Бизнис вести

Предупредување од ММФ: Растечкиот долг на домаќинствата го зголемува ризикот од финансиска криза

Од финансиската криза во 2008до 2016 година долгот на домаќинствата забележал скок од нивото од 52 на 63 проценти од БДП во развиените економии

среда, 04 октомври 2017

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предупредува дека значително нараснатиот долг на домаќинствата го зголемува ризикот од финансиска криза на среден рок. Иако може да претставува брз поттик за економски раст, тоа воопшто не ја исклучува опасноста од избивање банкаркса криза.

Како што пренесува агенцијата „Франс прес“, истражувањето на водечките економисти на ММФ покажало дека од финансиската криза во 2008до 2016 година долгот на домаќинствата забележал скок од нивото од 52 на 63 проценти од БДП во развиените економии. Во земјите во развој овој долг е понизок, но,сепак, и тој пораснал и во истиот период скокнал од 15 на 21 процент од БДП.

„Повисокиот долг на домаќинствата е поврзан со поголема веројатност од избивање на банкарска криза, особено кога долгот е висок, како и со поголем ризик од пад на цените на акциите на банките“, се наведува во извештајот.

Задолжувањето им овозможува на домаќинствата купување разни стоки и услуги, што е добро во моментот, бидејќи ја зголемува потрошувачката и вработеноста и придонесува за економски раст. Но, после година или две, тој однос започнува да дава негативни ефекти, оценува ММФ.

Долгот на домаќинствата во САД во вториот квартал оваа година го проби преткризното ниво, достигнувајќи 12,8 милијарди долари, според податоците на њујоршкиот оддел на американската Управа на федерални резерви (ФЕД).

 

Содржината е прочитана 177 пати.