Интервјуа

Интервју со г-ѓа Билјана Караманолеска, генерален менаџер на детската градинка „Светот на Колорес“

Грижата за најмладите е одговорна и ангажирана работа, полна со љубов. „Светот на Колорес“ е приватна детска градинка што функционира според европски стандарди

понеделник, 19 јуни 2017

МАРИЛИ: Госпоѓа Караманолеска, кажете ни од кога постои детската градинка „Светот на Колорес“ и како решивте да почнете да се занимавате со ваков бизнис?
КАРАМАНОЛЕСКА:
Градинката „Светот на Колорес“ почна да работи од 1.9.2016 година. Одамна го посакував ова, а причината да се занимавам со вакво нешто е љубовта кон децата, кон најмалите на кои им се потребни згрижување, воспитување и едукација. Токму затоа со исклучителна ангажираност и ентузијазам му пристапив на овој проект.

 Сметам дека на овој начин ќе им помогнеме на младите родители во сестраното згрижување на нивните деца, за што имаме обезбедено соодветни услови во секој поглед.

МАРИЛИ: Со каков капацитетот располага градинката, дали работите во две смени и кои се специфичностите на програмата што ја применувате?
КАРАМАНОЛЕСКА
: „Светот на Колорес“ е приватна детска градинка што функционира според европски стандарди. Капацитетот на градинката е 85 деца. Работиме во две смени, односно од 7 часот до 22 часот. Во секоја група има по осум деца за кои се грижат по една воспитувачка и една негувателка. 

Соодветна кетеринг служба се грижи за храната, но мора да истакнам дека таа е одредена од нутриционист, а за децата до 18 месеци, односно за тие што се во јасли, има подготвено посебно мени. Излегувањето надвор ни е задолжителен дел од програмата. Во нашата градинка применуваме и дел од програмата „Валдорф“ во која се застапени природните материјали.

МАРИЛИ: Дали децата во Вашата градинка имаат можност да учат и странски јазици?
КАРАМАНОЛЕСКА:
Добро е познато дека децата многу успешно можат да ги учат другите јазици. На рана возраст детето ужива во јазичното искуство, подготвено е да учи, односно да слуша, да повторува, да комуницира, да имитира, да игра. Во нашата градинка се застапени англискиот и германскиот јазик.

МАРИЛИ: Според Вашето мислење, што е најспецифично во работењето со предучилишните установи и какво искуство имате во работата со деца?
КАРАМАНОЛЕСКА: Децата најбрзо учат во природна средина каде што се со своите врсници, така што во редовните предучилишни установи треба да им се обезбедат воспитание и образование. Нашата градинка нуди еднакви можности, како и целосна флексибилност во задоволувањето на специфичните потреби на сите деца, начинот на работа го приспособуваме на секое дете, а за оние што имаат тешкотии во развојот имаме обезбедено и дополнителна помош. Искуството е пријатно и позитивно, имаме воспоставено прекрасен однос со децата и тие секогаш се мотивирани да соработуваат со воспитувачките. Благодарејќи на нашиот сестран ангажман тие брзо се адаптираат и ја чувствуваат топлината и позитивната енергија од нашата градинка.

МАРИЛИ: Какви планови имате за 2017 година и дали ќе работите на реализирањето на нови проекти за дополнително анимирање на децата во Вашата градинка?
КАРАМАНОЛЕСКА:
Во нашата градинка се организираат и други видови институционални активности за задоволување на интересите и на потребите на детето во насока на јакнење на личноста на детето со развивање на неговите телесни, интелектуални, културни и други способности. Нашите планови се насочени кон тоа да отвориме уште неколку градинки.

МАРИЛИ: Напорно е да се биде успешна жена менаџер во приватниот сектор, работата одзема време, па успевате ли да му се посветите и на семејството и на себеси?
КАРАМАНОЛЕСКА:
На секоја жена менаџер ѝ е потребно многу време за да ги заврши успешно сите свои обврски, но на секој план таа може сѐ да постиге со добра организација, голема желба и љубов.

Содржината е прочитана 12786 пати.