Бизнис вести

„Џонсон Мети“ од Македонија во првите 100 компании со најголеми приходи во ЈИЕ за 2016 година

Комерцијална банка А.Д е рангирана на 45.место на листата најголеми банки во Југоисточна Европа, а „Триглав осигурување“ на 71. место меѓу 100 најголеми осигурителни компании

вторник, 03 октомври 2017

Компанијата „Џонскон Мети“ е единствената компанија од Македонија која е рангирана меѓу првите 100 компании со најголеми вкупни приходи за 2016 година во Југоисточна Европа. Во годинашното издание на „Топ 100 од Југоисточна Европа“, што го изработува „СиЊуз“ провајдерот на деловни информации, се наведува дека компанијата ги подобрила своите перформанси издигнувајќи се од 24 место во 2016 година на 17 место годинава, со 12 отсто во вкупниот приход.

Меѓу 100 најголеми банки во ЈИЕ се пет македонски кредитори, од кои Комерцијална банка А.Д. е рангирана на 45.место, додека од петте осигурителни компании од Македонија, како дел од 100-те најголеми „Триглав осигурување“ е рангирана на 71.место.

„СиЊуз“ веќе 10 години објавува годишно рангирање на 100 компании со најголеми годишни вкупни приходи, на први 100 најголеми банки по вкупна актива и на најголеми 100 осигурителни компании по бруто премии во Југоисточна Европа.

Во извештајот се наведува дека растот на домашната побарувачка во услови на историски ниска инфалција и зголемување на приватните инвестиции и вработувања продолжија да го водат економскиот раст во ЈИЕ во 2016 година.

„Економските поттикнувачки фактори беа од корист за повеќето трговци и произведувачи на возила – двете индустрии кои се најчувствителни на промени во расположивиот доход, како и на потрошувачкото расположение.

Истовремено, големите нафтени и гасни компании, кои традиционално доминираат во рангирањето на најголемите компании во регионот, продолжија да работат со загуби, што влијаеше на вкупниот приход на учесниците на „Топ 100 од ЈИЕ“ листата. Комбинираната нето добивка на стоте најголеми компании се зголеми за 39 проценти во споредба со профитот на минатогодишните учесници во рангирањето“, стои во извештајот.
 

Содржината е прочитана 163 пати.