Бизнис вести

Банките со намалена активност, се очекува раст на каматите

Во првиот квартал од годинава растело кредитирањето на населението наспроти намалената поддршка на корпоративниот сектор

петок, 29 септември 2017

Историски ниското ниво на каматните стапки во светски рамки придонесе за акумулирање вишок ликвидни средства, што се потешко се одржува, па за да ја намали ликвидноста мора да се зголемат каматите.

Намалена активност на банките за 1,6 отсто во првиот квартал од годинава покажа извештајот на Народната банка на Македонија. Додека растело кредитирањето на населението, се намалувала поддршката на корпоративниот сектор.

„Депозитите од домаќинствата пораснаа за минимални 0,2 отсто. Кредитната активност на банките се намали при пад на кредитната поддршка на компаниите и раст на домаќинствата“, се вели во соопштението од НБРМ.

На падот на активноста влијале вообичаени сезонски фактори, но и забавената економска активност и ризиците од домашните политички случувања.

Од централната банка сметаат дека и покрај тоа, македонските банки се стабилни. Во првото тримесечие нивната добивка имала стапка на раст од над 9 проценти споредено со истиот период лани.

„Сепак, во услови на задржување на оцените за стабилност на темелите на домашната економија, очекувањата на економските субјекти и натаму видливо и постојано се стабилизираа, што овозможи во јануари и во февруари 2017 година НБМ да продолжи со нормализација на монетарната политика“, стои во соопштението.

Но, се чини дека македонските банки наскоро ќе ги зафати процес на намалување на ликвидноста, кој веќе почнува да се чувствува на глобалниот финансиски пазар поради вишокот ликвидни средства. Историски ниското ниво на каматните стапки во светски рамки, што придонесе за кумулирње вишок ликвидни средства, се потешко се одржува, па Европската централна банка почнува да влече потези за да ја намали ликвидноста, што значи зголемување на каматите.

„Во првите три месеци од годинава, ликвидните средства на банките бележат умерено намалување, што во еден дел е последица на факторите на сезонското влијание, но во еден дел произлезе и од натамошното влијание од домашната политичка состојба врз изворите на финансирање, особено врз депозитите на нефинансиските субјекти.

Најголемо намалување бележат краткорочните девизни средства во странски банки, а во нешто помал обем се намалуваат и пласманите на банките во државни записи. И покрај овие движења, показателите за ликвидноста останаа на стабилно и задоволително ниво. Ликвидните средства учествуваат со над 30 проценти во активата на бакарскиот систем и истовремено покриваат околу 53 отсто од вкупните краткорочни обврски и околу 58 отсто од вкупните депозити од домаќинства“, се појаснува од НБМ.

Банкарите во Македонија предвидуваат дека каматните стапки ќе почнат да растат постепено. Велат дека тоа ќе се одвива прво на меѓунардоните финансиски пазари, што неминовно ќе се одрази и кај нас. Сметаат дека се работи за долгорочен процес кој ќе се пренесе и во Македонија.

„Тоа ќе оди координирано и без поголеми шокови за приватниот сектор. Македонија, како мала економија не може да влијае, па тоа што се случува во светски рамки ќе мора да се пренесе и во земјава. Долгорочно, не значи дека ќе има некои брзи промени, но такви се предвидувањата, почнувајќи од крајот на 2018 година на светско ниво“, вели првиот човек на Шпаркасе банка, Глигор Бишев.

Домашните бизнисмени, пак, имаат малку поинакви размислувања. Се согласуваат дека каматите во светски рамки беа на историски најниско ниво, но велат дека тоа не е баш така и во Македонија. Сметаат дека најголем виновник за тоа е државата која и во изминатиот период, а и сега продолжува да се задолжува на домашниот пазар, што им дава простор на банките да не мораат да даваат кредити на стопанството. Велат дека е сосема нормално банките да посакуват раст на каматите, бидејќи токму оттаму остваруваат големи профити. Затоа и очекуваат токму државата да преземе конкретни чекори и конечно да ѝ стави крај на повластената позиција што ја имаат банките во Македонија во однос на бизнисот.

Но, и бизнисмените се со став дека кога-тогаш каматите ќе почнат да растат, иако и тие не очекуваат тоа да се случи во наредната година.
 

Содржината е прочитана 172 пати.