Бизнис вести

Потпишан е анекс на договорот за автопатот Миладиновци – Штип

Анексот дозволува изградбата да биде пролонгирана најдоцна до 30 септември 2018 година. Договорено е Владата и кинескиот изведувач да не плаќаат пенали за пробивање на рокот

среда, 04 октомври 2017

Владата и кинеската градежна компанија „Синохидро“ потпишаа анекс на договорот за довршување на изградбата на автопатот Миладиновци – Штип. Со анексот,кинескиот изведувач се обврзува да ја заврши работата најдоцна до 30 септември 2018 година, додека „Македонија пат“ има рок до 15 февруари да отстрани неколку објекти од трасата како би можело да се работи непречено.

Владата и главниот изведувач се договориле да не плаќаат пенали за пробивање на терминот за изведба. Тоа значи дека продолжувањето на рокот за завршување на изградбата нема да има никакви финансиски импликации ниту врз буџетот на Македонија, ниту, пак, ќе се одрази на финансиската состојба на „Синохидро“.

Анексот на договорот го потпишаа вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, в.д. директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов и претставникот на „Синохидро“ во Македонија Фан Јанг.

До овој чекор дојде откако Парламентот ги усвои неопходните измени и дополнувања на Законот за изградба на двата автопати што ги гради кинеската компанија, Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.

Автопатот Миладоновци – Штип почна да се гради во февруари 2014 година. Делницата е долга 47 километри, има 5 вијадукти, еден армирано-бетонски мост над Пчиња, 5 подпатници и 7 клучки. Досега се завршени околу 75 проценти од предвидените арботи, иако целиот автопат требаше да биде комплетно изграден до 1 мај 2017 година. Проектот чини 206 милиони евра од кои 90 проценти се обезбедени со кредит од Ексим банката од Кина, а остатокот од македонската Влада.

Што се однесува до автопатот Кичево – Охрид, тука ситуацијата е далеку посложена. Реализацијата на овој проект е заглавена поради грешки во проектирањето. Поточно, надзорот на изградбата констатирал голема неусогласеност на проектната документација со реалната состојба на терен. Направени се грешки во проектирање на трасите, на косините на автопатот, а има проблеми и со тунелите, со дислокација на бројни објекти што се наоѓаат на трасата, како и со експропријација на земјиштето. Сето тоа, според првичните и нецелосни пресметки, ќе ја чини македонската Влада дополнителни најмалку 120 милиони евра.

Изградбата на автопатската делница Кичево – Охрид стартуваше на крајот на мај 2014 година и беше предвидено да заврши до јануари 2018 година. Моментално, реализирани се помалку од половина од работите. Се работи на исклучително тешка делница со должина од 57 километри на која треба да бидат изградени 8 потпорни ѕидови, 7 вијадукти и 4 армирано бетонски мостови, 6 надпатници и 13 подпатници, како и по еден тунел во секој правец со должина од два километри.

Проектот е „тежок“ 374 милиони евра, финансиран преку кредитно задолжување од кинеската Ексим банка. И тука главен изведувач е „Синохидро“. Но, имајќи ја во предвид моменталната фактичка состојба, повеќе од сигурно е дека сумата ќе биде надмината и ќе стигне до половина милијарда евра.

 

Содржината е прочитана 161 пати.