Бизнис вести

Охридско Езеро порибено со 100.000 единки подмладок охридска пастрмка

Предвидено е Езерoто да биде порибено со вкупно 2,5 милиони единки од овој ендемичен вид

петок, 29 септември 2017

Охридското Езеро е порибено со 100.000 единки подмладок охридска пастрмка. Пастрмката е на возраст од шест до девет месеци, има тежина од три грама и должина до седум сантиметри.

Активноста што ја спроведува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со Хидробиолошкиот завод од Охрид и Државниот инспекторат за земјоделство е започната на 11 септември и предвидува порибување на Езерото со вкупно 2,5 милиони единки ендемичен вид охридска пастрмка. За таа цел во Програмата за финансиска поддршка на рибарство и аквакултура се предвидени средства во висина од 10 милиони денари. Паралелно со овие активности од македонска страна, се врши порибување на Охридското Езеро и од албанска страна.

Потребната количина порибен материјал за порибувањето е утврдена со риболовната основа на Охридското Езеро, која предвидува порибувањето за периодот 2017-2022 година да се врши со два милиони единки охридска пастрмка секоја година.

Ресорното Министерство, согласно Законот спроведува редовни порибувања на отворените риболовни води, за што во годишните Програми се обезбедени средства за изведување вештачки мрест. Акцентот се става на природните езера, особено на Охридското, пред се, заради зачувување на ендемскиот вид на охридската пастрмка. За годинашната Програма за рибарство и аквакултура е предвидена вкупна финансиска поддршка од 90 милиони денари.
 

Содржината е прочитана 157 пати.