Интервјуа

Интервју со Ева Богоевска, млада и талентирана виолинистка

Ева Богоевска неуморно чекори кон градење на својата кариера, после огромниот успех во Карнеги хол во Њујорк настапува со солистички концерт во Р. Македонија, а ќе гостува и во Рим, на Фестивалот на нациите со целовечерен концерт во театарот „Марчело“

понеделник, 14 август 2017

МАРИЛИ: Ева, оваа година за Вас беше академска, односно ја завршувате првата година од студиите. Колку сте задоволна од сработеното со оглед дека годинава добивте можност како млада талентирана виолинистка да настапите во познатиот Карнеги хол во Њујорк?
БОГОЕВСКА:
Така е. Како најмлад запишан студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје ја завршувам првата година и тоа со највисок успех. Инаку оваа година како победник на Интернационалниот натпревар за класична музика ,,Рондо“, тоа е најголем натпревар за млади музичари што се одржува во Њујорк, добив можност да настапам во познатиот Карнеги хол. Секако зад овој мој успех стои и огромниот труд на мојот професор по виолина Олег Кондратенко со кого имам извонредна соработка.

МАРИЛИ: Во изминативе години настапувавте на многу значајни настани и натпревари и освоивте голем број награди. Да ја потсетиме нашата читателска публика кои награди ги добивте.
БОГОЕВСКА:
Досега имам освоено многу први државни и први меѓународни награди. Сите ми се многу драги, но би ги потсетила читателите на некои поважни награди. Во 2012 година како претставник на нашата земја освоив прва награда на Меѓународниот фестивал Сан Ремо-Јуниор што се одржува во Сан Ремо, Италија. Во 2014 година го освоив Лауреатот од прв степен на престижниот натпревар за класична музика „Сребрен камертон“ што се одржува во Санкт Петербург, Русија, каде што имаше околу 150 учесници од цел свет. Потоа во септември 2016 година освоив Гранд при на Интернационалниот фестивал за класична уметност и култура „Jerusalem of gold“ што се одржува во Ерусалим, Израел. Мојата најнова победа се случи во март 2017 година кога успеав да освојам прво место на Интернационалниот натпревар за класична музика „Рондо“ што се одржува во Њујорк, каде што само во мојата категорија имаше 200 натпреварувачи од сите континенти во светот што, секако, е огромен успех за нашата земја и за мене лично.

МАРИЛИ: Како стигнавте до Карнеги хол и дали ова искуство беше поразлично од сите досегашни?
БОГОЕВСКА:
Како што веќе споменав, во март оваа година бев прогласена за првонаградена во мојата категорија на Интернационалниот натпревар „Рондо“, а главната награда што ја доделува натпреварот е организиран концертен настап во познатата сала Карнеги хол во Њујорк. Мора да истакнам дека жирито на натпреварот го сочинуваа еминентни педагози што имаат свои класи на познатите школи во Њујорк, како Mannes School of Music, Manhattan School of Music, како и престижната Juilliard school of Music. Жирито даде највисоко мислење за мојата изведба и ме оцени како „брилијантен талент со изразени музички карактеристики“ што за мене претставува огромен успех и мотив за понатамошна работа. Концертен настап во Карнеги хол имав на 21 април 2017 година и многу сум задоволна од моето претставување, како и од приемот од публиката, од организаторите итн.


МАРИЛИ: Колку е важна поддршката од матичната земја за да се успее како врвен уметник, било да станува збор за поддршка од институциите, медиумите, приватните компании, маркетинг агенциите и слично?
БОГОЕВСКА:
За секој млад уметник многу е важна поддршката. Мора да кажам дека досега сум задоволна и многу сум им благодарна на сите што веруваа во моите успеси и ме поддржуваа. Во таа смисла би им се заблагодарила на Министерството за култура на Р. Македонија, потоа на Охридска банка Сосиете Женерал Груп и на Општина Карпош. Би сакала да споменам дека агенцијата „Марили“ прва ми даде поддршка уште на почетокот на мојата кариера кога во 2011 година како првонаградена на Меѓународниот натпревар „Охридски бисери“ добив можност да реализирам концертен настап во Братислава, Словачка. Секако би сакала да ја споменам и поддршката од нашата позната креаторка Антонија Ристовска која подготвува прекрасни креации што ги прават моите настапи комплетни. Задоволна сум и од одѕивот на медиумите што покажуваат интерес и ги следат моите успеси и секако многу е важна поддршката од мојот професор и од семејството.

МАРИЛИ: Какви плановите имате за наредниот период во однос на музичките настапи?
БОГОЕВСКА:
Ме очекува солистичкиот концерт што ќе го одржам кај нас во Македонија на 15 август во хотел Аполониа во Гевгелија, а на 26 август, на покана од директорката на Фестивалот на нациите, кој се одржува во Рим, Италија, ќе одржам целовечерен концерт во римскиот театар „Марчело“.

МАРИЛИ: Ќе ни откриете ли која е Вашата визија за иднината? Каде би сакале да музицирате и како да продолжите да ја градите кариерата?
БОГОЕВСКА:
Засега би сакала да ги завршам студиите прво тука во Македонија, а за постдипломски студии секако ќе заминам во странство. Имам повеќе опции за школување надвор од нашата земја, но сѐ уште не сум одлучила каде точно ќе продолжам со моето понатамошно усовршување.

МАРИЛИ: Која е Ева Богоевска приватно и колку Вашето семејство е важно за развојот и за поддршката за да напредувате и да станете тоа што сте денес?
БОГОЕВСКА:
Јас по природа сум многу комуникативна како личност. Ги сакам дружењата со пријателите, иако честопати заради обврските околу вежбањето не сум во можност да се дружам и да излегувам. Но најважно е што мојот круг на пријатели има огромно разбирање кога подготвувам концерт или имам некој важен настап, па ме научија дека не можам секогаш да излегувам и не ми забележуваат за тоа. Секако од огромно значење ми е и поддршката што ја добивам од семејството, особено од мајка ми, која е професор по пијано, и ме поддржува морално и професионално.
 
Содржината е прочитана 1799 пати.