Инфо

Трошоците на живот непроменети во септември

Пораст на трошоците има кај гасот за домаќинства и тоа за 4,1 отсто

понеделник, 09 октомври 2017

Трошоците на животот и цените на мало во септември останале на исто ниво како претходниот месец, а во споредба со истиот месец од лани, трошоците бележат пораст од 1,7 отсто, додека цените на мало пораст од 4,1 отсто.

Според податоците на Државниот завод за статистика во септември годинава е забележан пораст на трошоците на живот во споредба со претходниот месец кај свежиот и замрзнат зеленчук, освен компир за 2,3 отсто, кај млекото за 1,5, другите преработки од месо за 1,2, кај јогуртот 0,7, јајца за 0,6, алкохолни производи за 0,5 отсто и т.н.

Пораст на трошоците на живот има и кај гасот за домаќинствата за 4,1 отсто, течните горива за домаќиства и течните горива и мазива како дел од опремата за сопствени сообраќајни средства за 2,4 отсто, кај информатичката опрема за 1,9 отсто и друго.

Намалување на трошоците на животот има кај сувото овошје и јаткастите производи за седум отсто, другите прехранбени производи за 1,2, сушениот зеленчук, друг конзервиран и прехранбен зеленчук и компир за 1,1 отсто, ориз за 0,6, брашно и други жита за 0,5, риба и морски плодови за 0,4 отсто, сирењето и урдата за 0,2 проценти.

Намалување на трошоците на животот е забележао и кај болничките услуги за 9,1 проценти, кај услугите за сместување за 4,6, кај авионскиот превоз на патници за 3,1 и кај туристичките пакет-аранжмани за 1,3 проценти.

Кај предметите за лична хигиена и здравје трошоците се намалени за 1,2 отсто, кај алатите и опремата за куќа и градина за 0,9, обувките за 0,5 и кај мебелот за домаќинства за 0,3 отсто
 

Содржината е прочитана 31 пати.