Интервјуа

Интервју со д-р Елена Василевска Ѓеоргиева, специјалист по ортодонција, член на Управниот одбор на поликлиниката „Дента ЕС“- Скопје

Нашиот тим работи на области од општа стоматологија и сè што опфаќа таа, потоа детска стоматологија, високоестетска стоматологија, од нанокомпозитни пломби до високоестетски протетски изработки (безметални стаклокерамички изработки, циркониум, ламинати итн.), орална хирургија со имплантологија, вклучувајќи ја и пародонталната хирургија со вградување вештачки коски, водена коскена регенерација со колагени и коскени заменици, сложени хируршки процедури со 3Д графтинг индивидуално за секој пациент, ласерска хирургија, синус лифтинг, импланти, сложени протетски структури над импланти, висококвалитетно и микроскопско ендодонтско лекување на заби со дигитална верификација. Тука е и мојата специјалност ортодонција. Реконструкцијата на загризувањето врз основа на темпоромандибуларната активност ја работам со специфичен ортодонтски пасивен самолигирачки систем, односно со т.н. Дејмон систем, уникатен по перформансите и можностите за креирање убави лица, а не само прави заби, како и во креирањето индивидуалност во насмевката и функционална стабилност и здравје

понеделник, 05 јуни 2017

МАРИЛИ: Д-р Василевска Ѓеоргиева, Вие сте член на Управниот одбор, заменик директор на поликлиниката „Дента ЕС“, директор на Едукативен центар и на веледрогерија. Кажете ни од кога постои „Дента ЕС“ и со што се занимава?
ВАСИЛЕВСКА ЃЕОРГИЕВА:
„Дента ЕС“ е формирана во 2005 година, јас и мојот сопруг ја почнавме нашата заедничка приказна, прво како партнери во работата, а подоцна запловивме и во брачните води. Јас и тој самостојно ја основавме „Дента ЕС“ како ординација по општа стоматологија, двајца млади луѓе полни со ентузијазам, визија и желба за успех, авангардни во својот пристап и во начинот на работа, со цел да постигнеме многу повеќе од општа стоматологија, односно да станеме симбол за врвна стоматолошка практика. Кога од денешен аспект ќе се потсетам на многу наши дејствувања, дури и премногу храбри, дури и будалесто храбри, може да кажам дека, за среќа, тоа нè донесе таму каде што сме сега. Нашата желба за успех, постојан напредок и стручно усовршување, постојаните вложувања во себе, во нашата едукација, како и во најмодерните достигнувања во стоматологијата, полека го дадоа својот плод. Патот не беше воопшто лесен, напротив, беше трнлив, со многу предизвици и бариери, искушенија и жртви и сè уште не е лесно, иако денешните предизвици се многу поразлични и на сосема друго ниво од оние пред околу 12 години. Како што растеше нашиот успех, така се зголемуваше и тимот, а и „Дента ЕС“. Во 2011 година ги завршивме нашите специјализации и со вработување на нови доктори и асистенти прераснавме во поликлиника со сите специјалности од областа на стоматологијата. Мислам дека и денес сме единствена приватна поликлиника со вработени специјалисти од сите стоматолошки области и два тима на доктори по општа стоматологија. Потоа по игра на судбината нашите врати почнаа да се отвораат и надвор во Македонија, па се јави потреба да се формираат Едукативниот центар и веледрогеријата „Орто Дента ЕС“ со што јас раководам. Имено, од 2014 година, па до денес „Дента ЕС“ е поликлиника што функционира во модерно уредени простории, со најсовремена опрема од областа на стоматологијата, вклучувајќи и најсовремена рендген-дијагностика, дигитални скенери и ласери и високостручен и едуциран кадар што постојано се зголемува, почнавме двајца, а денес сме тим што брои осумнаесетмина, успешно го аплицираме и системот за квалитет во работата и успешност на процесите ISO 9001.

МАРИЛИ: Во поликлинката „Дента ЕС“ работи високостручен тим што поседува и потесни специјалности, меѓу кои е и Вашата специјализација, како и стручност за третирање на темпоромандибуларната дисфункција, како единствена од ваков вид во Република Македонија. Вие сте и амбасадор на Република Македонија во Американската Асоцијација по Ортодонција- ААО (American Association of Orthodontists), Кажете ни нешто повеќе за тоа што се работи во Вашата поликлиника, како и за Вашата специјалност и системот со кој работите?
ВАСИЛЕВСКА ЃЕОРГИЕВА:
Нашиот тим работи на области од општа стоматологија и сè што опфаќа таа, потоа детска стоматологија, високоестетска стоматологија, од нанокомпозитни пломби до високоестетски протетски изработки (безметални стаклокерамички изработки, циркониум, ламинати итн.), орална хирургија со имплантологија, вклучувајќи ја и пародонталната хирургија со вградување вештачки коски, водена коскена регенерација со колагени и коскени заменици, сложени хируршки процедури со 3Д графтинг индивидуално за секој пациент, ласерска хирургија, синус лифтинг, импланти, сложени протетски структури над импланти, висококвалитетно и микроскопско ендодонтско лекување на заби со дигитална верификација. Навистина сè што може и сè што се работи во кој било центар за врвна стоматологија во светот се работи и кај нас.
Тука е и мојата специјалност ортодонција. Во нашата поликлиника се опфатени сите видови ортодонција, мобилна, функционална и фиксна. Крајната одговорност на ортодонтскиот терапевт е да се третираат сите три компоненти на стоматогнатиот систем, да се создаде средина за синергетска функцијата на забите, темпоромандибуларниот зглоб и нервно-мускулниот систем.
Ортодонтскиот третман има големо влијание врз функционалната оклузија (односот на максилата и на мандибулата) и директна и индиректна биомеханичка интеракција со черепот, цервикалниот ’рбет, градниот кош, карлицата и нозете.

Ортодонтите може да користат соодветни функционални ортопедски помагала во третманот кај децата во раст и развој за да се обезбеди оптимална функционална оклузија. Гроутовите (Growth) стимулирачки третмани и ортодонтскиот третман за позиционирање на темпоромандибуларниот зглоб се спроведуваат ефикасно, дури и кај адулти. Оттука мојата специфична дејност е насочена кон санација на темпоромандибуларниот зглоб, целата симптоматологија поврзана со неговите нарушувања, користејќи специфични методи и апаратура, како што е електромиограф за анализа на загризувањето кај пациентите и негова натамошна реконструкција.

 Реконструкцијата на загризувањето врз основа на темпоромандибуларната активност ја работам со специфичен ортодонтски пасивен самолигирачки систем, односно со т.н. Дејмон систем, уникатен по перформансите и можностите за креирање убави лица, а не само прави заби, како и во креирањето индивидуалност во насмевката и функционална стабилност и здравје.

МАРИЛИ: Пациентите во Вашата поликлиника може да добијат и услуги од областа на фацијалната естетика. Кои третмани се применуваат, односно какви корекции на лицето може да се направат со овие методи?
ВАСИЛЕВСКА ЃЕОРГИЕВА:
Потребата за третмани од областа на фацијалната естетика произлезе од нашиот обид за решавање на тешките и комплексните случаи каде што загризувањето и соодносот на двете вилици влијаеја врз надворешниот изглед на пациентот, а тоа се т.н. гранични хируршки случаи. Хијалуронските филери прво почнавме да ги користиме токму за вакви цели, а нивната употреба за естетски цели дојде само како последична дејност и како обид да се заокружи нашата желба за креирање убава и функционална целина на лицето.
Покрај хијалуронските филери, се користат и ботулински токсин, мезоконци, мезотерапија, како и плазма богата со протеини (PRP-platet rich plasma). Битен е фактот дека секој ваков третман треба да биде изведен од високоедуциран кадар и со материјали што се стабилни и немаат нуспојави кога се вградуваат во телото.
 

МАРИЛИ: Кај Вас ботокост и мезотерапијата се користат при естетски, но и за стоматолошки зафати. Колку ова ѝ е познато на нашата јавност и дали овие современи методи се добро прифатени?
ВАСИЛЕВСКА ЃЕОРГИЕВА:
Ботулински токсин или популарно наречениот ботокс се користи за подмладување на кожата на лицето, вратот, деколтето, како и за примена во областа на стоматологијата при решавање на „gummy smile“ (широка насмевка), бруксизам или стискање на забите, лоши навики кај мускулот на брадата. Исто така, мезотерапијата ја користиме и во апликацијата на активни медикаментозни супстанции при решавање на нарушувања на виличниот зглоб и при невролошки испади. Овие методи имаат широка употреба секаде во светот, а кај нас, и меѓу пациентите и меѓу докторите, за жал, сè уште постои недоволна информираност за користа и за нивната употреба во овие цели.

МАРИЛИ: Единствени сте и со зафатот PRP, објаснете ни за што се користи и од медицински и од естетски аспект?
ВАСИЛЕВСКА ЃЕОРГИЕВА:
Platete Rich Plasma (PRP), односно плазма богата со тромбоцити или крвни елементи, има голема употреба во медицината, во регенеративните третмани, од естетика до регенерација. Тука спаѓаат третманите за подмладување на лицето или т.н. вампирски фејслифтинг, исто така, значително се употребува и во оралната и во пародонтолошката хирургија, имено од сопствената крв се издвојува фибрин што самостојно се става во екстракциска рана или врз синтетичка коска или синтетички гранули и со тоа се забрзува и се подобрува регенерацијата и се постигнува и т.н. водена коскена регенерација (Guided Bone Regeneration).

МАРИЛИ: Во рамките на поликлиниката функционира и едукативниот центар „Орто Дента ЕС“. За каков тип едукации станува збор?
ВАСИЛЕВСКА ЃЕОРГИЕВА:
Едукативниот центар го основавме во 2012 година откако по сплет на околности и случувања станав едукатор по ортодонција за Дејмон систем на ORMCO advance education center (американска компанија, лидер во ортодонтски свет), па со тоа се наметна потребата за едукација на ортодонтите во нашата држава и пошироко. По многубројни одржани едукации во нашата поликлиника и регионално на голем број интернационални конгреси, од 2015 година станав и КОЛ (Key opinion Leader) за Европа, Азија и за Африка. Мора да признам дека сум горда што некој од нашата мала Македонија го чекори тој пат и што имам можност да учам од најдобрите и здобиеното знаење да го ширам и јас, со што ќе му покажеме на светот дека и ние имаме одлични доктори и способности. Едукативниот центар организира и курсеви за орална хирургија и имплантологија, кои ги води д-р Слободан Ѓеоргиев, неодамна беше реализиран и голем проект со Стоматолошкиот факултет од Падова и Стоматолошкиот факултет од Болоња, а првпат вo Maкедонија, конкретно во нашата поликлиника беше изведена процедура на вградување на вештачка коска со индивидуален 3Д графт, произведен во Швајцарија. Со помош на нашите соработници организираме и курсеви за хијалуронски филери и ботулински токсин. Во изминативе години во Македонија беа организирани и голем број настани со врвни предавачи од странство, со цел да го подобриме знаењето и на нашите пациенти им овозможиме врвни услуги, т.е. стоматологијата во државава да добие повисока професионална димензија.

МАРИЛИ: Вие сте успешна жена менаџер и врвен стоматолошки стручњак. Како успевате да балансирате меѓу големиот број работни и семејни обврски? Дали е важна поддршката и разбирањето во домот за да може една жена да биде успешна на деловен план?
ВАСИЛЕВСКА ЃЕОРГИЕВА
: Велат ако човекот не ја спознае својата суштина и ако не ги оствари своите желби, не може да постигне успех во животот. Понекогаш не знам како и кое чудо се случило за да ја пронајдам својата суштина во животот и да го живеам својот сон. Некој ќе рече не е чудо, туку тоа се многу откажувања, вложувања, посветеност, секој атом од мојата желба и од желбата на мојот сопруг и партнер во работата е вложено во она што сме денес. Но најважна е љубовта, љубовта од моето семејство, од мојот сопруг и од моите две прекрасни момчиња што ме учат дека сè е возможно кога љубовта е голема и кога во сè што се прави секојдневно постои само чиста љубов и емоција, па тогаш и ѕвездите ќе ти го осветлат патот.

 

 


 

Содржината е прочитана 7354 пати.