Бизнис вести

Економијата во земјата, според Тевдовски, почнува да се придвижува

Министерот за финансии Драган Тевдовски денеска информираше што било сработено во изминатите сто дена од новата Влада

понеделник, 18 септември 2017

Министерот за финансии Драган Тевдовски денеска информираше што било сработено во изминатите сто дена од новата Влада. Притоа тој посочи дека негова цел било да се стави ред во јавните трошење, а реформите во системот на јавни финансии да бидат во насока на најдобрите европски стандарди и практики. Економијата во земјата, според Тевдовски, почнува да се придвижува.

- Во изминатите сто дена се сработени десет големи проекти, рече Тевдовски. Направен е, посочи, ребаланс на Буџетот во кој се скратени непродуктивните трошоци, објавен е граѓански буџет за 2017 година, силно е подигнато нивото на фискална транспрентност, објавени се на транспарентен начин обврските првпат во Македонија на сите буџетски корисници, направена е анализа за распределба на доходи, добро се управува со наследениот јавен долг при што, како што посочи, намален е бројот на аукции на домашниот пазар од три до четири на две месечно со пониски каматни стапки на задолжување од 1,5 до 3,8 проценти, а вратени се кредити со каматни стапки од 6 проценти.

Има, како што додаде, неселктивен и редовен поврат на ДДВ, изготвено е решение за зголемување на минималната плата на 12 илајди денари, за што е обезбедена буџетска поддршка, финализирана е стратегијата за јавните финансии и зајакната е соработката со релевантните меѓународни финансиски институции.

- Кога прифатив да бидам министер за финансии бев свесен за сериозноста на предизвиците со кои се соочува системот за јавни финансии во Македонија. Македонија беше земја со недоволна буџетска транспарентност и долги години парите на граѓаните се трошеа за непродуктивни фасади, жални врби и луксуз на носителите на власта, а јавниот долг беше зголемен тројно од 1,6 млијарди евра во 2008 година на 4,7 милијарди во 2016 година што создаде огромни долгови за враќање во годиниве коишто следат, рече Тевдовски.

Насекаде во системот, според него, биле оставени скриени обврски.

- Мојата цел од првиот ден беше да се направи ред во јавните трошења и Министерството да стане најкредибилната институција во Македонија, а реформите во системот на јавни финансии да бидат во насока на најдобрите европски стандарди и практики, потенцира Тевдовски.

Прашан дали последните податоци за намалување на економската активност во земјава ќе значат и потреба од ревидирање на предвидениот раст на БДП од 2,2 проценти, Тевдовски истакна дека последните податоци за полнење на буџетот укажуваат дека во земјава почнува придвижување на економијата и дека очекува да нема потреба од ревидирање бидејќи, како што кажа, Министерството успева да обезбеди стабилни финансии до крајот на годинава.

До крајот на годинава, исто така, не е планирано издавање на еврообврзница, а Буџетот ќе се финансира од домашното задолжување, додаде министерот за финансии.

(Преземено од МИА) 

Содржината е прочитана 223 пати.