Интервјуа

Интервју со госпоѓа Александра Марковиќ-Цветановска, генерален менаџер на „Вардар Експрес“

Се издвојуваме по тоа што дејноста ни е комплетна и добро работиме транспорт, еднакво incoming и outgoing туризам. Во рамките на нашето работење спаѓаат и идните планови во делот на хотелиерството. Би истакнала дека за кратко време треба да се почне со изградбата на хотел во централното градско подрачје, поточно кај СРЦ Кале, со капацитет од 200 соби и категоризација од 5*, со вкупна површина од 16.000 м2

понеделник, 11 септември 2017

МАРИЛИ: Госпоѓа Марковиќ-Цветановска, кажете ни од кога постои и со што се занимава компанијата „Вардар Експрес“?
МАРКОВИЌ-ЦВЕТАНОВСКА:
„Вардар Експрес“ е основана во 1990 година од господин Ќамил Колашинац како фирма за превоз на патници и во тоа време почна да работи со само три автобуси. Со макотрпна работа , посветеност и квалитетна услуга „Вардар Експрес“ прерасна во една од најреномираните фирми за превоз на патници. Во 2000 година водењето на компанијата го презедоа Елвир и Мунир Колашинац, синовите на г. Ќамил Колашинац, и продолжија по стапките на својот татко. Тие го проширија работењето на компанијата во поглед на туризмот и го зголемија возниот парк во кој сега има 43 возила од различен тип.

МАРИЛИ: Кои се капацитетите на компанијата и кои се најзначајните дестинации во делот на транспортот на патници, како и најважните туристички дестинации со кои работите?
МАРКОВИЌ-ЦВЕТАНОВСКА:
Капацитетите на компанијата во однос на делот транспорт на патници е возниот парк во кој има 43 возила од различен тип, а секоја година се обновува со нови возила, а оваа година се обезбедени уште пет нови автобуси од марката Neoplan tourliner. Во делот на транспортот имаме редовна линија за Словенија и за Турција, потоа сезонска линија за Црна Гора и Турција (Кушадаси), како и редовна линија Скопје - аеродром „Александар Велики“. Во делот туризам - outgoing најзначајни дестинации ни се Кушадаси и нашите автобуски аранжмани, како и Црна Гора во летниот период, додека во зимскиот период тоа се Копаоник и Бугарија.

МАРИЛИ: Дали работите во incoming туризмот и кои се најчестите туристички тури што ги правите за странците што доаѓаат во Р. Македонија?
МАРКОВИЌ-ЦВЕТАНОВСКА:
Да, се разбира дека работиме и incoming туризам и тоа многу успешно. Не работиме само во Македонија, туку на целиот Балкан и навистина сме препознатлив бренд на оваа територија. Туристичките тури во Македонија ги подготвуваме во зависност од земјата од која доаѓаат клиентите, па, според нивните барања ги одредуваме и местата за посета. За сите туристи задолжителна дестинација е Охрид, нема турист што не го посетил бисерот на Балканот.


 МАРИЛИ: Дали има специфики според кои се издвојувате од другите компании што работат во транспортот и во туризмот во РМ? Дали имате планови во однос на хотелиерството?
МАРКОВИЌ-ЦВЕТАНОВСКА:
Се издвојуваме по тоа што дејноста ни е комплетна и добро работиме транспорт, еднакво incoming и outgoing туризам. Во рамките на нашето работење спаѓаат и идните планови во делот на хотелиерството. Би истакнала дека за кратко време треба да се почне со изградбата на хотел во централното градско подрачје, поточно кај СРЦ Кале, со капацитет од 200 соби и категоризација од 5*, со вкупна површина од 16.000 м2.

 МАРИЛИ: Од агенцијата „Марили“ го добивте признанието за една од најуспешните жени менаџери за 2016 година. Колку е напорно да се биде успешна жена менаџер во делот на транспортот и туризмот?
МАРКОВИЌ-ЦВЕТАНОВСКА:
Ми претставува голема чест и задоволство што го добив ова признание. 

Во оваа пригода би сакала да им се заблагодарам на агенцијата „Марили и на г-ѓа Лидија Трипуноска што се најдов меѓу десетте избрани жени менаџери за 2016 година. 

Па, може да се каже дека ова е напорна дејност, меѓутоа мора да посочам дека работата ја работам со љубов и ми претставува задоволство, така што напорот е дел од работењето. Со добра поставеност, организација на работите , пред сѐ, со тимска работа не се чувствува напорот. Се разбира дека во текот на високата сезона има периоди кога навистина имам многу обврски и ангажмани, но и тие се дел од работењето. Едноставно, нашата професија е таква, секој ден е посебен и различен и понекогаш се случува да немаме работно време, но за мене ова е најубава работа.
 

 

Содржината е прочитана 156 пати.