Бизнис вести

Иницијатива „Еден појас, еден пат“ за улогата на човечкиот потенцијал ПН Во Охрид се одржува Трета конференција „Кина – Централна и Источна Европа“ на која се нудат можности за финансирање крупни инфраструктурни проекти во регионот

петок, 06 октомври 2017

Претставници од 15 држави од четири континенти присуствуваат на Третата конференција „Кина – Централна и Источна Европа“ посветена на улогата на човечкиот капитал во иницијативата „Еден појас, еден пат“, што се одржува во Охрид.

На отворањето на конференцијата, претседателот Ѓорге Иванов истакна дека Македонија, поради позитивното искуство од минатото сака да биде дел од новиот Пат на свилата заради што ја поддржува кинеската иницијатва „Еден појас, еден пат“, за која оцени дека придонесува кон мирот, просперитетот, отвореноста, иновацијата и поврзувањето меѓу цивилизациите.

„Само таму каде што има развиена патна инфраструктура, има развиена трговија и соработка. Свесни сме дека кога се гради нова инфраструктура се менува и географијата, а со менување на географијата се менува и иднината.

Инфраструктурните проекти во рамките на ‘Еден појас, еден пат’ ќе им овозможат на државите од Централна , Источна и Југоисточна Европа да бидат меѓусебно цврсто поврзани, со што ќе се зголеми компетитивноста на економиите од регионот за странски инвестиции. Тоа неповратно ќе ја промени географијата на регионот, ќе ги брише предрасудите и поделбите, ќе ја унапредува соработката и ќе ја гради европската иднина на сите држави во регионот“, нагласи Иванов.

Станува збор за мошне важна иницијатива, особено за Македонија, бидејќи „Еден појас, еден пат“ нуди можности за финансирање крупни инфраструктурни проекти во регионот што би придонеле за негов поголем економски развој.

„Се гради брза железница Будимпешта – Белград. Кинезите имаат и голем проект во пристаништето во Пиреја, а Македонија, како држава која географски се наоѓа меѓу тие две точки, има огромен потенцијал за економски бенефит.

Покрај инфраструктурата, уште поголеми се нејзините можности за развој на науката и образованието, а особено за туризмот. Тука сме во Охрид за кинеските претставници да можат непосредно да се уверат во туристичките потенцијали на Македонија, што би отворило можност за проекти во тие сфери“, рече професорот Матеуш Рашковиќ од Економскиот факултет во Љубљана.

Де-џун Цао, професор на Универзитетот за меѓународни финансии и економија во Сечуан укажа на потенцијалите што Македонија ги поседува како можност за воспоставување поинтензивна соработка со кинеското стопанство.

„Доколку кинеските туристи би знаеле колку е убаво ова место, сигурно би дошле тука. Имате прекрасно вино, но само со поголемо производство би можеле да задоволите дел од побарувачата на градот Чанду, кој има 16 милиони жители. Сирењето што го вкусив е најубавото што сум го пробал, но сметам дека понудата би можела да ја следи побарувачката на само тој кинески град. Овие неколку примери покажуваат на потребата од поинтензивна соработка на стопанствениците на двете земји во реализација на идни проекти од обостран интерес“, изјави Цао.

Проектот „Еден поја, еден пат“ во формат „16 плус еден“ што го спроведува Народна република Кина предвидува крупни финансиски механизми за кои преку кинески банки стојат на располагање повеќе од 50 милијарди долари за инфраструктурни и други проекти во регионот. Според експертите, за да се искористат дел од тие средства потребно е да се има осмислени и сериозни проекти кои би ги имале во предвид интересите на потенцијалните кинески партнери.

(Преземено од МИА)
 

Содржината е прочитана 206 пати.