Интервјуа

Интервју со господин Горазд Смилевски, генерален менаџер на Бизнис академија Смилевски

Во развиениот свет процентот на стручни студии, особено за бизнис, доминира во споредба со академските студии каде што се проучува менаџментот. Kај нас, пак, тој однос е приближно 95% во корист на научниот менаџмент и токму тоа е проблемот затоа што не се добива кадар што конкретно е обучен во рамките на последните трендови, пристапи и начини на решавање проблеми на работното место. Имено, во основа, менаџментот претставува идентификување на проблемите и наоѓање решенија на тие проблеми или, уште повеќе, барање проблеми заради развој на организацијата

недела, 20 август 2017

МАРИЛИ: Господине Смилевски, да ја потсетиме нашата читателска публика што претставува Бизнис академија Смилевски?
СМИЛЕВСКИ:
БАС или Бизнис академија Смилевски е една од првите самостојни високи стручни школи во Македонија, која се фокусира на премостувањето на јазот, поточно на празнината што постои меѓу теоријата и реалната деловна практика, односно реалниот деловен свет. Идејата да се основа академијата беше со цел во неа да се образоваат стручни и професионални менаџери што ќе бидат подготвени за работа уште од првиот работен ден. Уште пред дваесеттина години се појави идејата за основање на БАС, иако тогаш со законот не се дозволуваше основање на приватни самостојни високообразовни установи. Сакавме да основаме едногодишна школа за надзорници затоа што во 90-тите години во Македонија најбараните обуки, кои уште тогаш ги спроведувавме, се однесуваа на основните менаџерски вештини. 

Значи, не беше тоа само теорија на менаџмент, туку конкретни алатки, техники, вештини за управување со задачи, со своето време и со времето на подредените. Се обидувавме да направиме едногодишна школа за надзорници, но тогаш, како што веќе напоменав, законски не постоеше можност за тоа. Конечно, во 2007 година најдовме решение, па акредитиравме тригодишни стручни студии по оперативен менаџмент, а дел од него е и надзорништвото. 

Професорот Цветко Смилевски е човекот што ги основа првите студии по менаџмент во Македонија. Во тоа време тие се нарекуваа кадровски студии, зборот менаџмент, практично и неговата цел, сè уште не беа доволно популарни. Поголемиот дел од својот професионален живот тој ѝ го посвети на популаризацијата на менаџментот, како и на техниките и на пристапите за решавање на проблемите. Сите членови на моето потесно семејство се „даскали“, всушност, учители. Првата фирма со која почнавме да работиме е „Детра центар“, чија задача беше да ги подготви кадрите во фирмите за подобра професионална работа. Искуството со кое се здобивме во текот на петнаесетгодишното работење со македонски и со регионални компании, всушност, нѐ донесе до идејата да направиме една ваква самостојна, независна, високообразовна установа со фокус на практичните и на применливите менаџерски знаења и вештини.

МАРИЛИ: Од кога постои оваа висока школа и низ какви етапи на развој помина во текот на функционирањето?
СМИЛЕВСКИ:
„ДЕТРА центар“ е зародишот, основата на БАС, а името потекнува од зборовите development through training – развој по пат на обука. Нашето долгогодишно искуствo со македонските бизниси нѐ донесе до студиската програма за оперативен менаџмент, која е основна. За жал, во Македонија сѐ уште не постојат такви програми. Менаџментот, главно, се сведува на ниво на наука наместо да биде на ниво на практика. Имајќи ги предвид сите обуки за кои направивме проверка и констатиравме дека навистина се барани кај нас, фактички тука се појавија во 2006 година, поточно пред да ја основаме БАС, цел ни беше да формираме студиска програма чиј фокус конкретно ќе биде насочен кон подготовка на професионални менаџери. Првиот обид го направивме во 2007 година и тогаш од Министерството за образование и наука ја добивме првата акредитација за студиската програма по оперативен менаџмент. Во 2007 година ја основавме БАС и во 2008 година ја запишавме првата генерација. Во 2009 година беа акредитирани мастер-студиите, втор циклус на студии по стратегиски менаџмент. 

Со тоа ја заокруживме менаџерската пирамида и во нашите две студиски програми - оперативен и стратегиски менаџмент - се покриени сите три нивоа на менаџмент: првото ниво - надзорници или праволиниски менаџмент; второто ниво на менаџмент - оперативен - раководители, директори на одделенија и сектори, а со постдипломските студии, односно извршен менаџмент или менаџмент на консултанството, всушност, се затвора целата структура на професијата менаџмент. Во македонското високо образование, за жал, проблем е тоа што сѐ уште акцентот се става на научните студии, односно добивање диплома од делот на науките, односно bachelorette of science или Master of science. И тоа е сосема в ред затоа што на тие студии се креираат новите знаења, таму студентите се оспособуваат да го искажуваат феноменот на менаџментот, значи да креираат ново знаење. Ова е корисно, но проблемот е во тоа што во развиениот свет многу е поголем процентот на стручни студии од кои произлегуваат професионалци за работа. За жал, во Македонија, БАС и само уште неколку високообразовни установи подготвуваат професионални менаџери. Во споредба со научните студии што се широко достапни во Македонија, кај нас акцентот е ставен на развивањето конкретни вештини, за управување со луѓе и со процеси наместо на проучување на теориите за тоа како се управува, што е во основа на менаџментот и слично. Во развиениот свет процентот на стручни студии, особено за бизнис, доминира во споредба со академските студии каде што се проучува менаџментот. Kај нас, пак, тој однос е приближно 95% во корист на научниот менаџмент и токму тоа е проблемот затоа што не се добива кадар што конкретно е обучен во рамките на последните трендови, пристапи и начини на решавање проблеми на работното место. Имено, во основа, менаџментот претставува идентификување на проблемите и наоѓање решенија на тие проблеми или, уште повеќе, барање проблеми заради развој на организацијата.

МАРИЛИ: Колку практиката што е имплементирана во образовната програма им овозможува на студентите реално да се запознаат со бизнис-практиките?
СМИЛЕВСКИ:
Всушност, тоа е основата на нашиот начин на работа. Ние работиме преку решавање проблеми. Кај нас учењето се одвива со активно барање решенија на реални или на замислени деловни проблеми. На БАС има редовни и вонредни студенти. Редовните студенти студираат на поинаков начин од вонредните, но и кај едните и кај другите во фокус се ставени искуството и развивањето на вештини. Младите редовни студенти немаат никакво работно искуство кога доаѓаат кај нас и со еден-два предмета од бизнис и менаџмент во текот на средното училиште навистина немаат доволно силна основа за да почнат да размислуваат за бизнис или за менаџмент. 

Токму затоа во текот на трите години додипломски студии редовните студенти на БАС имаат еден ден практика неделно, секоја недела, од почетокот на студиите, па сѐ до добивањето на дипломата. Четири дена во неделата работат во академијата на развивање вештини, а еден ден имаат можност да ги набљудуваат вештините на работа, во реален контекст. Имаме неколку различни видови практика за редовните студенти, во прва година тоа е посебна наставна форма и се вика бизнис-лабораторија каде што на почетокот студентите ги развиваат основните меѓучовечки вештини, како што се тимска работа, препознавање на карактерите на луѓето, техники на распрашување и анализа, вештини што најчесто се запоставени во нивното претходно образование. Бизнис-лабораторијата се посетува еден семестар и во текот на наставата студентите добиваат конкретни проблеми за решавање, кои се блиски до секојдневните проблеми што менаџерите ги решаваат на работа и на тој начин во безбедна средина, најчесто работејќи во тимови, ги учат техниките на преговарање, убедување, договарање воопшто, идентификување на проблемите, нивно решавање, односно сѐ она што им е потребно да знаат кога ќе влезат во нашите партнерски организации на практика. Значи, да имаат доволно капацитет да анализираат работа и да имаат доволно вештини да им ги постават вистинските прашања на вистинските луѓе за да ги добијат одговорите што им се потребни за да го зацврстат знаењето што го добиле на академијата. За вонредните студенти, кои посетуваат настава попладне, принципот на студирање повторно е фокусиран на нивните искуства и на стекнувањето нови искуствата и дискусија за нив, но тоа го прават на малку поинаков начин. Овие студии се изведуваат по принципот предмет по предмет, односно консекутивно студирање за посилен фокус на материјата. На тој начин не се мешаат концептите при студирањето и некако постапно, но канализирано се забрзуваат студиите бидејќи овие студенти имаат професионални обврски и на работното место. 

МАРИЛИ: Дали располагате со одредена статистика за тоа каде и како е имплементирано знаењето што во академијата го стекнале Вашите дипломци и додипломци во реалната сфера?
СМИЛЕВСКИ:
Од информациите што ги имаме од нашата организација Алумни, во која веќе имаме 350-360 дипломирани студенти на прв и на втор циклус на студии, голем дел од вонредните студенти, кои се здобиле со наша диплома, веќе го добиле унапредувањето што го барале. Имено, најголем дел од нашите студенти веќе имаат неколкугодишно работно искуство, се наоѓаат на некаква менаџерска позиција или сакаат да дојдат до менаџерско место. За вонредните студенти е сосема нормално што добиваат унапредување бидејќи академијата им претставувала само еден чекор во нивната подготовка, а за која веќе биле свесни дека им е потребна. Кај редовните студенти вработување е наша крајна цел, како што е речиси за секого во нашето општество. 

Нашите дипломи им помагаат на дипломците многу полесно да добијат работа, можеби не директно на менаџерска позиција, но, сепак, на работно место поврзано со некакви менаџерски овластувања и одговорности, по што нивното напредување во кариерата е многу полесно. Според нашите статистики, повеќе од 80% од нашите редовни студенти добиле прво вработување во првите шест месеци по дипломирањето, што ни кажува дека функционира тоа што е клучно за нас - вработување на нашите дипломци. Нашите постдипломски студенти, покрај дипломците од БАС, главно, доаѓаат од техничките факултети или од економските факултети за да го дооформат своето образование на втор циклус на студии и формално да се потковаат за позиции од извршниот менаџмент. 

МАРИЛИ: Зошто токму професионалниот менаџмент е Вашиот фокус и како го доближувате до студентите?
СМИЛЕВСКИ:
Менаџментот е занает. Тоа е еден од најстарите занаети, со најобемна палета на алатки, техники и модели за креирање на функционални системи и идентификување, анализа и решавање на проблеми. Менаџментот во суштина е нешто многу рационално и многу практично. Менаџментот, всушност, е заедничко барање на можни решенија на конкретни проблеми. Нe е потребна посебна образовна подготовка за да почне некој да учи и да студира менаџмент. Доволно е да ја смениме менталната матрица на бегање од проблемите така што ќе се насочиме кон барање проблеми за решавање. Кај нас самиот збор проблем е проблематичен. Ако некој признае дека има проблем, луѓето го перципираат тоа како немање капацитет. Ние во „ДЕТРА“ и во БАС со години му се воодушевуваме на Исак Адижес, американскиот деловен гуру со македонско потекло, консултант за организациски промени и бизнис-филозоф, , затоа што неговата филозофија на капацитети е толку применлива на секое ниво на организации или заедници. Без оглед на тоа дали станува збор за организација, семејство или односи меѓу луѓето, Адижес преку четирите организациски капацитети на производство, администрација, претприемаштво и интеграција успева да даде конкретни и лесно разбирливи објаснувања за секого, без оглед на нивната претходна менаџерска подготовка, а убавината на неговиот пристап е што, без разлика на големината на некој систем, јазикот што го нуди за разбирање на тој систем е разбирлив за секого. 

Потребни се малку време и кратка обука за кој било учесник во решавањето на проблемите да може да ја научи азбуката за да може да ги разбира работите. Методологијата на Адижес за помош на организации е наменета за големи корпорации. Ние ја приспособивме неговата методологија за мали и за средни претпријатија, всушност, во светски рамки за микропретпријатија. 
Поради тоа што кај нас бизнис-компаниите во најголема мера имаат од пет до петнаесет вработени, факт е дека најголем дел од работата со тие луѓе фактички е психологија на меѓучовечките односи. Да се допре до луѓето, односно до вработените во организацијата за да може тие да ја разберат организацијата како систем. Се наоѓаме во комплексно бизнис-опкружување, но тоа не е поради големината. Кај нас, без разлика на тоа каков мал бизнис ќе се постави, невозможно е негово вистинско темелно структурирање. Ние можеме да направиме органиграм, да ја нацртаме посакуваната структура, да ги идентификуваме деловните процеси, сето тоа убаво да го напишеме, но на крајот кога ќе треба сѐ тоа да се спроведе во дело, повторно е неопходно еден вработен да покрива повеќе работни позиции. Сепак, од една попозитивна перспектива, ова и е нашиот капацитет - мали фирми со луѓе подготвени да работат сѐ во тие фирми. Ако на тоа гледаме како на неминовност, тогаш тоа би требало да го гледаме и како е силна страна.

МАРИЛИ: Преку еден од нашите проекти - манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери од Р.Македонија и од дијаспората“ на која работиме 21 година - стекнавме искуство за тоа какви се жените како менаџери. Какви се Вашите согледувања во однос на ова?
СМИЛЕВСКИ:
За потребите на академијата ја подготвував мојата магистерска тема „Професионализација на менаџментот во семејните фирми“, затоа што и БАС е семејна фирма, при што интервјуирав дваесеттина менаџери - сопственици на бизниси што го имаат препуштено или планираат да го препуштат водењето на бизнисот на професионални менаџери. Се потврдија моите тези дека сопствениците на бизниси интуитивно знаат кому да му доверат дел од бизнисот или целата компанија, иако оној на кој му го доверуваат често и нема формално образование за тоа. Значи, некако како да знаат, без теорија, тестови и прашалници, кој е потенцијално добар менаџер. Моето истражување, мора да истакнам дека тоа не ми беше цел, се однесува и на жените и тоа на жените како менаџери. Во Македонија, кога сопствениците одлучуваат да делегираат дел од своите овластувања, најчесто одговорностите му се доделуваат на член од семејството. Тука беше особено интересно да се забележи дека од 19 студии на случаи што ги подготвив само во три случаи финансиите му беа делегирани на лице што не е член на семејството на сопственикот. Во сите три случаи тоа беа жени. Според моите лични искуства со бизнисот во Македонија, жените се подобри во финансиите, подомаќински се однесуваат и се подоверливи во очите на сопствениците. 

Секако, несомнено е и дека управувањето со човековите ресурси сѐ уште е во рацете на жените во Македонија и лично сметам дека е тоа добро. Конечно, на клучните менаџерски позиции во сите три организации под капата на академијата – ДЕТРА Центар, БАС и БАС Институтот за менаџмент - стојат успешни и професионални жени менаџери.


МАРИЛИ: Какви планови имате за новата студиска 2017/2018 година на Вашата академија?
СМИЛЕВСКИ:
Секоја студиска година пред себе си поставуваме нови предизвици. Најпрво, оваа студиска година ќе се стремиме да го добиеме решението за почеток со работа на новата студиска програма по маркетинг-менаџмент на прв циклус на студии, а со неа ќе им понудиме можност на идните генерации да се стекнат со диплома дипломиран маркетинг-менаџер. 
Во рамките на таа програма ќе им понудиме можност својата експертиза да ја развијат во еден од програмските модули од оваа област: менаџер за моден дизајн, менаџер за социјални медиуми, маркетинг и одржливост на граѓански организации. Исто така, ќе се стремиме да обезбедиме пристап и на вториот и на третиот циклус на научни студии на БАС Институтот за менаџмент со активирање на студиската програма по иновативен менаџмент и конкурентност. Во студиската 2017/2018 година очекуваме да обезбедиме мобилност на кадар и студенти со цел да се разменат конкретни знаења и искуства во областа на менаџментот. Во наредната студиска година нѐ очекуваат и ангажмани поврзани со поголем број проекти аплицирани преку ЕРАЗМУС+ и ИПА-фондовите. А во рамките на нашата дејност - продолжуваме и со инструкторските и консултантските активности на барање на нашите клиенти. Секоја студиска година се трудиме да го подобриме квалитетот на нашата настава, па во контекст на тоа очекуваме оваа година да го зголемиме библиотечниот фонд на академијата со наши изданија, да го зголемиме бројот на партнерски организации каде што студентите ќе ја реализираат теренската студентска практика, да ја осовремениме технологијата и други потфати во контекст на подобрување на наставата.

 

Содржината е прочитана 4595 пати.