Интервјуа

Интервју со господин Илчо Ѓорѓиоски - претседател на Фудбалска Федерација на Македонија

Скопје - домаќин на Суперкупот на УЕФА Во македонската спортска историја 8 август 2017 година ќе биде запишан со златни букви. Има и зошто, тоа е ден кога Скопје и Македонија ќе бидат домаќини на Суперкупот на УЕФА и ќе нагостат два од најголемите фудбалски тимови во моментов, ден кога на Телеком арената битка за тоа кој е најдобар во Европа ќе бијат „Реал Мадрид“, победникот на Лигата на шампионите, и „Манчестер Јунајтед“, победникот на Лигата на Европа. Тоа ќе биде фудбалски расплет во Европа, кон него ќе бидат вперени очите на целиот свет, а Македонија не може да посака подобра промоција од оваа. Дефинитивно, досега во Македонија немало поголем и поважен настан од овој, а потврда за тоа е самиот факт дека Скопје е прв град во регионот што добива организација на вакво престижно фудбалско натпреварување. Тоа претставува голема чест, но и голема одговорност. Фокусот на светската јавност барем неколку дена ќе биде насочена кон Скопје и Македонија и затоа е важно да бидеме добри домаќини, добри организатори бидејќи тоа е најдобрата препорака за иднината на нашата земја. Најголема заслуга за ова случување имаат ФФМ и нејзиниот претседател Илчо Ѓорѓиоски, па токму затоа тој е најкомпетентна личност што може да говори на оваа тема

понеделник, 17 јули 2017

МАРИЛИ: Фудбалски Суперкуп во Скопје ... До пред некое време звучеше неверојатно, но сега тоа е реалност. Ајде да почнеме од почеток, како се случи Македонија да поднесе кандидатура за организација на Суперкупот и дали верувавте дека УЕФА ќе ѝ додели една така голема улога на Македонија?
ЃОРЃИОСКИ:
Не само што верувавме туку на некој начин бевме убедени дека ќе добиеме организација на големо натпреварување. Ние како Фудбалска федерација на Македонија најпрвин поднесовме кандидатура градот Скопје и Националната арена „Филип Втори“ да бидат домаќин на еден од натпреварите на Европското првенство во 2020 година. Повеќе од шест месеци работевме на таа кандидатура, УЕФА ја препозна како многу содржајна и, всушност, тоа беше предусловот за нашето добивање на финалето на Суперкупот. Од оваа перспектива, кога веќе знаеме кои два тима ќе дојдат во Скопје, на некој начин сите ние многу повеќе добивме отколку што, условно, изгубивме со изборот еден од натпреварите од ЕУРО 2020 да се игра на друг стадион, во друга држава. Натпреварот меѓу „Реал Мадрид“ и „Манчестер Јунајтед“ е финалето што веројатно сите го посакуваа. Ние имаме привилегија да ги гледаме во Скопје.

МАРИЛИ: Веројатно најголема заслуга за тоа има ФФМ и лично Вие како нејзин претседател. Колку се вложивте како Федерација и како личност за да ја добиете организацијата?
ЃОРЃИОСКИ:
Не постои друг начин, освен максимално вложување за да се добие толку голем настан. Вложувањето на федерацијата, а не само моето како претседател е клучно во добивањето на УЕФА Суперкуп - Скопје 2017 година. Верувавме дека имаме капацитет да направиме многу квалитетна програма и кандидатура, а сето тоа успеавме да го презентираме на вистински начин и ја добивме довербата од УЕФА. Многу ни помогнаа одличните односи и релации со тогашниот претседател на УЕФА Мишел Платини, исто така, и со актуелниот претседател Џани Инфантино, но клучни беа програмата, условите и нашата заложба да ги убедиме авторитетите во УЕФА дека можеме да бидеме добри домаќини на Суперкупот. Се надевам дека тоа ќе го покажеме на 8 август и ова ќе биде поттик за нови големи спортски случувања во Македонија. 

МАРИЛИ: На 30 јуни 2015 година тогашниот генерален секретар на УЕФА Џани Инфантино ја соопшти одлуката Македонија и Скопје да бидат домаќини на Суперкупот на УЕФА. Македонија, Скопје и ФФМ имаа две години за да се подготват за овој настан ... Дали сме подготвени?
ЃОРЃИОСКИ:
Подготовките за натпреварот на Суперкупот интензивно се во тек повеќе од една година. Соработката со претставниците на УЕФА е постојана, а Фудбалската федерација на Македонија доследно и навреме реагира на сите забелешки што се однесуваат на нашиот дел од обврските. На последната прес-конференција на која беа присутни претставници на УЕФА и претставници на клубовите финалисти, „Реал Мадрид“ и „Манчестер Јунајтед“, тоа и се потврди. На низата состаноци сите страни, кои се вклучени во проектот, се запознаваа со текот на подготовките, а, исто така, инспекција на УЕФА присуствуваше и на натпреварот Македонија - Шпанија, како еден вид генерална проба за натпреварот на Суперкупот. Најголем дел од обврските и од задачите што ги бара УЕФА се завршени. Во тек се финалните активности и верувам дека целосно подготвени ќе го дочекаме големиот финален дуел. Натпреварот интензивно се во тек повеќе од една година.Соработката со претставниците на УЕФА е постојана, а Фудбалската федерација на Македонија доследно и навремено реагира на сите забелешки кои се однесуваат на нашиот дел од обврските. На последната прес-конференција на која беа присутни претставници на УЕФА и претставници на клубовите финалисти, Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед, тоа и се потврди. На низа состаноци сите страни вклучени во проектот се запознаени со текот на подготовките, а исто така, инспекција на УЕФА беше присутна и на натпреварот Македонија - Шпанија, како еден вид генерална проба за Супер Куп натпреварот.

МАРИЛИ: Дефинитивно, ова е најголем настан на кој Македонија е домаќин. Што значи тоа за Македонија како држава?
ЃОРЃИОСКИ:
Да, дефинитивно, ова е најголем спортски настан што сме го добиле. Значи многу, но не само за нашата Федерација и спортот туку и за промоција на нашата држава во светот. Финалето ќе го гледаат повеќе од 200 милиони луѓе низ светот. Тоа е промоција што не може да се купи со пари. Во Македонија ќе пристигнат илјадници туристи и навивачи и на некој начин Скопје и Македонија тој ден ќе бидат во центарот на светското внимание.

МАРИЛИ: Ова ќе биде еден од најатрактивните суперкупови што досега се одржани, со оглед на имињата на финалистите, „Реал Мадрид“ и „Манчестер Јунајтед“. Кои екипи посакувавте да пристигнат во Скопје?
ЃОРЃИОСКИ:
Па, тоа се „Баерн Минхен“ или „Реал Мадрид“ од Лигата на шампионите и „Манчестер Јунајтед“ од Лигата на Европа. 

МАРИЛИ: Претставници на „Реал Мадрид“ и на „Манчестер Јунајтед“ беа во Скопје. Дали се задоволни од стадионот, од градот?
ЃОРЃИОСКИ:
Да, по првата посета претставниците на двата клуба заминаа од Скопје со многу позитивни впечатоци. Претставниците на финалистите детално не го разгледуваа само стадионот туку и хотелските капацитети, местата во градот предвидени за фановите на двата тима, рутата по која ќе се движат... итн. Емилио Бутрагењо од „Реал Мадрид“ беше навистина пријатно изненаден од нашето гостопримство, а нема причина сите што ќе дојдат во Скопје во август да не ги пречекаме на ист начин.

МАРИЛИ: Колку чини организацијата на еден вака голем настан?
ЃОРЃИОСКИ:
Ова е натпревар во рамките на УЕФА, така што европската куќа на фудбалот се грижи за организацијата и за трошоците за финалето. Претпоставувам на ниво на големо финале од Лигата на шампионите или Лигата на Европа. 

МАРИЛИ: Се прогнозира дека од активностите на посетителите на Суперкупот кон македонските ноќевалишта, ресторани, културни знаменитости, компании што нудат транспортни услуги, шопинг- центри и слично ќе се слеат од 15 до 20 милиони евра. Која е придобивката од тоа за ФФМ?
ЃОРЃИОСКИ:
Тоа беше првична процена на сумата, пред да влезат „Реал Мадрид“ и „Манчестер Јунајтед“ во финале. Веројатно сега сумата е поголема. Најавено е дека во Македонија ќе пристигне значително голем број фудбалски фанови, па дури и ако не успеат да купат билет за натпреварот. Со добиената доверба да бидеме домаќини на еден од најголемите светски фудбалски настани ние, како ФФМ, ја исполнивме амбицијата да направиме уште еден чекор напред и да го дадеме својот придонес за европскиот фудбал. Тоа е тренд што одговара на модерните времиња, а ние безусловно го следиме. Финансиски нема да поминеме добро затоа што како Федерација презедовме многу обврски околу подобрувањето на условите на националната арена, на фан-зоните за публиката и на низа други работи што ги бараше УЕФА, но ова го правиме за промоција на фудбалот, за Скопје и за нашата држава. 

МАРИЛИ: Колку посетители, навивачи и туристи очекувате да пристигнат во Скопје за време на Суперкупот, со оглед на тоа дека цените на билетите се ниски, а заинтересираност за натпреварот има буквално од сите континенти?
ЃОРЃИОСКИ:
Претпоставки се дека ќе пристигнат од 20.000 до 30.000 навивачи и туристи. Ние како домаќини можеби првпат во нашата историја ќе се „соочиме“ со толку голема бројка на навивачи од странство, но тоа е целта. Да бидеме во чекор со европските спортски случувања и да потврдиме дека сме добри домаќини.

МАРИЛИ: Кој клуб е Ваш фаворит - „Реал Мадрид“ или „Манчестер Јунајтед“?
ЃОРЃИОСКИ:
Немам фаворит. Единствено очекувам добар фудбал и игра за уживање. Ова се најдобрите два клуба во историјата на фудбалот, а со самото тоа спектаклот е гарантиран.

МАРИЛИ: Вие и претседателот на УЕФА Александар Чеферин ќе ги доделувате пехарот и медалите на Суперкупот. Сигурно тоа ќе биде посебно чувство...
ЃОРЃИОСКИ:
Да, на некој начин тоа значи и големо признание, не само за мене како претседател на ФФМ туку и за нашата Федерација што се грижи и го промовира фудбалот во Македонија.

МАРИЛИ: Какви проекти може да се очекуваат од ФФМ во иднина?
ЃОРЃИОСКИ:
Инфраструктурата на стадионите останува еден од главните приоритети, како и грижата за сите национални селекции. Градиме две трибини на стадионот „Младост“ во Струмица, според стандардите на УЕФА и на ФИФА ги поставуваме и рефлекторите, со цел да добиеме стадион од четврта категорија на кој ќе може да се играат натпревари од највисок ранг. Вакво нешто почнуваме да реализираме и на стадионот во Битола. Во изминатиот период сфативме дека помошта што ја добиваме од општините низ државата реално е незначителна или недоволна за да се комплетираат сите работи поврзани со стадионите. Речиси сите работи ги преземаме како Федерација и на овој начин процесот на обновување на стадионите ќе трае многу пократко и ќе биде поефикасен. ФФМ обезбедува средства за обновување на соблекувалните, помошните простории и на столчињата и на другите стадиони во државата. Тренинг-центарот на ФФМ, исто така, ќе добие ново осветлување и тој стадион ќе биде од трета или од четврта категорија.

МАРИЛИ: За крај да побегнеме малку од темата. Со Вас како претседател ФФМ ги има постигнато најголемите успеси досега, а кога сме кај успесите мора да се каже нешто и за младинската репрезентација на Македонија што првпат во историјата на македонскиот фудбал настапи на ЕП. Како гледате на тоа?
ЃОРЃИОСКИ:
Пред сѐ, големо искуство за сите. Репрезентацијата одигра храбро, отворено и покажа дека може да се надигрува со најдобрите во Европа. Фудбалерите покажаа дека имаат квалитет и дека во иднина ќе бидат значајна алка во најдобрата репрезентација. Честитки за сите во тимот што го претставуваше македонскиот фудбал на Европското првенство. Покажаа дека навистина можеме да бидеме горди на остварувањето.
 
Содржината е прочитана 716 пати.