Бизнис вести

НБРМ: Поволни движења во градежништвото, неповолни во индустријата

Податоците за инфлацијата за септември укажуваат на одредено забавување на годишната стапка на инфлација на 1,7 отсто

четврток, 12 октомври 2017

Податоците на Народната банка покажуваат различна економска активност во секторите. Поволни движења се забележани кај градежништвото, додека неповолни кај индустријата.

„Поволни движења се забележуваат во градежниот сектор и трговијата, а воедно поволни се и сигналите коишто ги даваат и анкетните истражувања за економската доверба. Од друга страна, движењата во индустрискиот сектор се понеповолни во однос на вториот квартал. Сепак, расположливите високофреквентни податоци за третото тримесечје се ограничени, заради што тешко може да се формира прецизна оцена во поглед на динамиката на активоста во овој квартал. Во однос на проектираната патека до крајот на годината, пониските остварувања во првата половина од годината создаваат надолни ризици за проекцијата на БДП од 2,5 проценти за цела 2017 година“, се вели во соопштението на НБРМ.

Податоците за инфлацијата за септември укажуваат на одредено забавување на годишната стапка на инфлација на 1,7 отсто, при што просечниот годишен раст на цените во првите девет месеци изнесува 1,1 отсто
Според НБРМ, првичните монетарни податоци за септември годинава покажуваат намалување на депозитната база на банките на месечна основа, што е предизвикано од падот на корпоративните депозити, додека штедењето на населението продолжило да се зголемува, со забележани поволни поместувања во неговата валутна структура.

Нивото на вкупните депозити на крајот на септември е пониско во однос на априлските проекции за третиот квартал.
„Во текот на септември, на кредитниот пазар, банките продолжиле да обезбедуваат кредитна поддршка на секторот население, додека кредитирањето на корпоративниот сектор забележало пад, така што вкупните кредити на крајот на септември, се нешто пониски од очекувањата во рамки на априлската проекција“, соопштува НБРМ.

За октомврискиот период на задолжителната резерва на банките се предвидува зголемување на ликвидноста под влијание на движењата кај автономните фактори, што ќе овозможи надоместување и стабилизирање на ликвидносниот потенцијал на банките.

Девизните резерви за септември се намалени во однос на крајот на јуни годинава, што, според НБРМ, главно се должи на редовното намирување на обврските на државата врз основа на надворешниот долг. Притоа, стои во соопштението, сите показатели на адекватноста на девизните резерви покажуваат дека тие постојано се движат во сигурната зона.

Според НБРМ, движењата на девизниот пазар се релативно поволни, при што од август наваму Народната банка интервенирала на девизниот пазар со нето-откуп на девизи. Во септември, во услови на повисока понуда на девизи на меѓубанкарскиот девизен пазар, Народната банка интервенирала со нето-откуп во износ од девет милилиони евра од банките поддржувачи. „Поволните движења на девизниот пазар во трансакциите со клиенти продолжиле и на почетокот на октомври, што овозможи натамошен откуп на девизи од страна на Народната банка, во износ од 13,5 милиони евра, заклучно со 9 октомври“, се вели во соопштението од НБРМ.

 

Содржината е прочитана 39 пати.