Бизнис вести

Ништо не се менува во управувањето со рудникот „Саса“, нема отпуштања на рудари

Нема да има промена на управувачката структура на рудникот „Саса“ од Македонска Каменица, ниту, пак, ќе има отпуштања на работници

вторник, 26 септември 2017

Нема да има промена на управувачката структура на рудникот „Саса“ од Македонска Каменица, ниту, пак, ќе има отпуштања на работници. Откако казахстанскиот производител на бакар „Централ Азија Металс ПЛЦ“ ги информирал своите акционери дека ја прифатил понудата за купување на македонскиот рудник за 402,5 милиони долари, директорот за инвестиции во „Саса“, Максим Прохоров појасни дека компанијата „Линкс ресурсис“ останува единствен учесник во правното лице Рудник Саса Дооел, а се менува само главниот инвеститор.

Претседателот, пак, на Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство (СИЕР), Пеце Ристовски изјави дека со купувањето на рудникот не се менува ништо во делот којшто се однесува на работниците.

„Нема отпуштања, во делот на работниците не се менува ништо. Новиот сопственик го купува рудникот за да работи“, рече Ристовски.

Компанијата „Линкс ресурсис“ го презема управувачкиот пакет во „Саса“ откако во 2015 година рускиот инвеститор „Солвеј“ се повлече од македонскиот рудник.

Лондонски „Фајненшл Тамјс“ деновиве објави дека компанијата „Централ Азија Металс ПЛЦ“ од Казахстан постигнала договор со сегашнот сопственик на „Саса“, „Орион Ко-Инвестментс енд Фјужн Капитал“ за откупување на рудникот заедно со активата и долговите. Според извршниот директор на казахстанската компанија, Ник Кларк, оваа купопродажба ќе обезбеди долгорочно производство на метали со ниски трошоци што се очекува да генерира позитивни финансиски приливи во компанијата. 
 

Содржината е прочитана 165 пати.