Култура

Успешна презентација на македонската култура во Малме, Шведска, со програмата „Апокалиптикум“ на нашиот музичар Драган Даутовски

На 19 мај 2017 година во Малме, Шведска, се одржа импресивната програма „Апокалиптикум“ со музичка интерпретација на етномузички инструменти од познатиот музичар, филозоф и професор господин Драган Даутовски од Р.Македонија

петок, 26 мај 2017

На 19 мај 2017 година во Малме, Шведска, се одржа импресивната програма „Апокалиптикум“ со музичка интерпретација на етномузички инструменти од познатиот музичар, филозоф и професор господин Драган Даутовски од Р.Македонија

Овој исклучителен музички настан се одржа во театарот „Бастионен“ во Малме, Шведска, а беше дополнет со музичко-поетскиот перформанс на нашата позната поетеса и интерпретаторка на македонска народна песна и поезија Лилјана Стоилковска Андовска. Перформансот што е насловен „Да не го заборавиме нашето минато“ е поддржан од Министерството за култура на Р.Македонија. На настанот присуствуваше и македонската амбасадорка во Шведска Н.Е. Александра Наќева-Ружин која истакна: „Третата генерација треба да се запознава со сè што го карактеризира македонскиот народ, особено преку културата и уметноста, при што се создава и се гради мостот на културата и со другите народи што живеат на тие простори, како и со македонската дијаспора во светот. А за тоа треба да имаме и добри промотори и организатори што ќе го реализираат тоа! ... Јазикот е нашиот идентитет и ние треба да бидеме колку што е можно повеќе присутни на сцените низ светот“. На овој културен настан беа прочитани стихови од поезијата на Блаже Коневски, Матеја Матевски, Гане Тодоровски и на Славко Јаневски, при што публиката остана без здив од прекрасниот сплет на поезија и етномузички ноти. Настанот беше дополнет и со дружба со активистките на женската секција на КСД „Македонија“. Следниот ден македонскиот сојуз го одржа и фестивалот „Ден на македонската култура“, во чии рамки беа организирани и натпревари на женските секции од друштвата и од клубовите во подготовка на македонски кулинарски специјалитети, а беа доделени и три награди за најдобрите. Ваквите манифестации се потреба, се организираат со љубов и ентузијазам, со цел да се зачува нашиот идентитет. Со ова се прави целосен придонес да не се заборават нашата традиција, култура и јазик, кои се поддржани токму преку активностите на здруженијата и на клубовите што го сочинуваат сојузот во Малме, Шведска.

Лилјана Стоилковска Андовска
 

Содржината е прочитана 401 пати.