Бизнис вести

Од следното лето директна авионска линија од Естонија до Охрид

вторник, 26 септември 2017

Естонската авиокомпанија „Нордика“ од наредната туристичка сезона ќе воспостави директна авионска линија на релација Талин - Охрид – Талин.

ТАВ Македонија, кој стопанисува со двата македонски аеродрома, денеска соопшти дека по успешните преговори што ги водел маркетинг-одделот на ТАВ Аеродроми од Истанбул, естонскиот авиопревозник ја потврдил одлуката за почеток на летови за Македонија.

Според најавите на авиопревозникот, летот од Охрид до Талин ќе трае три часа. Билетите се пуштени во продажба од денеска со цени кои почнуваат од 99,90 евра.

- Со сезонските летови на линијата Талин – Охрид – Талин, „Нордика“ еднаш седмично во периодот од 1 јуни до 15 септември ќе носи туристи од Естонија во Македонија. Очекуваме дека со овие летови во текот на следното лето над 2.500 патници од Естонија да пристигнат на охридскиот аеродром, изјави Алпер Ерсој, генералниот директор на „ТАВ Македонија“.

Тој оценува дека со воспоставувањето на директна авиолинија до Талин се отвора сосема нов пазар за патници на охридскиот аеродром, што ќе биде од бенефит не само за аеродромот, туку и за целата туристичка заедница.

Извршниот директор за развој на бизнисот во „Нордика“, Свен Кукемелк оценува дека преку новиот лет се промовира Охрид кај естонските туристи како најпопуларна дестинација за одмор во Македонија.

- На нашите клиенти сакаме да им понудиме и алтернативни дестинации, различни и возбудливи дестинации за одмор кои на естонските граѓани ќе им овозможат да уживаат во откритието и во локалните цени кои овозможуваат комплетно уживање во летниот одмор. Многу луѓе ги посетиле Париз и Рим, но Македонија со нејзината фантастична природа и култура дефинитивно вреди да се посети. Кога избираме некоја нова дестинација, многу внимаваме и на тоа патниците преку неа да може да посетат уште неколку други земји во исто време, истакна Кукемелк.

„Нордика“ е националниот авиопревозник на Естонија и нуди голем број летови од Талин до различни европски дестинации. Во соработка со партнерските авиопревозници нуди врзани летови до повеќе од 140 дестинации во светот.

Талин ќе биде петтата дестинација до која „ТАВ“ воведува чартер-летови од охридскиот аеродром во изминатите две години, покрај веќе посточките за Катовице, Белград, Тел Авив и Брисел. Податоците покажуваат дека „ТАВ Македонија“ во првите осум месеци на тековната година бележи десетпроцентно зголемување на бројот на опслужени патници на аеродромите во Скопје и Охрид. Во истиот период бројот на реализирани летови е зголемен за 18 отсто.

(Преземено од МИА) 

Содржината е прочитана 192 пати.