Бизнис вести

Прилепскиот тутунски комбинат најави нови инвестиции заедно со „Филип Морис“

Комбинатот обезбеди пари за исплата на над два милиони килограми тутун од кооперантите

четврток, 28 септември 2017

Тутунскиот комбинат од Прилеп обезбеди пари за исплата на преку два милиони килограми тутун од своите кооперанти. Ова го рече генералниот директор на комбинатот, Кирил Станковски и притоа најави проширување на производството на цигари, нови инвестиции во фабриката и продлабочување на соработката со стратегискиот партнер „Филип Морис“.

Првиот човек на прилепскиот комбинат кажа дека во посета е висока делегација од „Филип Морис“ предводена од директорот на Европа за тутунска суровина и оперативниот директор за Југоисточна Европа, со кои се водат преговори во два сегменти – откуп на тутун и производство на цигари.

„ Со ‘Филип Морис’ се преговара за купопродажба на над два милиони килограми тутун од годинашната реколта за кои Комбинатот има обезбедено средства за исплата на кооперантите. Со ова кооперантите треба да бидат спокојни и непречно да се подготвуваат за претстојниот откуп“, рече Станкоски.

Во делот на производството, тој потенцираше дека наскоро асортиманот ќе биде зголемен со нова палета производи, односно видови цигари, за што „Филип Морис“ веќе инсталирал нова машина в погонот на фабриката за цигари.

Истовремено почнуваат и нови инвестициски проекти кои се очекува да обезбедат здрава средина за работа и ќе гарантираат квалитетни производи.

„За околу 60.000 евра ќе се покрива целиот погон со пластифицирани материјали, онака како што наложуваат стандардите на ‘Филип Морис’ за производство на цигари“, рече директорот Станкоски.
 

Содржината е прочитана 220 пати.