Бизнис вести

Американскиот нафтен бренд „Галф оил“ отвори прва бензинска станица во Македонија

Македонскиот пaртнер на американската компанија „Супертрејд“ планира да го зголеми бројот на продажните места на 25

четврток, 05 октомври 2017

Американскиот нафтен бренд „Галф оил“ влезе во Македонија. Најголемиот производител на нафта и нафтени деривати ја отвори првата бензинска станица во Скопје, а планира да ја прошири мрежата и во другите градови.

„Галф оил“ влегува како партнер на македонската компанија „Супертрејд“ која е еден од најголемите дистрибутери на горива во земјава.

„По долгогодишните анализи на пазарот кои ја покажаа потребата од дополнитeлни моторни горива, лубриканти, масла за автомобили и по петгодишна подготовка, од оваа година сме ексклузивни партнери на најголемата компанија за дистрибуција на моторни горива во Америка 'Галф оил'“, рече генералниот менаџер на „Супертрејд“, Владимир Стаиќ.

Тој додаде дека „Супертрејд“ е една од најголемите увозници на деривати во Македонија со дистрибуција на 120 милиони литри нафтени деривати до приватните бензински станици, приватни компании и државни институции. Од годинава ќе биде и најголем дистрибутер на масла што ќе ги дистрибуира преку 25 нови бензински станици.

Основачот на компанијата „Супертрејд“, Снежана Стаиќ потенцираше дека компанијата вложила многу во исполнувањето на строгите критериуми и стандарди што ги практикува американскиот партнер пред да стане негов дел.

Претставникот на „Галф оил“, Марио Дадони појасни дека компанијата има стогодишно искуство, но оти не застанува во иновативноста и воспоставувањето стандарди, висок квалитет и техничка извонредност на производите.

Македонскиот пазар е дел од планираното проширување на дистрибутивната мрежа на компанијата во светот.

„Планираме до 2020 година да станеме компанија која ќе се вброи во 10-те светски компании со највисока вредност, производство, профит и најуспешен бренд“, рече Дадони.

Македонија е втора земја на Балканот каде можат да се најдат производите на „Галф оил“. Денес компанијата е присутна во повеќе од 25 земји и вработува 70.000 луѓе. Првата бензиска станица ја отворила во САД во 1913 година.

 

 

Содржината е прочитана 193 пати.