Здравје/ Убавина

Иднината е во органската храна

Под органска храна, главно се мисли на овошје и зеленчук, може да биде и храна од животинско потекло во случаи кога животните се одгледувани на здрав и природен начин. Станува збор за специфично производство на храната, без употреба на пестициди и хемикалии, поради што вака добиените производи се исклучително здрави

четврток, 12 октомври 2017

Органска здрава храна! Ова се почесто се слуша меѓу луѓето, а особено е актуелна тема меѓу помладите кои ги следат светските трендови на модерното живеење. Да се конзумира органска храна значи да се биде во тек со современиот начин на исхрана за да се живее здраво. Што, всушност претставува органската храна, што се подразбира под тој поим, која храна е органска и дали е таа навистина најздрава и најдобра за човекот, или е само беспотребно фрлање пари?

Под органска храна, главно се мисли на овошје и зеленчук, но може да биде и храна од животинско потекло кога животните се одгледувани на здрав начин. Станува збор за производство на храната без употреба на пестициди и хемикалии, поради што вака добиените производи се исклучително здрави. Производите добиени на органски начин содржат поголемо ниво хранливи состојки, како што се протеини, витамин Ц и многу минерали. Што е многу важно, со конзумирање органска храна не се внесуваат отрови во организмот, за разлика од обичната храна. Зашто, во вообичаеното земјоделско производство најмногу отрови има во пестициди и разни метали кои се употребуваат најчесто за да се подобрат приносите и за да се продолжи трајноста на намирниците, но истовремено влијаат неповолно врз здравјето и го зголемуваат ризикот од појава на разни болести.

За да се добие органски производ не смеат да се користат пестициди, хербициди ниту слични средства, нивата на која се одгледува органски насад претходно најмалку три години не смее да имала допир со хемиски средства, мора да има јасни граници со цел она што е насадено во неа да не дојде во допир со хемикалии од соседната нива, генетски инженеринг е најстрого забранет. Дури и проблемите со штеточините не смее да се решаваат со хемиски средства, туку на природен начин, со поставување замки и мамци. Органските производи не смеат да создржат дополнително додадени засладувачи, ароми, бои и амулгатори. Доколку станува збор за органска храна од животинско потекло, тогаш во исхраната на животните не смеат да се користат хормони кои вештачки го подобруваат растот, ниту лекови, или било кои вештачки средства.

Една студија на европската Агенција за безбедност на храната покажала дека јавноста е многу повеќе загрижена од количеството хемикалии и пестициди што се наоѓаат во храната отколку од било што друго. Бидејќи самата земја е преполна со хемикалии и пестициди и често е контаминирана со генетски модифицирани материи. Но, луѓето се загрижени и од опасноста што прети од антибиотиците. Претераната употреба на антибиотици не само што предизвикува ненормален раст на животните, туку постои опасност и од создавање нови видови бактерии кои стануваат резистентни на постојните антибиотици, па натамошно третирање со антибиотици не дава резултат. А, за да се избегне сето тоа, треба да се користи органски произведена храна, бидејќи употребата на хемикалии во органското производство е забранета.


 Органската храна треба да биде безбедна и да има врвен квалитет. Органски одгледаните зеленчук и овошје, генереално мирисат поубаво и имаат подобар вкус од конвенционалните кај кои се поддржува брзиот раст без да се внимава на нутритивната вредност. И месото од органски одгледувани животни хранети со разновидна органска храна има поприроден вкус и многу повеќе нутритивни вредности отколку она што е добиено од животни кои биле хранети со храна полна со адитиви и со намера што побрзо да добијат на тежина.

Органска храна во ЕУ

Начинот на производство на органска храна во Европа е законски регулиран и редовно контролиран за да се гарантира безбедни производи кои не содржат штетни материи. Органска храна во ЕУ е храна што се одгледува и процесуира во склад со европската регулативата за органско производство. Тоа е храна што се произведува со посебен акцент кон безбедноста и квалитетот, контролирана со единствен сертифициран систем.

Од јуни 2010 година, секоја нова органска храна што се произведува во ЕУ мора на себе да има нова ознака - лист направен од ѕвезда. Покрај ова лого задолжително треба да има и информација за сертификациското тело кое ја извршило проверката на органскиот квалитет во склад со регулативите. Тоа е во форма на код AB-CDE-XX, каде AB е код за државата, CDE е код за јазикот на државата и значи органско и XX е единствен број кој го идентификува сертфикаторот. На пример, производ сертифициран како SKAL (холандски сертификатор) ќе ја носи кодната ознака NL-BIO-01. Органските производи мора да имаат налепница на која се гледа кои состојки се органски, а кои не се. Исто така, постојат и национални лога кои се користат за производите што ги исполнуваат основните европски регулативи. На пример, AB лого од Франција, EKO ознака одобрена од SKAL оператори во Холандија и лого O контролирано од владата на Данска. 

Земјите од Европската унија кои увезуваат производи од држави кои се надвор од Унијата прават строга контрола на тие производи. Во таа смисла постојат две групи држави. Аргентина, Австралија, Коста Рика, Индија, Израел, Нов Зеланд и Швајцарија имаат стандради и контролни системи слични со тие на Унијата, па регистрираните сертификациски тела во тие земји можат да сертифицираат производи како додаток, со ЕУ органски регулативи онака како што го прават сертификаторите во ЕУ. Увозниците треба само да бидат сертифицирани како би можеле да увезуваат органски производи од овие земји.

Останатите земји мораат да аплицираат преку своите влади за набавка на специфични производи од спецефични произведувачи. Тие произведувачи мораат да бидат сертифицирани од страна на овластени тела кои треба да гарантираат дека се применети сите стандарди што се пропишани со европските закони. Ваквиот облик на контрола овозможува производителите од земјите надвор од ЕУ да произведуваат и да пласираат стока по исти стандарди какви што се применуваат и во ЕУ. На овој начин и купувачите се сигурни дека производите што доаѓаат надвор од ЕУ се контролирани и со ист квалитет.

Европската регулатива за органско производство забранува употреба на генетски модифицирани (ГМ) производи, одгледување ГМ видови и подвидови посеви на органска земја, како и употреба на ГМ состојки во органска и во сточна храна. Во конвенционалната храна употребата на преку 0,9 проценти ГМ храна мора да биде соодветно обележена.

Дали е точно дека органското производство не е е доволно за да го нахрани светот? Факт е дека со употреба на хемикалии земјата го губи квалитетот па за некое време почнуваат да се добиваат се помали приноси. Од друга страна, при ГМ производството често се добиваат мутирани билки од кои луѓето добиваат разни нови заболувања, а и животните хранети со ваква храна заболуваат од нови болести од кои подоцна заболува и човекот. Истражувањето направено во ЕУ покажало дека ставот на купувачите спрема ГМ храната е негативен најмногу поради тоа што таа влијае лошо на здравјето.

Поради тоа, органските производи се најдобро решение. Тие се здрави и поддржуваат здрава околина. Луѓето се повеќе стануваат свесни дека единствено органското е всушност навистина здраво, додека конвенционалното има ограничена иднина, особено со појавата на ГМ.

Органско производство во Македонија

И Македонија има органско производство. Но, за жал, тоа е се уште во мали количини, па поради тоа пласманот на органскиот зеленчук и овошје, особено на странски пазари претставува проблем за производителите.

Од Федерацијата на производители на органски производи од Македонија појаснуваат дека земјоделците се соочуваат, пред се, со логистички проблеми. Од една страна и луѓето во државава не се доволно информирани околу тоа што се органско се произведува кај нас и каде и како може да се набави, а од друга, производите што се наменети за странските пазари треба да се пласираат на оддалеченост од повеќе стотици километри, што претставува голем трошок за малите колични и неминовно ги поскапува производите и ги прави неатрактивни за потрошувачите.

Токму овие проблеми беа причина органските производители од југоисточниот дел на Македонија да се здружат со своите колеги од Бугарија за преку заедничка интернет-платформа да ги продаваат своите количини. Платформата, која што беше креирана неодамна, етројазична, на македонски, бугарски и на англиски јазик и е наменета за сите поторшувачи заинтересирани за органски производи, како во Македонија, така и пошироко.

„Производителите преку платформата bio-trade.eu можат да ги презентираат своите производи, па така, сите кои се заинтересирани можат да видат што се произведува, што се преработува, да имаат пристап до нив, да купат, бидејќи еден од главните проблеми е што тие се наоѓаат тешко. На овој начин ќе ги направиме пристапни за сите кои сакаат да купат“, вели Ѓорѓи Хаџи-Котаров од Федерацијата на органски производители.

Досега повеќе од 25 фармери од Македонија го нудат своето органско производсто на платформата. Но, потребно е да се приклучат и други земјоделци кои имаат извозни потенцијали. Во план е, како што рече Хаџи-Котаров, 40 фармери од Македонија и уште толку од Бугарија да бидат ставени во платформата и на тој начин не само домашните потрошувачи, туку и оние од Европа да се заинтересираат за органските производи од Македонија,
Инаку, во нашава држава се регистрирани околу 5.000 фармери за органско производство со површина од околу 3.000 хектари. За нив, државата издвојува 50 отсто повисоки субвенции.


 

Содржината е прочитана 374 пати.