Интервјуа

Интервју со госпоѓа Смилка Јанеска-Саркањац, генерален менаџер на „Медиа Солушнс“

Вообичаено сценарио за една мала или средна компанија во Македонија е следново: откако ќе станат свесни дека ако ги нема на интернет е исто како да не постојат во реалниот свет, одлучуваат да преземат нешто во таа насока. Некои од нив сметаат дека можат и сами и одлучуваат да одат само на Фејсбук. Јазикот, стилот, содржината се сосема несоодветни и пренесуваат лоша порака за компанијата. Некои компании само ги копираат текстовите од флаерите, но тој јазик е несоодветен, премногу стерилен за Фејсбук. Други, пак, пишуваат латиница, со јазични и печатни грешки, не одговараат на коментарите на клиентите или несоодветно одговараат, така што повторно си нанесуваат штета наместо да го подобрат имиџот на компанијата. Не знаат кои се алгоритмите на Фејсбук, најчесто не ги разбираат доволнo метриките од една Фејсбук-кампања. Тука сме ние како дигитална агенција, со нашите вработени и соработници што долги години се на Фејсбук, на Твитер, како уредувачи на страници и како влијателни на овие социјални мрежи и имаме големо искуство и знаеме добро како и што треба да се поставува на социјалните мрежи

понеделник, 25 септември 2017

МАРИЛИ: Госпоѓа Јанеска-Саркањац, кажете ни од кога постои дигиталната маркетинг-агенција „Медиа Солушнс“ и која е нејзината основна цел што е насочена кон современиот потрошувач?
ЈАНЕСКА-САРКАЊАЦ:
Агенцијата за дигитален маркетинг „Медиа Солушнс“ е основана во 2010 година и таа нуди целосно портфолио на услуги од областа на дигитален маркетинг за македонските компании што бараат нови клиенти и кои се стремат да го развиваат бизнисот. „Медиа Солушнс“ нуди широк спектар на услуги на полето на дигиталниот маркетинг, почнувајќи од стратегии за интернет- маркетинг, комуникациски планови до креирање рекламни кампањи преку повеќе канали на интернет. Освен споменатите, други главни услуги на „Медиа Солушнс“ се:
• Централизиран менаџмент на имиџ-кампањи на голем број македонски веб-страници;
• Поставување, таргетирање и мерење на успехот и на ефектот на интернет-кампањите;
• Централизиран менаџмент на реклами pay-per-click преку платформата KeepAnEye;
• Изработување и одржување на Фејсбук-страници;
• Генерирање содржини и стручна помош во платеното рекламирање на Фејсбук;
• Зголемување на базата на фанови на Фејсбук;
• Платено рекламирање Google AdWords;
• Рекламирање преку Google Display Network;
• Рекламирање на YouTube.

Ад серверот KeepAnEye е оригинален софтвер развиен од „Медиа Солушнс“ во соработка со партнерската компанија „Асидус“. KeepAnEye опфаќа мрежа од повеќе од 80 веб-страници во Македонија. Главна предност на оваа ад платформа е широко развиената мрежа преку која нашите клиенти имаат пристап до над 70% од интернет-посетителите во Македонија, а тоа се повеќе од еден милион потенцијални потрошувачи. Понатаму, банерите на KeepAnEye се наоѓаат на втората страница на сајтовите, под текстот, така што интернет-посетителите гледаат на нив како на природни препораки, а не како на реклами, им веруваат и ги кликаат ако се заинтересирани за конкретна понуда. Ова се продажно насочени креативи што нудат конкретен производ или услуга, нудат специјални промоции и привлекуваат внимание со фотографијата и со текстот. Предност на овој маркетинг-канал, исто така, е тоа што наплатата не се врши според импресии, туку на кликање, а тоа значи дека нашите клиенти плаќаат само ако некој навистина се заинтересира за понудата и кликне на неа за да се информира дополнително или за да купи, но не само ако ја види рекламата. Ова својство, во комбинација со ниската цена на овој вид интернет-реклами, ја прави оваа платформа погодна и за најмалите бизниси - мали дуќани од соседството, зарзаватчилници, фризерски салони - секој може да си го дозволи тој буџет и да го развива својот бизнис. Повеќе стотини наши клиенти ја користеле платформата KeepAnEye и почувствувале ефекти во својата продажба.
Друга предност на платформата KeepAnEye е тоа што приходите одат во домашни компании, односно во македонските веб-страници, а не во светските гиганти Фејсбук или Гугл. На овој начин инвестициите во маркетингот ја подобруваат продажбата на домашните компании и го подобруваат квалитетот на домашните веб-страници, а тоа е многу важно за мала земја како што е Македонија.
„Медиа Солушнс“ е сертифицирана компанија за AdWords и GDN што работи директно со Гугл. Преку овие мрежи на Гугл ние можеме за нашите клиенти да поставуваме прецизно демографски и бихевиорално таргетирани реклами на над два милиона светски веб-страници, меѓу кои и Google.com, Youtube.com, NYTimes.com, FoxNews.com, Accuweather.com, 9gag.com и регионалните blic.rs, index.hr, rezultati.com и уште многу, многу други. Овие реклами, иако поставени на светските и на регионалните веб-страници, им се прикажуваат исклучително на интернет- корисниците од Македонија бидејќи пазарот на кој работиме ние и нашите клиенти е македонскиот. Преку мрежите на Гугл ја нудиме и опцијата ремаркетинг, односно ако интернет- посетителот дојде на веб-страницата на наш клиент, разгледува определен производ и не го нарача, потоа како што сурфа на интернет, го следат рекламите за тој конкретен производ.
„Медиа Солушнс“ е дел од програмата Facebook Go преку која менаџираше и оптимизираше повеќе кампањи за македонски клиенти со директна помош од стручњаци од Фејсбук. „Медиа Солушнс“ соработува со глобалната компанија Salesforce користејќи ја нејзината платформа за следење на социјалните мрежи Radian 6. „Медиа Солушнс“ e официјален претставник на Gemius SA Poland за Македонија. Gemius е водечка компанија во областа на интернет-мерењето и консултантството во регионот Европа, Среден Исток и Азија.
Македонските менаџери не се доволно информирани за можностите што ги нуди дигиталниот маркетинг, за ласерски точното таргетирање на нивниот целен сегмент, исто толку точните метрики за досегот на рекламата, бројот на прикажувања, бројот на кликови, бројот и социодемографската структура на реалните интернет-корисници на кампањата и многу други прецизни метрики што не се достапни во другите медиуми, а кои овозможуваат да се допре до вистинските или до потенцијалните клиенти.

МАРИЛИ: Според Вашите сознанија, какво е влијанието на интернет-маркетингот во нашата земја и колку и какви креативни агенции успешно се вклучени во овие процеси?
ЈАНЕСКА-САРКАЊАЦ:
Интернет-маркетинг индустријата во Македонија е недоволно развиена во споредба со развиените земји, дури и во споредба со земјите во регионот според сите можни параметри - како апсолутна вредност на буџетот (два-три милиони евра распределени на стотици веб-страници и десетици маркетинг-агенции); како дел од вкупниот маркетинг-колач во споредба со другите медиуми (едноцифрен процент од вкупниот медија-колач за разлика од развиените земји каде што е половина или повеќе од половина од вкупните трошоци за медиумите); како понуда на банери на македонските веб-страници и како содржина на креативите - интересни и привлечни креативи прикажани на македонските веб-страници.
Прво, да ви го опишам пазарот за дигитален маркетинг во Македонија. Постојат три главни видови играчи на пазарот: големите традиционални маркетинг-агенции; агенциите за дигитален маркетинг и самите веб-страници.
Традиционалните маркетинг-агенции работат за големите македонски и меѓународни компании. Тие имаат дигитални оддели или одделни дигитални компании што работат за исти клиенти како и агенцијата. Тие го комбинираат традиционалниот и дигиталниот маркетинг и вообичаено работат големи и скапи кампањи за големи клиенти.
Вториот тип конкуренти на „Медиа Солушнс“ се мали нови дигитални агенции. Тие се натпреваруваат на пазарот на малите и на средните претпријатија, се обидуваат да ги привлечат компаниите што не соработуваат со традиционалните маркетинг-агенции. Тие обично работат на Фејсбук за своите клиенти; мал дел од нив работат со Гугл или со Твитер. Една или две од нив развиваат апликации на Фејсбук, организираат наградни игри за своите клиенти.
Поради недоволно развиениот интернет-пазар, веб-страниците не добиваат доволно средства за финансирање на своето работење (тоа е и главна причина за нискиот квалитет на најголем број веб-страници во Македонија) и своите банери им ги продаваат директно на клиенти. Во иднина, кога интернет-индустријата ќе влезе во фаза на зрелост во Македонија, повеќето веб-страници би требало да ја работат својата основна дејност и продажбата на маркетинг-просторот да им ја препуштат на маркетинг-агенциите.
Традиционалните маркетинг-агенции во Македонија имаат доминантна позиција на пазарот на рекламирање. Ова особено се однесува на поголемите и на странските компании. Малите и средните претпријатија не можат да си ги дозволат услугите на овие големи маркетинг-агенции ниту, пак, кампањите на премиум имиџ-банерите на водечките веб-страници во Македонија. За да го надминат ова, малите компании вообичаено креираат и водат свои Фејсбук-страници. Притоа, квалитетот на комуникација е типично многу низок и нема релевантни фидбек-информации од пазарот.
Но очекуваме дека Македонија нема да ги избегне глобалните трендови на онлајн-миграцијата на маркетинг-услугите. Се зголемува свесноста на македонските компании за предностите на интернет-маркетингот и тие ќе бараат стручни лица и компании да го водат овој важен дел од нивното работење. Маркетинг-теоретичарите тврдат дека за кратко време нема да постои кованицата дигитален маркетинг, туку за маркетингот ќе се подразбира дека е дигитален.
Ние во „Медиа Солушнс“ работиме на тоа да се зголеми свеста кај македонските компании за предностите на дигиталниот маркетинг. Конкурентска предност на „Медиа Солушнс“ е во тоа што има моќни софтверски платформи и знаење како ефективно да ги користи. Нам технологијата ни е блиска и го говориме дигиталниот јазик.

МАРИЛИ: Вие го организирате и натпреварот „Сајт на годината“ за изработка на најдобри веб-страници. Колку долго го организирате овој настан и какви се вашите искуства од него?
ЈАНЕСКА-САРКАЊАЦ:
Манифестацијата „Сајт на годината“ ја организираме од 2010 година и оваа година ќе се одржи осми пат. Преку неа сакаме да им оддадеме признание на професионалците и на ентузујастите од интернет-просторот во Македонија, ова мало делче од светскиот интернет-океан во кое минуваме добар дел од нашето време, а со тоа да помогнеме и да се зголемат стандардите и да се подобри квалитетот.
Изборот на „Сајт на годината“ се одвива на следниов начин: сопствениците или вработените во сајтовите или нивните посетители го номинираат сајтот на специјализираната веб-страница Sajtnagodinata.mk, а потоа неколку десетици илјади интернет-посетители се регистрираат со својата е-адреса и гласаат за своите омилени сајтови во дваесетина категории. Жири-комисијата, која е во различен состав секоја година, но во која членуваат луѓе што се експерти од различни области поврзани со интернет - дизајнери, програмери, новинари или писатели, луѓе од маркетинг-индустријата, уметници - тие најмногу се потпираат на гласовите од публиката, но додаваат или одземаат нешто свое, на крајот ги прогласува победниците. Сајтовите победници се гордеат со својот успех и иако нема парични награди, сепак, ги позиционираат победничките беџови на највидливите места на своите сајтови и таму ги чуваат со години. Ние се потпираме на оцената на читателите и сметаме дека ваков демократски пристап е најправилен и го негуваме и секоја година го подобруваме.
Како и на сите натпревари, понекогаш има реакции, но ние сметаме дека комбинацијата од квалитет, популарност и понекогаш лобирање до некој степен е добра комбинација. Најмногу реакции имаме за категоријата што ја воведовме пред две години - најпопуларна Фејсбук фан- страница, профили или група - но, според нашето мислење, тоа е резултат на ниското ниво на комуникација на Фејсбук - многу големи количини хејтање, тролање, говор на омраза, дури и прикриено рекетарство - и можеби годинава ќе ја укинеме оваа категорија. Нашата идеја е да го направиме нашиот интернет-простор поубав, а не погрд.

МАРИЛИ: Вие сте врвен експерт во ИТ-технологии. Кажете ни каде сте биле ангажирани во делот на информатичките науки, имајќи ја предвид Вашата докторска дисертација, а што Ве прави и компетентна за примена на информациски и комуникациски технологии за развој?
ЈАНЕСКА-САРКАЊАЦ:
По професија сум инженер по електротехника, информатичар. Дваесет години од мојата кариера работев како информатичар во неколку компании во Македонија - од програмер, бизнис- аналитичар, водач на тим за апликативен софтвер, па до директор на сектор за информатика во една македонска компанија. Работејќи се соочив со неколку големи проблеми што не знаев како се решаваат. Прво, иако информатичарите во компаниите во Македонија учеле во елитни училишта, имаат голем капацитет, вештини и знаења, ги знаат процесите однатре, сепак, не се вреднувани внатре во компаниите, департманот за информатика е на ниво на кој било друг услужен департман, на пример, како чистење и одржување. Информациската технологија и информациските системи, следствено на тоа, не се користат стратегиски и не се искористени потенцијалите што може да ги понудат. Кај нас ако користите информациска технологија најчесто значи двојно повеќе работа - и на компјутер и на хартија, а не двојно помалку, како што е во развиените компании. И ова се однесува и на приватниот и на јавниот сектор.
Одговори на овие прашања побарав така што се запишав на постдипломски студии на Економскиот факултет, на насоката МБА-менаџмент, ги наоѓав патоказите што водат кон подобра компанија, подобра држава, подобро општество, секако со алатките што ми се блиски - информациската технологија. Студиите ми отворија нови перспективи - видов дека уживам во истражувањата. Мојот магистерски труд беше на тема како информациската технологија да се користи стратегиски, за да може компанијата со нејзина помош поефикасно да работи и да победи на пазарот. Продолжив и понатаму, па докторирав на темата е-управување, односно примена на информациските технологии во развој на државата - тука се занимавав со прашањето како овие технологии да станат генератор на економскиот раст, како да помогнат да имаме поубав живот во поубава држава.
Оттогаш работев како консултант на неколку проекти финансирани од Европската Унија и од Светска банка, на важни области, како што е воспоставувањето департмани за информатика во новите државни институции или, пак, воспоставување системи за интероперабилност, каде што можев да ги применам моето искуство и моето знаење добиени од истражувањата.
Моето докторирање се совпадна со формирањето на ФИНКИ, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, па горда сум што станав дел од тимот на ФИНКИ. Денес таму предавам за области што се наоѓаат меѓу информациските технологии и бизнисот: бизнис, менаџмент, маркетинг, е-влада. На овие предмети имам и повеќе од 1.000 студенти годишно и горда сум на нив. Дел од нив се најдобри студенти на постдипломските студии во странство, некои стекнуваат искуства работејќи во Facebook, Google и во многу други технолошки гиганти. И се надевам дека сите тие ќе работат во македонските компании, ќе формираат свои и ќе ја направат Македонија поубаво место за живеење.

МАРИЛИ: Какви се заблудите во нашата средина за знаењата во областа на интернет-маркетингот и колку е потребна стручност, но и практично искуство за да се постигнат вистински резултати во оваа област?
ЈАНЕСКА-САРКАЊАЦ:
Вообичаено сценарио за една мала или средна компанија во Македонија е следново: откако ќе станат свесни дека ако ги нема на интернет е исто како да не постојат во реалниот свет, одлучуваат да преземат нешто во таа насока. Откако ќе ги дознаат цените на големите агенции, се откажуваат од таа патека и бараат понуда од нас. Некои од нив сметаат дека можат и сами (колку може тоа да биде тешко) и одлучуваат да одат само на Фејсбук. Понекогаш се случува и десетгодишниот син на сопственикот да ја води Фејсбук-страницата на компанијата („моето дете знае Фејсбук, зошто да ѝ давам пари на некоја агенција“). Како што претпоставувате, резултатите се катастрофални. Јазикот, стилот, содржината се сосема несоодветни и пренесуваат лоша порака за компанијата. Некои компании само ги копираат текстовите од флаерите, но тој јазик е несоодветен, премногу стерилен за Фејсбук. Други, пак, пишуваат латиница, со јазични и печатни грешки, не одговараат на коментарите на клиентите или несоодветно одговараат, така што повторно си нанесуваат штета наместо да го подобрат имиџот на компанијата. Не знаат кои се алгоритмите на Фејсбук, најчесто не ги разбираат доволнo метриките од една Фејсбук-кампања. Тука сме ние како дигитална агенција, со нашите вработени и соработници што долги години се на Фејсбук, на Твитер, како уредувачи на страници и како влијателни на овие социјални мрежи и имаме големо искуство и знаеме добро како и што треба да се поставува на социјалните мрежи.


МАРИЛИ: Колку на денешниот потрошувач може да му се пласира приказна што е комбинација од реалниот и од виртуелниот свет за да му се претстави еден домашен бренд?
ЈАНЕСКА-САРКАЊАЦ:
Јас сум фасцинирана од играта Pokemon Go затоа што мислам дека тоа е насоката за развој што има огромен потенцијал, augmented reality или збогатена реалност. Веројатно повозрасните читатели не знаат точно како функционира играта и затоа ќе ви опишам: откако на мобилниот телефон ќе ја активирате играта се појавува мапа од реалниот свет и преку GPS-системот се покажува вашата положба во него. На мапата е наведено каде се наоѓа Pokemon ликот што може да го уловите. Ако најблискиот лик се наоѓа во продавница, вие влегувате во продавницата и играта ја активира камерата. Со камерата поминувате по полиците во продавницата и пред чипсот, на пример, ви се појавува мала фигура на некој од ликовите од Pokemon. Значи, врз реалната стварност играта конструира уште едно ниво, збогатена стварност. Ова е веројатно едно рудиментарно ниво, но можностите како да ги добиваме информациите во контекст, без да прекинеме во она што го правиме во реалниот свет, се безбројни и многу возбудливи. Според моето мислење, технологијата и начинот на мислење што се применети во Pokemon Go ќе го смени светот, ќе го пренесе интернетот и сите негови безбројни информации од домовите на улиците, таму каде што се одвиваат активностите. 
Ова, секако, има голем потенцијал и во дигиталниот маркетинг: банерите нема да ги гледаме на веб-порталите, туку ќе се појавуваат пред нас со привлечна понуда кога ќе се најдеме во близината на продавниците.
Не зборувам за далечна иднина. И денес ни стојат на располагање голем број можности. Ние сме имале успешни кампањи со значајни резултати за нашите клиенти. На пример, водевме кампања за еден приватен универзитет во текот на три месеци од летото, преку сите дигитални маркетинг-канали: Google Display Network, Фејсбук, KeepAnEye, YouTube, пласиравме премиум имиџ-банери на нашиот Web Pool и резултатите беа импресивни - таа година приближно двојно се зголеми бројот на запишани студенти. Или, пак, водевме кампања во текот на три месеци за друг наш клиент, за еден не многу привлечен B2B производ. Истите канали од претходната кампања ги комбиниравме со наградна игра на Фејсбук, каде што доделувавме iPhone. Наградната игра допре до повеќе од 320.000 членови на Фејсбук од Македонија, организиравме пренос во живо од извлекувањето на наградите и на крајот повторно беа импресивни продажните резултати за нашиот клиент.

МАРИЛИ: Кои се Вашите идни планови во рамките на „Медиа Солушнс“, но и вашите лични и професионални планови како врвен експерт?
ЈАНЕСКА-САРКАЊАЦ:
Кога во 2012 година почнував со мојата кариера како професор, ми пријде еден семеен пријател, кој е претприемач и кој работи во неколку области, и ми понуди партнерство во „Медиа Солушнс“. Јас се израдував, си помислив: имам долгогодишно искуство како менаџер, како дел од менаџмент-тимот сум учествувала во водење на голема компанија, предавам бизнис, менаџмент и маркетинг - ова е тоа што ќе ја дополни, ќе ја заокружи приказната - практична примена на знаењата и на искуствата стекнати преку работата и научните истражувања. Си реков ќе прифатам, колку тешко може да биде тоа? Се покажа дека е потешко отколку што очекував. Затоа што во тоа што сум го правела претходно најголем дел од резултатот зависел од мене, колку ќе се трудам, толку ќе постигнам. Кога се соочив со водење компанија, огромен дел од резултатите од мојот труд воопшто не зависеа од мене или од мојот тим - политичката криза и бавниот раст на економијата, неинформираноста за придобивките од дигиталниот маркетинг, кратењето на маркетинг-буџетите - тука воопшто не може да влијаете, колку и да се трудите. Но иако неколкупати сум била соочена со дилемата дали да се откажам од овој ангажман или не, сепак, мислам дека вреди да продолжам. Дигиталниот маркетинг е индустрија што уште ќе се развива во Македонија и има многу простор за подобрување на примената на информациската технологија во земјава речиси во сите дејности. 
Информациската технологија мора да стане битна стратегиска алатка на македонските компании и со примената на информациската технологија во државните институции тие дури тогаш може да бидат вистински сервис за граѓаните во 21 век.


 

Содржината е прочитана 1913 пати.