Бизнис вести

Превезени над 1,5 милиони патници од двата аеродрома за девет месеци

Од ТАВ Македонија информираат дека бројот на патници е за 12 проценти поголем во однос на истиот период лани

понеделник, 09 октомври 2017

Преку двата македонски аеродрома, скопскиот „Александар Велики“ и охридскиот „Св. Апостол Павле“ патувале повеќе од 1,5 милиони патници во првите девет месеци од оваа година, што претставува пораст од 12 проценти во однос на истиот период лани . Од ТАВ Македонија информираат дека од јануари до септември 2017 година преку двата аеродроми патувале вкупно 1.546.193 патници, а биле опслужени 13.752 летови, што е зголемување за 6 проценти на годишно ниво.

Најфреквентна дестинација од скопскиот аеродром е Истанбул (12,4 проценти), потоа Цирих со 8,7 проценти, па Виена со 6,8 проценти, Базел со 5,1, Малме со 4,6 и Лондон со 3,9 проценти.

Најголем број од патниците, дури 57,5 отсто има превезено авиокомпанијата „Визер“, а потоа следуваат „Туркиш Ерлајнс“ со 8,5 проценти, па „Аустриан Ерлајнс“ со 6,8 отсто, „Германија Флуг“ со 5,1 отсто и „Пегасус Ерлајнс“ со 4,5 проценти пазарен удел.

Оваа година беа воведени пет нови дестинации од аеродромот во Скопје. Во април почна да сообраќа новата линија до Будимпешта, а во текот на јули до Рим, Малта, Ваксјо и Доха. Од Охрид, пак, беше воведена нова дестинација Катовице. Паралелно, „Визер“ го постави четвртиот воздухоплов во базата на скопскиот аеродром, додека авиокомпанијата „Катар Ервејс“ влезе на македонскиот пазар како нов бренд.
 

Содржината е прочитана 22 пати.