Бизнис вести

Конкурс за НБРМ за годишна награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банки и банкарски системи за 2018

Целта на наградата е стимулирање на развојот на научната мисла, а најдобриот труд ќе биде награден со 100.000 денари

понеделник, 09 октомври 2017

Народна банка на Република Македонија објави конкурс за доделување годишна награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банки и банкарски системи за 2018 година.

Целта на наградата е стимулирање на развојот на научната мисла, а најдобриот труд ќе биде награден со 100.000 денари. Одборот за оценување може да додели награда и за второрангираниот труд, во износ од 50.000 денари.

На конкурсот можат да учествуваат државјани на Македонија на возраст до 35 години, освен вработените во НБРМ и членовите на Советот на Народната банка.

Трудовите се поднесуваат на македонски или на англиски јазик, најдоцна до 1 февруари 2018 година. Tрудот треба задолжително да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. Трудот не смее да надминува 80.000 карактери со празните места (без фуснотите, прилозите, графиконите, табелите, апстрактот, библиографијата, анексите) и препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување.

Еден автор има право да поднесе само еден труд. На конкурсотможе да се конкурира и со трудови коишто веќе биле објавени, но не пред 1 јануари 2016 година. При поднесувањето на трудот, авторот треба да наведе кога и каде бил објавен трудот.

Трудовите се поднесуваат до Народната банка со назнака: „За Годишната награда на Народната банка на Република Македонија“, по електронски пат, во формат „word", на е-адресата: konkurs@nbrm.mk . Покрај трудот, авторот треба да достави и биографски податоци. Доставените трудови ќе имаат третман на материјали со доверлив карактер.

Изборот на најдобар труд го врши Одборот за оценување, кој се состои од тројца членови, од кои најмалку еден е лице кое не е вработено во НБМ. Гувернерот на Народната банка ги назначува претседателот и членовите на Одборот за оценување, со решение коешто ќе се објави на интернет-страницата на Народната банка.

Одборот за оценување го врши изборот на најдобар труд анонимно, преку вреднување на трудовите влезени во потесна конкуренција според следниве критериуми: релевантност на истражуваното подрачје за македонскиот случај, соодветност на освртот на литературата, јасност во дефинирањето на проблемот и целите на истражувањето, соодветност на описот на контекстот и информациите, соодветност на користениот статистичко-економетриски пристап, конзистентност и логичност на тезите и заклучоци и препораки и нивна соодветност.
 

Содржината е прочитана 193 пати.