Интервјуа

Интервју со господин Драган Шибанц, генерален менаџер на преведувачко биро „ПСД“

Интелектуалните услуги oдносно услужниот сектор, мора да биде силен. Ова е и нашиот постулат. Преку разни здруженија (на пр. Здружението на преведувачки бироа на Словенија), се трудиме да ѝ дадеме значење на нашата дејност бидејќи силниот услужен сектор во една држава покажува колку се силни и останатите сектори, особено извозот, со тоа и препознатливоста на државата, почитувањето и желбата за соработка (развојот на туризмот, странските инвестиции итн.). Овие искуства сакаме да ги споделиме и во странство

понеделник, 04 септември 2017

МАРИЛИ: Зборувавме малку за совршенството,преведувањето, случувањата на пазарот и за влијанието на добриот превод врз препознатливоста. И од каде ќе го започнеме денес овој разговор?
ШИБАНЦ:
Од погрешните податоци или false data. Многу податоци кои ги носиме со себе, се сметаат за правилни, но од наша страна се непотврдени. Изворите се најразлични: од нашите родители, училишниот систем, индивидуалните искуства, општеството итн.


МАРИЛИ: Тогаш и несовршенството е погрешен податок?
ШИБАНЦ:
Природата, нашиот најкреативен творец, го создала совршенството. Тогаш зошто луѓето сè уште би се труделе? Дури и од јазикот, доколку му дадете време, може да се добие совршенство. Сето ова настанува од љубов, а не со сила. Кај нас постојано покануваме луѓе, кои својата работа ја вршат од срце. Така, најблиску се приближуваме кон совршенството, кое настанува откако во процесот на преведување го вклучуваме и нарачателот, кој најдобро ги познава своите творби. Овој процес го нарекуваме редакција.

МАРИЛИ: Веројатно не преведувате само заради достигнување совршенство?
ШИБАНЦ:
Секако дека не. Интелектуалните услуги oдносно услужниот сектор, мора да биде силен. Ова е и нашиот постулат. Преку разни здруженија (на пр. Здружението на преведувачки бироа на Словенија), се трудиме да ѝ дадеме значење на нашата дејност бидејќи силниот услужен сектор во една држава покажува колку се силни и останатите сектори, особено извозот, со тоа и препознатливоста на државата, почитувањето и желбата за соработка
(развојот на туризмот, странските инвестиции итн.). Овие искуства сакаме да ги споделиме и во странство.

МАРИЛИ: Тоа го правите и во Македонија?
ШИБАНЦ:
Точно така. Иако праксата тука е поинаква и присутни сме само неколку години, почетокот е многу важен. Најпрвин вложуваме во луѓе. Моето убедување дека насекаде постојат посветени и вредни луѓе се покажа за вистинито и во Македонија. Сакаме да создадеме глобална приказна, каде што најважен резултат би биле знаењето и практичните искуства за оние, кои тоа не можат да си го дозволат.

МАРИЛИ: Можете ли да наведете некаков пример?
ШИБАНЦ:
Секако. Нашата канцеларија во Скопје е одличен пример за добра пракса. Потоа, тука е Проектот Ментор, кој во 2015 го започнавме со Универзитетот во Штип. На овој проект ги завршивме првиот дел од обуката и практичната настава со стотина студенти од преведувачката насока.

МАРИЛИ: Кои предизвици ги гледате во тоа?
ШИБАНЦ:
Најголем предизвик е разбирањето, кое го покажуваат како вработените така и нашите нарачатели. Вработените, бидејќи ја разбираат нашата визија и работење, како и нарачателите, кои знаат дека чесното плаќање за коректен производ е инвестиција во иднината.

МАРИЛИ: Ако добро ве разбрав, сето ова време зборуваме за квалитет. Како тогаш да го изберам вистинскиот понудувач во областа на преведувањето?
ШИБАНЦ:
Пред сè барајте пробен превод; гаранција дека преведувачот и прегледувачот или ревизорот ја
познаваат терминологијата. Дури можете да побарате CV (со скриени податоци). Покрај стандардите за квалитет, најдобра гаранција се и добрите искуства, референците, особено препораките (последните 12 години работиме пред сè по препораки). Накратко: на добриот превод влијаат соодветната терминологија, граматиката, правописот, стилот, целта на преводот, локалните карактеристики (локализацијата) и времето.

МАРИЛИ: Значи, доколку се одлучам за вас, би вложила некаква инвестиција во иднината?
ШИБАНЦ:
Одлично кажано (се смее). Но, шегата настрана, навистина сакаме да ги делиме целите со оние кои се еднакви на нас. Влијанието и познавањето на добрата енергија, по мое убедување, се важни не само кај вработените туку и при продажба, односно кај нарачателите. Членството во Ротари, во БНИ, во Здружението на менаџери, во Здружението за квалитет (SZKO) итн. се само одраз на работењето и споделувањето со другите. Најважни се амбасадорите. Тоа се нашите вработени,како и нарачателите. Поради нив постоиме.

МАРИЛИ: Што е тогаш најголемиот предизвик во вашата работа?
ШИБАНЦ:
Тоа е пред сè глобалната слика, нашата планета. Ако здружувањето според дефиниција значи „здружување поради заеднички интереси“, лично си посакувам здружувања поради интереси на сите нивоа на постоењето, не само нашите лични интереси (јас,семејство, работа, разни здруженија), туку и природата, животните, духовниот развој и уште многу друго.Во тоа всушност е и совршеноста. Ако ‘нормалното’ постоење подразбира работење ‘нормални’ работи, редоследот во кој сите сме земени предвид е совршенство.

МАРИЛИ: Имате некоја идеја како да се достигне тоа?
ШИБАНЦ:
Промената која сакаш да ја видиш, си ти.Така некако рекол Махатма Ганди. Ние веќе го правиме тоа. За тоа ќе им раскажуваме на оние чија идеја е блиску до нашата, но и на останатите. Кога би го превел ова во деловниот јазик – нашиот следен чекор се франшизи во што е можно повеќе држави.
 
Содржината е прочитана 618 пати.