Интервјуа

Интервју со господин Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија

Нè очекува уште поинтензивен период бидејќи од средината на јули мрежата на рути од скопскиот аеродром e проширена со пет нови линии. Еден од најценетите брендови меѓу авиокомпаниите во светски рамки, „Катарервејс“, на 17 јули влезе на македонскиот пазар со отворање на линијата Доха-Скопје, додека авиокомпанијата со најголем пазарен удел во Македонија, нискобуџетната „Визер“, на 14 јули ги отвори трите нови линии од Скопје до Рим, Малта и до Ваксјо (Шведска). На крајот на октомври на македонскиот пазар ќе влезе „Еуровингс“, односно ќе почне да лета на линијата Скопје-Минхен. На двата македонски аеродрома ќе имаме многу интензивна летна сезона, од аспект на пораст на операциите, а тоа, се разбира, ќе придонесе за пораст на патничкиот сообраќај до крајот на оваа година

вторник, 25 јули 2017

МАРИЛИ: Почитуван господин Ерсој, како ја оценувате првата половина од 2017 година во работењето на ТАВ Македонија во споредба со претходната година која беше исклучително успешна? Дали продолжува да се зголемува бројот на патници?
ЕРСОЈ:
Шесте месеци од оваа година беа успешни во смисла на операциите на двата македонски аеродрома - „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид, а се одвиваа во согласност со нашите планови за 2017 година. Порастот на операциите и, следствено на тоа, порастот на сообраќајот на двата македонски аеродрома продолжи во првата половина од годинава, но со помал интензитет од лани затоа што новите линии што ќе ги отвориме годинава ќе бидат оперативни од средината на јули.
Од април на скопскиот аеродром почна да функционира новата линија до Будимпешта со „Виз ер“, а на 22 јуни на охридскиот аеродром ги отворивме новите сезонски летови на линијата Катовице-Охрид, благодарејќи на соработката со еден од најголемите полски тур-оператори „Рего бис“. Нè очекува уште поинтензивен период бидејќи од средината на јули мрежата на рути од скопскиот аеродром ќе биде проширена со пет нови линии. Еден од најценетите брендови меѓу авиокомпаниите во светски рамки, „Катар ервејс“, на 17 јули влезе на македонскиот пазар со отворање на линијата Доха-Скопје, додека авиокомпанијата со најголем пазарен удел во Македонија, нискобуџетната „Виз ер“, на 14 јули ги отвори трите нови линии од Скопје до Рим, Малта и до Ваксјо (Шведска). На крајот на октомври на македонскиот пазар ќе влезе „Еуровингс“, односно ќе почне да лета на линијата Скопје-Минхен. На двата македонски аеродрома ќе имаме многу интензивна летна сезона, од аспект на пораст на операциите, а тоа, се разбира, ќе придонесе за пораст на патничкиот сообраќај до крајот на оваа година.

МАРИЛИ: Колку процентуално се зголемува бројот на патници во време кога е шпицот на туристичката сезона во однос на првата половина од годината? Која авиокомпанија превезува најголем број патници, која е најфреквентната дестинација на аеродромот и каков е уделот на другите авиокомпании?
ЕРСОЈ:
Во првите пет месеци од 2017 година на двата македонски аеродрома, скопскиот „Александар Велики“ и охридскиот „Св. Апостол Павле“, патуваа вкупно 690.083 патници, а тоа е годишно зголемување од 6% на патничкиот сообраќај. Според патничкиот сообраќај, во овој период Истанбул (вклучувајќи ги двата аеродрома „Ататурк“ и „Сабиха Гокчен“) останува најфреквентна дестинација со 12,8% пазарен удел, а по неа следуваат Цирих со 9,9%, Виена со 5,8%, Базел (Мулхаус) со 5,5%, Малме со 4,8% и Лондон (Лутон) со 4,2% пазарен удел. Од аспект на уделот на авиокомпаниите во патничкиот сообраќај, во периодот од јануари до мај 2017 година, „Виз ер“ превезол најголем број патници и има 60,9% пазарен удел, а по него се „Туркиш ерлајнс“ со 8,5%, „Аустриан ерлајнс“ со 5,8%, „Германиа флуг“ со 5,6% и „Пегасус ерлајнс“ со 4,3%. Во периодот од јануари до мај 2017 година е забележан годишен пораст кај речиси сите авиокомпании, а значаен пораст има кај „Адриа ервејс“, „Флај Дубаи“ и „Аустриан ерлјанс“.

МАРИЛИ: Аеродромите во Скопје и во Охрид се едни од најбрзо растечките во Европа во својата категорија. Дали во оваа насока се воведуваат новини во нивното работење во овој период? Постојат ли можности да се воведат нови линии, особено кон охридскиот аеродром?
ЕРСОЈ:
Новина на охридскиот аеродром за оваа сезона се новите чартер-летови што ги отворивме од Катовице на 22 јуни, во организација на тур-операторот „Рего бис“ со авиокомпанијата „Смол планет ерлајнс“. Секој четврток до крајот на септември тие ќе носат по 220 полски патници до Охридското Езеро. Ова е голем чекор напред за нас, како аеродромски оператор, затоа што отвора еден сосема нов дојдовен пазар на патници за охридскиот аеродром, но, исто така, и нов туристички пазар за Охрид како град и за регионот на Охридското Езеро. Покрај овие чартер-летови од Полска, во текот на оваа летна сезона на охридскиот аеродром оперираат сезонските летови од различни дестинации, вклучувајќи ги и традиционалните летови со холандски туристи од Амстердам со „Корендон“ и „Туифлај“, како и летовите од Брисел што почнаа во 2016 година и се организирани од еден од најголемите европски тур-оператори „Томас Кук“, потоа чартер-летовите од Тел Авив што, исто така, почнаа во 2016 година со израелската авиокомпанија „Аркиа“, сезонските летови Белград-Охрид со „Ер Србија“ и регуларните линии од Лондон, Базел и од Цирих на „Виз ер“ и на „Германиа флуг“. Постојано работиме на истражување на нови можности и преговараме со нови авиокомпании и со големи европски тур-оператори, со цел да ја прошириме мрежата на линии на охридскиот аеродром, како што тоа го направивме и сѐ уште го правиме на скопскиот аеродром. За оваа цел блиско соработуваме со Министерството за транспорт и врски, Агенцијата за цивилно воздухопловство, Македонска навигација (М-НАВ), Агенцијата за туризам, општините, како и со локалните тур-оператори и со туристичките агенции.

МАРИЛИ: Се забележува рапиден пораст на туристи од Турција. На што се должи ова и што се прави во однос на маркетингот за привлекување на турски, но и на други гости за да ги посетат убавините на историските и на археолошките знаменитости во земјава?
ЕРСОЈ:
Македонија е лесно достапна, не се потребни визи за турските граѓани, има историска поврзаност меѓу двете земји и Македонија е одличен центар за почеток на нивните балкански тури.
Според официјалната статистика, турските туристи се најбројни во Македонија. Има многу причини што доведоа до ова, почнувајќи од подобрените односи меѓу Македонија и Турција во изминатите години, а секако и како резултат на зголемениот број на турски инвестиции во Македонија. 

Ова ја интензивира бизнис-комуникацијата меѓу двете земји, а со инвестициите во новите образовни институции во Македонија младите Турци почнаа сè повеќе да ја посетуваат земјата, па дури и одлучуваат да студираат во Скопје, така што тоа ги прави редовни патници на авиолинијата Скопје-Истанбул. Од друга страна, со пакетите за патувања што им се нудат на турските граѓани за целиот Балкански Регион, тие почнаа да ја откриваат Македонија, така што постојано се зголемува интересот за земјата кај турските туристи, дури и во овој момент додека зборуваме. Следејќи го овој развој на настаните, ние, како ТАВ Аеродроми, неодамна спроведовме интересна маркетинг-иницијатива. Донесовме пет популарни турски патувачки блогери на четиридневна посета на Македонија, со цел да ги откријат природните убавини на земјата, како и културното и историското наследство и да напишат убави приказни за своите искуства, со што допревме до публика од повеќе од еден милион следбеници на нивните страници на социјалните мрежи. Исто така, во средината на јули ќе бидеме домаќини на група полски новинари, кои на наша покана и организација ќе дојдат во туристичка посета на Македонија, со цел да ја зголемиме свесноста за земјава како туристичка дестинација меѓу полските граѓани, да ја промовираме Македонија и да ги привлечеме да почнат да летаат кон македонските аеродроми.

МАРИЛИ: Кои се идните планови за двата аеродрома во однос на воведувањето на нови авиолинии, но и за подобрување на аеродромските услуги заради квалитетот на времето што се минува на аеродромите?
ЕРСОЈ:
 Во однос на воведувањето нови авиолинии, по интензивното лето што го очекуваме, наесен, од октомври, на пазарот ќе влезе нова нискобуџетна авиокомпанија „Еуровингс“, која е дел од групацијата „Луфтханза“. Ќе почне да лета на линијата Скопје-Минхен, а оваа новина не само што ќе создаде конкуренција на оваа рута, туку и ќе отвори нови можности за летање во Европа, како и интерконтинентални летови овозможени од код-шер договорот меѓу мајката-авиокомпанија „Луфтханза“ и ќерката - авиокомпанија „Еуровингс“.

 Постојано работиме на експанзија на мрежата на авиолинии од двата македонски аеродрома, со поддршка на Одделот за маркетинг на ТАВ Аеродроми од Истанбул. Во тек се преговори за нови линии и за нови авиокомпании, но не сакаме да објавуваме информации за нешто што сè уште не е дефинитивно.Во бизнисот со оперирање со аеродроми авиокомпаниите се наши директни клиенти. Затоа ние, како ТАВ Аеродроми, им ги промовираме нашите аеродроми на авиокомпаниите и на тур-операторите, а тоа го правиме со т.н. крос-маркетинг стратегија. Во практика ова значи дека кога преговараме за еден од нашите аеродроми, на пример, во Турција, во тој пакет го промовираме скопскиот или охридскиот аеродром, обидувајќи се да ја убедиме авиокомпанијата или тур-операторот, исто така, да почне да лета од Македонија. Со цел да успееме во ова, прво ја промовираме Македонија како туристичка дестинација. Организираме посети на Македонија за нашите потенцијални партнери за да им ги покажеме убавините на земјата и да ги убедиме дека таа ќе биде добра дестинација за проширување на нивната мрежа на авиолинии. Од аспект на подобрувањето на услугите на аеродромот, во последните седум години направивме многу подобрувања, а тие нè донесоа до наградите ASQ (Airport Service Quality) од ACI (Airports Council International - Меѓународен совет на аеродроми) што ги добивме трипати досега - во 2013, 2014 и во 2016 година, базирани врз истражувањата и анкетите на ACI спроведени во 2012, 2013 и во 2015 година. Исто така, скопскиот аеродром се најде меѓу десетте најдобри аеродроми во Источна Европа, во 2017, 2016 и 2015 година, а рангирањето го направи организацијата „Скајтракс“ (SkyTrax World Airport Awards). 

Од 2010 година постепено ја збогатуваме понудата на различни услуги во терминалната зграда. Со нив менаџираат поврзаните друштва на ТАВ Македонија - АТУ (ATU Duty Free) оперира со бесцаринската продавница, BTA менаџира со сите услуги за храна и за пијалаци, TAV MOS менаџира со ВИП-салонот и со CIP-бизнис салонот (т.н. услуги Prime Class). Дополнително, бесплатниот wi-fi интернет што го воведовме беше со задоволство прифатен од нашите патници, заедно со другите продажни локали и другата понуда на различни услуги во терминалната зграда. 
Исто така, во последните три години успеавме да ја зголемиме употребата на сите комерцијални услуги, така што го редизајниравме просторот, воведовме новости и понуда на диверзифициран асортиман од производи и од услуги. Со цел да овозможиме полесен проток на патници по пасошката контрола, но и да ја направиме бесцаринската продавница на АТУ попристапна за патниците, во 2016 година го редизајниравме овој простор и веќе се видливи резултатите од овие промени.

 

Содржината е прочитана 358 пати.