Бизнис вести

Акциите на Комерцијална банка, „Алкалоид“ и на Стопанска банка АД Скопје најтргувани во септември

Најголем пораст во текот на септември забележаа акциите на Лотарија на Македонија, дури 347,76 проценти и заклучно со 30 септември 2017 година достигнаа просечна цена од 600 денари

петок, 06 октомври 2017

Акциите на Комерцијална банка, „Алкалоид“ и на Стопанска банка АД Скопје се најтргувани на официјалниот пазар на Македонската берза според месечниот статистички билтен на Берзата.

Акциите на Комерцијална банка учествуваат со 24,44 проценти во вкупниот промет на официјалниот пазар со реализирани 304 трансакции. Следуваат акциите на „Алкалоид“ со 257 трансакции и 22,28 проценти учество во вкупниот промет, додека 153 трансакции на Стопанска банка АД Скопје учествуваат со 9,94 проценти во вкупниот промет на Македонската берза.

Најголем пораст во текот на септември забележаа акциите на Лотарија на Македонија, дури 347,76 проценти и заклучно со 30 септември 2017 година достигнаа просечна цена од 600 денари. По нив следуваат акциите на „Попова Кула“ Демир Капија, со пораст на вредноста од 16,67 проценти и со просечна цена од 14 денари и акциите на „Алкалоид“ со пораст од 10,20 проценти и просечна цена од 7.537,89 денари.

Најголемо опаѓање имаат акциите на „Жито Лукс“ Скопје, дури 45 проценти, на Централна кооперативна банка 34,96 и на ЗК „Пелагонија“ 17,49 проценти.

Пазарната капитализација во септември достигна ниво од 138.581.446.822 денари, што е пад од 0,29 отсто. Прометот на Македонска берза имаше вредност од 304.497.424 денари, или 34,08 проценти. Во текот на септември се реализирани 1.557 трансакции, или пораст од 6,79 проценти. Индексот МБИ 10 се позиционираше на 2.688,66 поени, или 1,54 проценти пораст во однос на претходниот месец.
 

Содржината е прочитана 158 пати.