Интервјуа

Интервју со господин Дејан Милошевски, продуцент на филмот „Златна петорка“

понеделник, 09 октомври 2017

Комисијата при Друштвото на филмски работници одлучи оваа година Македонија да нема свој претставник во трката за најпрестижната светска филмска награда Оскар, иако за тоа конкурираа два филма „Златна петорка“ и „Кога денот немаше име“. На ваквата одлука, која наиде на бурни рекции во јавноста, со свои аргументи се спротиставијатоа авторите и на двата филма.

Филмот „Златна петорка“ е дело на продуцентската куќа „Револушн“. Режисер е Горан Тренчовски, продуцент Дејан Милошевски, а е снимен по новелата на Братислав Ташковски. До сега има освоено пет меѓународни награди: прогласен е за најдобар странски филм на фестивалот „Лав“ во Белгија, освои награда за најдобар филм и прва награда за монтажа на фестивалот на Југоисточна Европа во Париз, потоа награда за најдобар странски филм „Златен грифон“ на фестивал во Перуџа, како и награда за најдобар странски филм на филмскиот фестивал во Мумбај, во центарот на Боливуд.

Но, сите овие досега освоени награди очигледно не ги импресионираа членовите на Комисијата кои решија „Златна петорка“ сепак, да не ја претставува Македонија во Лос Анџелес идната година. За тоа колку ваквата одлука е издржана и аргументирана, дали тоа што филмот не е избран ќе се одрази негативно врз самиот филм, или можеби ќе има негативни последици и за неговите твороци, како и што ќе значи тоа за филмската индустрија во Македонија, побаравме одговори од Дејан Милошевски, продуцент на филмот „Златна петорка“.

МАРИЛИ: Господине Милошевски, како продуцент на филмот „Златна петорка“, заедно со режисерот Горан Тренчовски реагиравте на одлуката на Комисијата на Друштвото на филмски работници-Македонија да нема претставник за Оскарот и најавивте дека ќе покренете судска постапка. Рековте дека не ја признавате одлуката и сметате дека зад сето тоа постојат задни намери. На што конкретно мислите?
МИЛОШЕВСКИ:
Навистина, јас лично и целиот тим што работеше на „Златна петорка“ бевме непријатно изненадени од одлуката. Чесно и достоинствено се пријавивме, затоа што верувавме во нашиот производ, па дури и да не бевме селектирани ние, како македонски кандидат за Оскар од неанглиско говорно подрачје, да беше тоа нашиот конкурент „Кога денот немаше име“, немаше да се разочараме. Но, годинашната одлука на Друштвото е навистина скандалозна и тоа од повеќе аспекти. Пред се, образложението зошто немаме годинава кандидат беше многу штуро. Комисијата ја правда својата одлука само со неколку зборови. Замислете, нешто што се гради со години, мислам на филмот, нешто на кое работеше огромен тим, тим на професионалци, уметници, посветено и макотрпно – Комисијата го оценува со два збора, не се ни потрудија да дадат издржано и аргументирано соопштение. Исто така, симптоматично е и тоа што сите членови на Комисијата се против, односно стојат зад одлуката Македонија годинава да не кандидира свој претставник. Според мене, тоа фрла сомнеж дека некој оттаму намерно ги саботира овие остварувања, кои надвор од границите на Македонија нижат успеси. Несфатливо е како ниту еден член не дал барем еден глас „за“ пријавените проекти. Жално е што во годината кога Американската академија за Оскар доби рекорден број пријавени кандидати за филмови од неанглиско говорно подрачје, дури 92 остварувања, меѓу кои и од Лаос, Кенија, Хаити, Авганистан, Сирија..., ја нема Македонија. Тажно е што ние не добивме шанса да се бориме за некаков поголем успех, нам ни ги пресекоа крилјата домашните селектори.

МАРИЛИ: Дали спречената номинација на филмот ќе има некакви последици кон Вас, лично како продуцент, кон продукцијата и кон филмот во целина? Особено што „Златна петорка“ досега има освоено шест меѓународни награди. Каде е се прикажан филмот досега и какви се плановите за наредниот период?
МИЛОШЕВСКИ: 
Ова не може да биде никаква пречка за да ги реализираме нашите соништа и цели во иднина. Напротив, може само да биде мотив плус за мене, како продуцент и за моите соработници. Морам да признаам дека во првиот момент кога ја слушнавме одлуката бевме разочарани, па дури и гневни, особено помладите актери, за кои ова е шанса да бидат видени од големи филмски мајстори, но, сепак „тоа што не те убива – те прави посилен“. „Златна петорка“ веќе доживува огромен меѓународен успех. Освен одличниот прием кај публиката, која секогаш многу емотивно, понекогаш дури и во солзи ја догледува приказната за петтемина струмички студенти, и стручните жири комисии оддаваат признанија на филмот. Во најразлични категории, меѓу кои и награда за најдобар странски филм, филмот на Горан Тренчовски доби признанија во Франција, Италија, Индија, Албанија, Русија... Фестивалите се нижат едни по други, речиси цела година патуваме низ светот со него, следна дестинација ни е фестивалот во Кардиф.

МАРИЛИ: Ова не е прв пат Македонија да нема свој кандидат номиниран за најпрестижната филмска награда. Тоа се случи и во 2013 година, кога пред домашната Комисија не поминаа филмовите „Балканот не е мртов“ и „Соба со пијано“. Колку ваквите одлуки Ѝ нанесуваат штета на македонската филмска индустрија? Што, всушност, значи тоа за филмот во Македонија?
МИЛОШЕВСКИ: 
Можеби ќе биде прегрубо, или веќе прочитана фраза ако кажам дека е тоа синдром на самоуништување и себепонижување, но, едноставно, така чувствувам. Кога веќе имаме филмски производ, не зборувам тука само за мене и мојата продуцентска куќа, туку генерално, некако дрско е и некоректно, тука, во Македонија да ти ја скратат шансата да се бориш за повеќе. Една група луѓе која се затскрива зад превезот на Друштвото филмски работници го негира она што меѓународните жирија го признаваат, како што е во нашиот случај. Тоа е исто како во спортот, некоја федерација да спречи една национална селекција да оди на квалификации. Уште во старт да им рече – вас не ве бива, нема зошто да одите. Ви се молам, конечно треба да се стави крај на овие заткулисни игри, работите да се наречат со вистинското име и некои луѓе да се помират со фактот дека филмот не им е само ним од Бога дадена професија. Да се отвори умот пошироко и да не се замижува пред фактите – дека во Македонија дојде еден нов бран уметници и луѓе професионалци кои се зафатија со оваа креативна, но убиствено макотрпна работа и кои сакаат чесно и отворено да се борат на пазарот.

МАРИЛИ: Зошто се случува тоа? Дали, покрај, како што велите идеолошки, па и лични причини, има и други? Дали можеби се работи за превисоки критериуми што треба да ги задоволи еден филм за да се најде во трка за Оскар заедно со многу поголеми и помоќни филмски индустрии?
МИЛОШЕВСКИ: 
Ќе се навратам на одговорите во првото прашање – кои критериуми не се задоволени?! Такво пошироко образложение ние не добивме за да знаеме каде, според нив, сме згрешиле, сме потфрлиле. 

На филмот работеа еминентни автори, да не ми забележи некој, но ќе споменам само дел од нив: Андрија Зафрановиќ - врвен мајстор на монтажа, докажан професор и човек кој во својата кариера ги има добиено најпрестижните признанија и награди, потоа покојната Билјана Гарванлиева, која до последно работеше на адаптацијата на сценариото, македонска сценаристка и режисерка која во својот краток, но исклучително плоден работен век даде многу голем придонес во светот на филмот. Исто така костимите, особено оние што се користени во историскиот дел на филмот беа веќе дел од филм кој беше кандидат за Оскар од неанглиско говорно подрачје и беше омилен меѓу балканската публика. Актерската екипа, исто така беше составена од врвни професоналци, од старата докажана „гарда“ Петар Арсовски, Љупка Џундева, Славко Штимац, но и од млади актери кои се веќе препознатливи меѓу својата генерација. Оттука, останува нејасно кои тоа критериуми ние не сме ги задоволиле за нашата комисија, ако од друга страна, наградите во странство не изостануваат. Морам тука да го споменам и скромниот буџет што „Златна петорка“ го имаше на располагање, што беше дополнителен мотив за да се истера проектот до крај. Буџетот е добра основа за да реализирате добар производ, но тоа не е доволно за да направите цела фузија и да ги поврзете сите нишки за да ја добиете магијата наречена филм.

МАРИЛИ: Каков е Вашиот став околу филмската култура во Македонија? Има ли публика и каква е таа, со оглед на тоа дека освен во Скопје, во останатите градови има едвај по една кино сала, која, пред се, технички воопшто не е опремена за да може да одговори на технологијата со која денес се снимаат филмовите?
МИЛОШЕВСКИ: 
Ова прашање не може да добие еден универзален одговор кој можеме да го сметаме за точен. Сметам дека повеќе фактори се во игра. Прво, извесен период во Македонија како да се направи пресек во одењето на кино, се сеќавате многу кино–сали беа затворени, па цели генерации останаа без навиката да појдат навечер или за викенд со семејството или со пријателите да изгледаат филм. Потоа, откако се отворија кино-сали, во Скопје дури и по светски стандарди, луѓето почнаа да одат, но, некако цената на билетите не кореспондира со реалната финансиска моќ на гледачите. Не сметам дека цената на билетот е превисока, ако се земе предвид се што е потребно за да дојде до моментот кино–оператерот да го пушти филмот, туку едноставно, треба да се подобри стандардот за секој да може да си дозволи едно двочасовно уживање барем еднаш во две недели.

МАРИЛИ:Тешко ли е да се биде продуцент во Македонија? Има ли доволно финансии за да се направи навистина добар филм, дали треба државата да покаже повеќе слух за оваа дејност, или можеби е подобро воопшто да не се меша?
МИЛОШЕВСКИ: 
Не можам да кажам дека е тешко, повеќе го сметам тоа за предизвик. Ние сме мал пазар, па оттука произлегува и вистинската авантура да создадете производ којшто ќе биде на ниво на светските продукции, со таа разлика што ние немаме на располагање високи буџети. Навистина е потребно да се вложи голем труд, да се искористат сите знаења и ресурси за замислената идеја да биде реализирана на најдобар начин. Освен со сопствени средства, неизбежно е да се добие поддршката од Агенцијата за филм на РМ, а тука се и соработките со партнери од странство кои влегуваат како копродуценти со значаен удел во буџетот. Околу помошта од државата, таа е потребна, но, на начин којшто навистина ќе ги поддржи добрите проекти, со јасни, кристализирани и објективни критериуми при изборот на проект кој ќе ја добие поддршката, не смее да има селективност од било кој аспект. Само на тој начин квалитетот ќе исплива на површина.

МАРИЛИ: Може ли да се направи некаква споредба на филмската продукција на Македонија со таа во земјите од регионов, каде се наоѓаме?
МИЛОШЕВСКИ: 
Не може да се направи класична споредба, затоа што во земјите од регионот има закони за филмска дејност кои се разликуваат едни од други. Од она што досега сум го видел, можам да кажам дека нам повеќе ни недостига некаква организираност и сплотеност за да извадиме филмски проект којшто би ги достигнал највисоките успеси. Во Македонија има поединци кои се рамо до рамо со колегите од Балканот, во секој сегмент од филмската дејност. Наши актери работат на големи проекти во регионот, тука се вклучени и сценографи, композитори, режисери, продуценти. Како пример можам да го истакнам филмот „Устав на Република Хрватска“, во кој „Револушн“ беше копродуцент, а доби награди на фестивали од А категорија. Во него играше актерката Јелена Јованова Периќ, а музиката ја потпиша Дуке Бојаџиев. 
 

 

Содржината е прочитана 458 пати.