Бизнис вести

Во Источниот плански регион се реализирани 30 проекти за седум години

Вкупната вредност на проектите е 86.357.926 денари, од кои 6.342.344 денари се од кофинансирање од општините, кои беа партнери во проектите

среда, 04 октомври 2017

Вкупно 30 регионални проекти се реализирани во периодот од 2009 до 2016 година во Источниот плански регион.

Проектите се финансирани од Министерството за локална самоуправа преку Бирото за рамномерен регионален развој.

Директорката на Центарот за развој на Источниот плански регон, Драгица Здравева појасни дека вкупната вредност на проектите изнесува 86.357.926 денари, од кои 6.342.344 денари се од кофинансирање од општините, кои беа партнери во проектите.

„Средствата се поделени согласно коефициентот на степенот на развиеност на планските региони. Сите проекти се со различен буџет, во зависност од големината на проектот. Има проекти од три до 13 милиони денари“, вели Здравева.

Според неа, во изминатиов период се реализираат проекти во кои бенефит имаат три или повеќе општини од Истокот на државата. За девет години ниеден проект што бил доставен до Бирото за рамномерен регионален развој не бил негативно оценет. Реализирани се неколку инфраструктурни проекти, проекти во делот на турзимот за езерата, за Осоговските планини, Плачковица... Се очекува планските региони годинава да добијат двојно повеќе средства за проекти за регионален развој.

Здравева потенцира дека најновите анализи покажале дека Источниот е на трето место по развиеност, по Скопскиот и Југоисточниот регион.
 

Содржината е прочитана 170 пати.