Бизнис вести

Турски блогери ќе ја промовираат Македонија како туристичка дестинација

ТАВ Македонија, со поддршка од локалните бизниси и угостители, донесе пет влијателни турски блогери во четиридневна туристичка посета на Македонија, со цел да им ги покаже убавините на Македонија како туристичка дестинација и да привлече повеќе туристи од Турција

вторник, 30 мај 2017

ТАВ Македонија, со поддршка од локалните бизниси и угостители, донесе пет влијателни турски блогери во четиридневна туристичка посета на Македонија, со цел да им ги покаже убавините на Македонија како туристичка дестинација и да привлече повеќе туристи од Турција.

Како што соопшти денеска ТАВ Македонија, популарните и влијателни пет блогери, познати меѓу турските корисници на социјалните медиуми под имињата: yoldaolmak’’, ,,kesfetsek’’, ,,bizevdeyokuz’’ и ,,birhayalinpesinde’’ чија публика надминува повеќе од милион следбеници на Фејсбук и Инстаграм, како и на нивните блогови, престојуваа во Македонија од 24 до 28 месецов.

Нивната туристичка посета, информираат од ТАВ, беше дизајнирана како информативна, но во истовреме и авантуристичка, покривајќи возбудливи места за разгледување и културно-историски знаменитости во Скопје, Струмица, Дојран, Охрид, Вевчани, Маврово, Дебар, Битола. Вклучи посета на места и активности, како: Македонско етно село во Скопје, Милениумскиот крст на Водно, кањонот на Матка, винска тура, археолошкиот локалитет Стоби, националниот парк Маврово, музеј-куќата на Ататурк во Битола, Музејот на вода во Охрид, оф-роуд сафари, и многу други атрактивни активности привлечни за помладата популација.

Според Алпер Арсој, генерален директор на ТАВ Македонија, Турција е всушност најсилниот пазар на туристи за Македонија повеќе години наназад според статистиката за туристички посети во земјава. - По четиридневната посета и планираните интернет-интеракции во рамки на заедниците на нашите гости, очекуваме да допреме до 2,5 милиони потенцијални нови гости од Турција во Македонија. Знаејќи колку убава е Македонија, со воодушевување сакаме да ја споделиме оваа убавина со младата генерација во Турција и да ја поддржиме промоцијата на македонскиот туризам на еден од најважните дојдовни туристички пазари за Македонија. Евалуирајќи ги резултатите од оваа активност, планираме да ја примениме и на други важни пазари – односно земји од кои доаѓаат туристи во Македонија, изјави Ерсој.

Како што објаснуваат од ТАВ Македонија, оваа иницијатива е дел од маркетинг-активностите на ТАВ Аеродроми од Истанбул, кои вклучуваат постојано промоција на македонските аеродроми на најважните меѓународни саеми за туризам и авијација, но исто така и промоција на Македонија како туристичка дестинација меѓу светските патници.

Укажуваат дека како резултат на ваквите маркетинг активности на ТАВ, во 2016 година еден од најголемите европски тур-оператори „Томас Кук“ почна да лета од охридскиот аеродром, носејќи туристи преку чартер-летовите Брисел-Охрид, додека во исто време минатата година израелската авиокомпанија „Аркиа“ почна со чартер-летовите на релација Тел Авив-Охрид. Годинава пак, почнувајќи од 22. јуни, најголемиот полски тур-оператор Рего-бис ќе почне со чартер летови од Катовице до Охрид.

Според ТАВ Македонија, во првите четири месеци од 2017 година на двата македонски аеродроми вкупниот број патници се зголемил за осум проценти на годишно ниво. Во истиот период, јануари-април, најфрекфентна дестинација на скопскиот аеродром Александар Велики е Истанбул, со 12,4 проценти пазарен удел, вклучувајќи ги двата аеродрома – Ататурк и Сабиха Гокчен.

(Преземено од МИА)
 

Содржината е прочитана 598 пати.