Бизнис вести

Се подготвуваат законски измени за донирање на вишокот храна

Државата со законски измени ќе го регулира фрлањето вишок храна, со што наместо да завршува во отпад, остатокот од храната ќе се донира

вторник, 26 септември 2017

Државата со законски измени ќе го регулира фрлањето вишок храна, со што наместо да завршува во отпад, остатокот од храната ќе се донира. Во Македонија се фрла помеѓу 4.500 и 6.500 тони храна годишно, количина со која може да се хранат 13.000 луѓе три пати дневно. Тоа, со други зборови значи дека во отпад завршуваат меѓу 8 и 11,6 милиони евра. Наспроти тоа, околу 445.000 граѓани имаат проблем да обезбедат храна и, во просек, имаат само по еден оброк во денот. Овие бројки ја ставаат Македонија на седмо место на листата земји во светот каде храната најмногу се фрла.

Иницијативата што ја водат граѓанските организации да се преземат мерки за надминување на проблемот со вишокот храна и тоа да се стави во законски рамки, е поддржана како од бизнис секторот, така и од коморите и Владата, па веќе е формирана работна група која работи на текстот на предлог-законот.

Со измените најпрвин ќе бидат опфатени маркетите, добавувачите и производителите, а потоа ќе следуваат рестораните, кетеринг службите и домаќинствата. Се предвидува бизнисмените да бидат ослободени од плаќање на данокот на додадена вредност за храната што ќе ја донираат, како и од кривична одговорност при евентуални незгоди доколку доследно ги почитуваат првилата за безбедна храна. Токму законските пречки околу одговороста од несакани последици и даночните проблеми се дел од причините за фрлање на храната, поради што и се бара воведување поедноставна процедура за даночни поттикнувања, изготвување владина програма за поддршка на граѓанските организации кои ќе ја дистрибуираат храната, да се направи список на храна којашто може да се донира и друго.

Првата земја во светот која го има регулирано фрлањето храна е Франција. На проблемот се работи и во Велика Бритканија, каде годишно се фрлаат по околу 15 милиони тони. Од регионот, засега единствено Хрватска има преземено нешто на тоа поле и има донесено правилник за донирање на вишокот храна од маркетите. Во Европската унија отпадот од храна достигнува до 100 милиони тони годишно.
 

Содржината е прочитана 184 пати.