Бизнис вести

Брз поврат на ДДВ бараат малите и средни претпријатија

Стопанската комора на Македонија ги презентираше предлог-иницијативите за подобрување на бизнис регулативата

понеделник, 02 октомври 2017

Брзо, целосно и безусловно враќање на ДДВ-то, намалување на глобите и укинување на двојните казни и за правните и за одговорните лица, како и законско регулирање на практиканството, ангажирањето невработени лица, на пробното работење. Ова го бараат микро, малите и средните претпријатија како решение на дел од бројните проблеми со кои се соочуваат при работењето.

Стопанската комора на Македонија ги презентираше предлог-иницијативите за подобрување на бизнис регулативата, кои се резултат на одржаните 18 информативни настани со компаниите на кои се идентификувани бројни барања за усогласување, промена, или имплементација на одредени закони. Информативните настани се реализирани во рамки на проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“.

„Компаниите немаат толку голем проблем со законите, колку со нивното различно толкување од страна на цариниците. Се жалат дека царинските службени често постапуваат субјективно и непрофесионално“, рече Павлина Димовска, адвокат и советник за регулатива во рамки на УСАИД проектот и нагласи дека поради ова, компаниите бараат да биде донесен етички кодекс за царинско работење.

Анкетатата е спроведена во период од декември 2016 до јануари 2017 година на микро мали и средни претпријатија од текстилната индустрија, градежништвото, земјоделството и ИКТ-секторот. Притоа се детектирани вкупно 60 проблеми, од кои 27 се веќе разработени, а за некои има и иницијативи за нивно надминување преку законски измени.

 

Содржината е прочитана 174 пати.