Бизнис вести

Потпишан Меморандум за „Југохром“, комбинатот ќе продолжи со работа до средина на наредната година

До мај треба да бидат инсталирани филтрите на печките седум и осум. Целосната изградба на системот за отпрашување ќе чини 12 милиони евра, а правата фаза 4,5 милиони евра

четврток, 12 октомври 2017

Владата, раководството и синдактот на работниците од „Југохром“ потпишаа Меморандум за разбирање со кој комбинатот од Јегуновце ќе почне да работи од средината на идната година. До тогаш се очекува да биде завршена изградбата на филтрите на печките 7и 8. Целосното рестартирање ќе се одвива етапно во неколку фази.

Комплетната изградба на системот за отпрашување ќе чини 12 милиони евра, а правата фаза 4,5 милиони евра.

Како што рече вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев Владата ќе обезбеди јасна правна рамка и сигурност за инвеститорот за да може компанијата да се рестартира без да има последици врз животната средина.

„Со потпишување на овој Меморандум, јасно е дека комбинатот ќе продолжи да работи, сопственикот ќе инвестира во системот за отпрашување, односно, во филтри, а Владата се обврзува да ги сервисира побрзо административните процедури за компанијата да ја доврши инвестицијата. Со тоа ќе се обезбеди сигурност за работниците дека ќе продолжат да работат, сигурност за инвеститорот, но и рестартирање на компанијата која има значајно место во економијата“, рече Анѓушев и потенцираше дека рестартирањето нема да има последици врз околината, со што ќе бидат задоволни и екологистите и граѓаните.

И управителот на „Југохром“, Васко Скендеровски потврди дека комбинатот нема да работи без филтри ниту еден ден. Од Меморандумот е задоволен и претседателот на синдикатот на вработените, Бајрам Амити, бидејќи, како што рече, работниците конечно ќе бидат сигурни дека фабриката ќе проработи. Тој е уверен дека Владата ќе најде механизам за да изврши притисок врз сопственикот на фабриката да ја реализира инвестицијата.

Раководството на „Југохром“ одлучи да ја спроведе одлуката на Испекторатот за животна средина за затворање на фабриката поради непочитување на крајниот рок за изградба на филтер станица, кој истече на 30 октомври 2016 година. Производниот процес беше целосно запрен на 2 ноември минатата година со што околу 800 вработени останаа без работа. Тие потоа неколку пати протестираа барајќи решавање на проблемот.
 

Содржината е прочитана 36 пати.