нарековме едиција Pro Macedonia. Истовремено, тука ќе го споменеме и проектот со превод на 130 тома македонска книжевност на англиски јазик, потфат со кој се гордееме. Што се однесува на преводите и организацијата на настани, тие се толку обемни што доколку споменам некои, многу други сигурно ќе заборавам. Затоа би ве упатила нашата веб-страница, www.adverbum.com.mk каде подетално може да ги видите нашите клиенти. Можам да ви доловам, како куриозитет, еден податок. Годишно се преведуваат повеќе од 30 илјади страници, а организираме преку 100 настани и специјализирани обуки. Да не ги заборавам и европските проекти во кои се вклучени и консултантските услуги кои ги нудиме. Тоа значи дека не само што директно учествуваме во тие европски проекти, туку нудиме и консултантски услуги за нашите клиенти за учество во нив. За разлика од македонските, европските проекти се многу пообемни и поспецифични.

МАРИЛИ: Колку е важен тимот за да се гради стабилен и профитабилен бизнис?
СТЕФАНОВСКА:
Верувам во тоа дека зад секој успешен менаџер, зад секој стабилен и добростоечки бизнис стои успешен тим. За тимот сакаме да обезбедиме здрава и пријатна работна средина. Се грижиме за здравјето и безбедноста на вработените при извршување на секојдневните работни задачи. 

Им нудиме обуки за нивна професионална надградба и поттикнување на свеста за квалитетно работење. Често организираме и тим-билдинг сесии, или неформални дружења со цел да го продлабочиме чувството на припадност. Сметаме дека за добра професионална комуникација меѓу нив, треба да постои тимски дух, но притоа да не се изгуби индивидуалноста и карактеристиките што секој ги поседува од нив. Нашиот тим е дел од успешната приказна на „Ад Вербум“, тој претежно е сочинет од женски пол, па така улогата на мајчинството и постојаната поддршка е составен и неизбежен дел од тоа. Кога добрите менаџерски и лидерски способности ќе се сплотат со искусен тим каде има добра кохезија и организираност, се добива квалитет, навремено исполнување на задачите и роковите, како и полесно соочување со и решавање на предизвиците кои се неизоставен дел од секој бизнис. Токму овие нешта се основата за стабилен и успешен бизнис.

МАРИЛИ: Кои се вашите планови за работењето во блиска иднина?
СТЕФАНОВСКА:
„Ад Вербум“, како дел од својот бизнис-план, има долгорочни и краткорочни планови и ние секојдневно работиме на нивна реализација. Набрзо нè очекува отворање на нашата прва книжарница за која работиме со многу љубов и труд, како и пуштање во употреба на веб-портал за продажба на книги преку интернет. Секако, како и досега, ова ќе го покриеме и со маркетиншки активности, па така ќе имате можност да нè посетите и да бидете дел од нашата приказна.Ни претстојат неколку најавени настани за кои сериозно се подготвуваме, а во поглед на секојдневните обврски, постојано се стремиме да ги исполниме ефективно, ефикасно и квалитетно. Во нашите идни планови ни стои и регионалното проширување на нашиот бизнис, па вредно и напорно работиме на тоа.

МАРИЛИ: Вие сте прогласена за една од најуспешните жени менаџери за 2016 година од агенцијата „Марили“ , па колку, според вас, е тешко да се биде успешна жена менаџерка во нашето општество?
СТЕФАНОВСКА:
Прво мора да истакнам дека на мое задоволство, кај нас, работите, во овој поглед, забрзано се менуваат. Имаме сè повеќе жени на видни позиции кои успешно го работат секој аспект од својата работа. Воопшто не е лесно да се биде жена менаџер во општество каде жените треба да вложуваат двојно повеќе труд, двојно повеќе да се промовираат и да се истакнуваат во своите области на работење. Но како што веќе споменав, гледиштата и ставовите се менуваат во ова модерно време, па затоа сакам да ги охрабрам сите жени да веруваат во себе и да бидат истрајни во исполнувањето на својата цел, со смиреност, трпеливост и решителност да се соочуваат со предизвиците и гордо да чекорат по патот кој го избрале.


.

 

 

 

 

 

 

Содржината е прочитана 922 пати.