Интервјуа

Интервју со господин Владимир Давчев, генерален менаџер на „Таурус“, компанија за финансиски и организациски консалтинг

Денес финансиските знаења и вештини се основа за успех и за одржливост на која било единка во светски рамки, третирајќи ги дури и како човеково право. Оттаму произлезе и потребата за отпочнување циклус на еднодневни кратки работилници на зададени теми за кои компаниите и граѓаните имаат потреба. Првата од нив, како што веќе напоменавте, се однесува на утврдувањето на потребните критериуми што една компанија треба да ги задоволи во комуникацијата со банките, било тоа да се однесува на кредитното задолжување или, пак, на деловниот однос со банките, а наедно има цел и подобра подготовка на компаниите кога тие им се обраќаат на банките

понеделник, 26 јуни 2017

МАРИЛИ: Почитуван господин Давчев, повод за ова интервју е работилницата на Центарот за финансиска интелигенција што ќе се одржи на 28.6.2017 година под наслов „Како да се справиме со банките“. Кажете ни што ќе се случува на оваа работилница и како дојдовте на идеја да го формирате овој Центар?
ДАВЧЕВ:
Создавањето на Центарот за финансиска интелигенција е резултат на детектираните потреби за зајакнување на капацитетите на компаниите и на граѓаните за вештини и за знаења во областите на финансискиот менаџмент и финансиската писменост. Имено, севкупните активности што секојдневно ги правиме во компаниите или, пак, ние самите се изразуваме во некаков паричен облик. Денес финансиските знаења и вештини се основа за успех и за одржливост на која било единка во светски рамки, третирајќи ги дури и како човеково право. Оттаму произлезе и потребата за отпочнување циклус на еднодневни кратки работилници на зададени теми за кои компаниите и граѓаните имаат потреба. Првата од нив, како што веќе напоменавте, се однесува на утврдувањето на потребните критериуми што една компанија треба да ги задоволи во комуникацијата со банките, било тоа да се однесува на кредитното задолжување или, пак, на деловниот однос со банките, а наедно има цел и подобра подготовка на компаниите кога тие им се обраќаат на банките. Работилницата, а и сите натамошни работилници, во најголем дел се конципирани според блиц-концептот Каизен (промена+добро), насочувајќи се кон брзи и ефективни промени кај самите учесници.

МАРИЛИ: Вие сте сопственик на компанијата „Таурус“ со која работите од 2015 година. Кажете ни со што се занимава оваа компанија?
ДАВЧЕВ:
„Таурус“ е независна консалтинг и „venture capital“ компанија што му е посветена на создавањето партнерства со своите клиенти преку обезбедување холистични, висококвалитетни, професионални и решенија со додадена вредност за комплексните деловни предизвици со кои тие се соочуваат. Ние ја заслужуваме соработката со нашите партнери дејствувајќи како доверлив советник и финансиски партнер. Ние се стремиме да бидеме премиум компанија за финансиски и организациски консалтинг - компанија за прв избор за сите компании, организации и лица насочени кон зголемување на своите знаења, квалитет, иден раст и профитабилност. Во согласност со потребите на компаниите и на граѓаните, „Таурус“ преку Центарот за финансиска интелигенција креираше опсежни програми за финансиски менаџмент и финансиска писменост. Секоја од програмите е составена од повеќе поединечни работилници и преку отворен концепт на избор самите учесници може да ги селектираат, да ги поврзат во сопствена програма и со соодветна динамика на одржување.

Спроведувањето на програмите се изведува преку следниве форми:

• Интерни работилници
• Отворени семинари и работилници
• Менторски пристап со селекција на теми по потреба на клиентот

Менторскиот пристап подразбира заедничко водење низ програмата и тоа е комбинација од работилници, предавање и едукација со конкретна работа на случај. Втората област на дејствување на компанијата е директно и ефективно финансиско советување на компаниите и на граѓаните по концепт на брзи и видливи промени. Опсегот на услуги е широк и целно насочен кон решавање на конкретни предизвици, од стратегиско финансиско позиционирање на самата компанија, гап-анализи, ревидирање на процесите на работење, финансиска консолидација и финансиски планови, па до коректни решенија за финансиските задолжувања, презадолженост, избор на соодветно решение за финансирање итн. Концептот на работа Каизен што го применуваме подразбира постојани промени на добро, раст и профитабилност. 

МАРИЛИ: Финансискиот сектор е исклучително динамичен во светски размери. Дали новите сознанија и финансиските организациски концепти може да се применат во нашата земја и на поранешните ЈУ-простори?
ДАВЧЕВ:
Поради релативно високата компатибилност на финансиските системи на Балканот, како од регулаторен аспект, така и од аспект на досегашниот развој, примената на современите финансиски концепти е во подем и со зголемена динамика, како кај нас, така и во регионот. Дел од банките и од финансиските услуги воведуваат современи дигитални продукти, при што ја зголемуваат понудата за своите клиенти, а сè поотворено и редовна тема стануваат дигитализацијата, технологиите blockchain, криптовалутите и другите дисперзирани форми на финансиски услуги. Сепак, за дел од веќе значително применетите форми и финансиски услуги кај нас, од една страна, е потребно време за прифаќање од клиентите и создавање законски предуслови за нивно воведување, од друга страна. Новиот спектар на услуги подразбира и појава на нивно децентрализирање во повеќе форми на финансиски организации, зголемување на конкуренцијата во финансискиот систем, зголемена понуда на услуги за крајните корисници, а со тоа и одреден притисок до постојните пазарни учесници за зголемена флексибилност кон нив.

МАРИЛИ: Какви се Вашата дијагноза и сознание за потребата и за користењето на финансиски консалтинг во малите и во средните претпријатија, особено кога станува збор за употреба на иновации?
ДАВЧЕВ:
Економската наука сè повеќе укажува на значењето на малите и на средните претпријатија како носители на преструктурирањето на економскиот систем, кои со својата виталност и инвентивност се генератори на нови вработувања и мобилизатори на сите фактори на производство. Оттука, имајќи ги предвид спецификите на МСП и нивната флексибилност за приспособување на современите предизвици на стопанисување, потребен е посебен пристап при финансирањето на МСП и тоа во согласност со нивните развојни фази (односно финансирање преку бизнис-ангели на почетокот на развојот на фазата, преку ризичниот капитал во раната фаза на развој (првите пет години) и преку емисија на хартии од вредност во доцната фаза на развој). Финансискиот и организациониот консалтинг го сметаме за неопходен за успешноста и за профитабилноста во реализацијата на иновациите во постојните претпријатија или при формирањето нови. Овој став потекнува од процентот на неуспешност на новите идеи и концепти (повеќе од 90% од новоформираните компании не ја преживуваат првата година) што доаѓаат до одредено ниво на развој на идеите или на производите, без соодветен финансиски импулс и фокусирајќи се и давајќи им преголемо значење на организацијата и на финансиите на условно лаичка основа, без притоа нивна основна грижа да бидат реализацијата на главната идеја и целта за основањето. 


 МАРИЛИ: Дали имате искуство со финансиски консалтинг на компании водени од жени претприемачи и жени менаџери? Според Вашето мислење, кој е главниот недостаток на овие компании од финансиски аспект? Дали тие се сфатени доволно сериозно од банките?
ДАВЧЕВ:
„Таурус“ веќе почна соработка со одредени здруженија на жени во бизнисот кои имаат капацитет и мотив кон сопствениот бизнис и во таа насока почнавме разговори за заеднична имплементација на едукативни програми и директни консултантски работилници. Во последниве неколку години значително е зголемен бројот на жени претприемачи и жени што се наоѓаат на клучни позиции во нашите компании, а тоа значи дека кај нас е развиена свеста за жената претприемач. Во согласност со повеќе анкети и истражувања што веќе се направени, жените претприемачи како главни пречки со кои се соочуваат го наведуваат тоа дека не се вреднувани на ист начин како мажите, понатаму имаат поголеми тешкотии да дојдат до финансиски средства, колатерал за кредит, од една страна, и дополнителна едукација, од друга страна. Во оваа насока посебно е важно да се организираат работилници и едукациски семинари каде што ќе може да се добијат корисни совети за тоа како да управуваат со својот бизнис и со финансиите во насока на одржливост на нивните бизниси.

МАРИЛИ: Какви се плановите на „Таурус“ за во иднина?
ДАВЧЕВ:
Покрај реализацијата на едукативните работилници за финансиски менаџмент и писменост во нивниот најширок опсег, „Таурус“ планира формирање на старт-ап акцелераторска и менторска програма со директна поддршка на добри идеи, преку искусен советодавен одбор што ќе врши селекција, финансиска поддршка и менторирање на нови иновативни идеи и компании на многу флексибилен начин. Наедно сакам да упатам апел до сите Ваши читатели да ја искористат можноста за поднесување идеи во кое било време, а заинтересираните инвеститори, исто така, може да поднесат изјава за интерес за инвестирање, со што би добиле статус на инвеститорски партнер. Цел на секоја од инвестициите е нето-заработка од 15% по првата година на инвестирање во конкретна компанија.
 
Содржината е прочитана 2928 пати.