Интервјуа

Интервју со господин Виктор Куновски, психолог-советник за личен и организациски развој

Причината и значењето на оваа книга е во создавањето на македонско општество кое ќе се одликува со исклучителни вредности и однесувања во националната култура

понеделник, 22 мај 2017

МАРИЛИ: Господине Куновски, повод за ова интервју е Вашата книга „Дијамантско лидерство“ што, главно, им е посветена на бизнисмените и на претприемачите, а беше подарок и за читателите во нашето последно издание на „Бизнис каталог на Р. Македонија“. Кажете ни нешто повеќе за ова ексклузивно издание.
КУНОВСКИ:
Во оваа книга читателите ги запознавам со проблемот поврзан со културата на нашите лидери, бизниси и, секако, граѓани. Во неа ги споделувам современите методи и начини што го покажува патот кон решението на проблемот, од чии придобивки македонските компании, институции и целото општество може и треба да имаат спектакуларни бенефиции вредни 11,3 милијарди долари на годишно ниво. Ова е проблем за кој сите треба да говориме, но никој не зборува за него. Тој е основа на сите наши минати, сегашни и, ако не му обрнеме внимание, идни маки (финансиски, еколошки, социјални и духовни). Без решавање на проблемот со културата ние, како нација, но и генерално кој било бизнис или организација, немаме шанси да ги постигнеме своите највисоки цели. Да бидам попрецизен, проблемот е во штетните и во лимитирачките однесувања во нашата култура што дејствуваат како малигни клетки во еден организам. Во средната колона во долната табела читателите може да видат кои се рак-раните што се присутни во нашата култура, а измерени се во 2009 година (невработеност, несигурност за иднината, сиромаштија, корупција, бирократија, еколошко загадување, криминал/насилство, непотизам и обвинување). 

Овој проблем е генерациски и несвесно создаден од сите нас, така што влијае врз сите и ни создава многу болки. Нѐ афектира на лично, на организациско и на општествено ниво. Немилосрдно јаде од макотрпно создадениот профит на бизнисите, ни ги урива стратегиите за раст и развој, нѐ прави неконкурентни, ги уништува општественото ткиво и институциите што треба да ни служат и да нѐ поддржуваат сите. За да ви илустрирам колку е болен овој проблем само ќе кажам дека деветте горенаведени однесувања (според мерењето) заземаат 48% од сите наши однесувања и активности. Или, во превод, приближно секој втор ден во Македонија е непродуктивен. Вашите читатели се бизнисмени и веднаш ќе пресметаат дека кога би ја претвориле оваа непродуктивна енергија во продуктивна, ние би имале речиси уште еден цел бруто домашен производ секоја година - дополнителни 11,3 милијарди долари (не милиони, туку милијарди долари). Книгата, како што реков, го дава и решението, а тоа е многу едноставно и тука не треба да измислуваме ништо ново, треба само да ги користиме искуствата на оние компании, па и нации што имале сличен проблем со своите култури и донеле одлука дека ќе ги трансформираат. Крајните резултати од еден ваков процес се создавање на исклучителна култура, која е усогласена и ги поддржува стратегиите за развој, која е неверојатно иновативна и високо продуктивна, а вработените во овие организации се мотивирани и исполнети. 

МАРИЛИ: Во книгата зборувате за корпорацијата Македонија, но таа може да се однесува и на секој друг бизнис-систем. Според Вашето мислење, колку често треба да се прават анализи и мерења на културата наспроти стратегијата што би требало заемно да се дополнуваат, а не обратно?
КУНОВСКИ:
Апсолутно. Во книгата решив Македонија да ја именувам како корпорацијата Македонија бидејќи дијагностиката што ја користевме за мерењето на културата првично била создадена за бизнисите и компаниите. Дури откако ја пробале илјадници компании, им ја препорачале и на поголеми системи, како регионални и државни влади. Од аспект на мерењето на културата, многу е важно да се имаат предвид две правила:
- Првото правило е дека ако не мериш, тогаш не можеш да менаџираш и ова важи, како за зголемената продажба, така и за културата. Културата мора да ја мери секоја сериозна компанија, инаку без мерење вие возите авион со врзани очи.- Второто правило е дека културата ја јаде стратегијата во секое време, т.е. вие може да имате најдобра стратегија во светот, но ако културата, односно однесувањата не ја поддржуваат стратегијата, тогаш не одите никаде. Културата и стратегијата се менаџираат паралелно.И токму од овој аспект книгата е исклучително важна бидејќи покажува дека ако нашите бизниси и воопшто ние како заедница сакаме да ги постигнеме своите највисоки амбиции и цели, тогаш мора да ѝ обрнеме сериозно внимание на нашата култура. Без корекција на културата немаме шанса за вистински напредок. Инаку во практика мерењето на културата во една организација/бизнис треба да се прави на 12 месеци. Мерењето покажува повеќе клучни параметри, а тука ќе ги наведам двата најважни. Првиот параметар е мерење на процентот на организациска ентропија или штетните однесувања во културата. Кога светскиот конгломерат UNILEVER првпат ја измерил својата култура, имало 37% ентропија. За една и пол година и неколку интервенции во културата ја намалиле на 19%. Заштедите биле феноменални, а перформансите значително подобрени. Ако вашата компанија, на пример, има 25% ентропија, едноставно илустрирано е како да одите на пазар, купувате една пита кашкавал и веднаш на глувчето му давате една четвртина од неа. Да не знаете колку ентропија имате во фирмата е апсолутно лудило од бизнис-аспект, но, за жал, засега во Македонија не знам ниедна компанија што ја мери културата.Вториот параметар што излегува од мерењето е степенот на усогласеноста - кохезијата во организацијата. Ниската кохезија индицира слаба поддршка на стратегијата, а високата кохезија индицира висока поддршка. Одличните компании се стремат да имаат висока кохезија и ниска ентропија, всушност, ова се најдобрите бизниси на планетава.

МАРИЛИ: Некои од најважните поими во оваа книга се: колективна интелигенција, современа демократија, креативен дијалог. Може ли накратко да ги објасните овие современи поими?
КУНОВСКИ:
Креативниот дијалог или генеративниот дијалог (различни автори различно го именуваат) е кокреативна комуникациска форма што се користи како групна коучинг-методологија за ослободување на колективната интелигенција во еден систем/организација. Тој најчесто се користи во постмерењето во фазите на менаџирање на културата.
Најдобра илустрација за горенаведеното е следнава табела.


МАРИЛИ: Со користењето на методите за системско лидерство и креативен дијалог многу земји постигнаа брз напредок, како што е примерот со Исланд. Може ли накратко да им го претставиме на нашите читатели овој позитивен пример?
КУНОВСКИ:
Да, токму така. Според читателите што ја паметат последната економска криза, всушност, таа започна со колапсот на исландските банки. Исланѓаните веднаш ѝ пристапиле на кризата како на лекција за трансформација и почнале да ги користат методите што детално се опишани во книгата и кои уште оттогаш се достапни, па за краток рок од колабирана економија направија една од најбрзо растечките во Европа. Ако вашите читатели може да го видат овој линк  https://www.youtube.com/watch?v=i_YF0IrJ4dM , тоа е видеозапис од еден голем креативен дијалог во Исланд, ќе им биде многу појасно. Денес тоа го прават стотици компании низ светот. На државно ниво моментно Шкотска е лидер. Холандската провинција Брабанд го прави ова на регионално ниво.

МАРИЛИ: Како да ја трансформираме и да внесеме иновации во македонската култура и со тоа да го подобриме квалитетот на живеењето?
КУНОВСКИ:
Неопходни се неколку работи:
1. Првиот чекор мора да биде одлука дека сакаме свесно да се трансформираме, нашите бизниси, институции и општество. Во компаниите овој прв чекор мора да го направат лидерите сопственици - генералните менаџери. Јас веќе работам со некои храбри лидери/ки.
2. Вториот чекор е мерењето на 12 месеци.
3. Третиот чекор е водење на креативни дијалози базирани врз мерењето.
Замислете каков сигнал би бил даден ако, да речеме, „Алкалоид“ или ЕВН почне да ја мери културата и тоа го прави јавно и транспарентно. Или, пак, Стопанската комора да објави дека започнува мерење на културата. Или, пак, замислете го овој момент. Едно утро пиете кафе и читате дека - со цел да ги подобри перформансите на најголемите јавни претпријатија - новата влада донела одлука да ја мери и да ја менаџира културата во ЕЛЕМ, МАКЕДОНСКИ ШУМИ, Македонија пат... Ако си речете дека ова е невозможно, јас велам дека токму ова го направиле во Исланд пред осум години и во Шкотска пред две години. Директорот на шкотската Влада Кенет Хог и петмина колеги од администрацијата се сретнале и се прашале што може да направат. Не се обвинувале, не си ваделе очи, туку се фокусирале на решението. Три месеци подоцна сите службеници во јавната администрација добиле препорака да го следат бесплатниот тренинг што во тој период го водел од MIT Boston - за водење креативен дијалог што ја ослободува колективната интелигенција... едноставно, нели.  Шкотскиот пример и искуства се достапни и нема причина зошто да не ги следиме. И токму ова е визијата што ја посакувам и верувам дека ќе се случи и во Македонија.

МАРИЛИ: Според Вашите сознанија, анализи и методи, што треба најитно да се преземе во нашето општество за да забележиме напредок и да го спречиме процесот на масовно иселување на младите луѓе?
КУНОВСКИ:
Прво, би ја спровел желбата што ја споменав претходно - едно утро се будите и пиејќи кафе читате весници... Значи, ќе направам национално мерење и потоа ќе ги измерам културите на 20 најголеми државни компании. Од овие мерења ќе произлезат клучните теми на кои ќе мора да се водат креативни дијалози на микро (по општините), на локално (градско и регионално) и на компаниско ниво. Верувајте дека за две-три години трансформацијата ќе биде феноменална. Знаете зошто сум убеден во ова што го велам? Бидејќи гледам дека ова се применува буквално на целата планета и ние не може да ја избегнеме човековата еволуција. Втора работа на која треба да работиме и да инвестираме огромни средства е создавањето култура на претприемаштво.

МАРИЛИ: Кажете ни нешто повеќе за Вас како автор на книгата „Дијамантско лидерство“. Кои се Вашите професионални перформанси и искуства?
КУНОВСКИ:
„Дијамантско лидерство“ е моја прва публикувана книга чие англиско издание во еден момент минатата година беше меѓу десетте најпродавани книги во доменот на организациска психологија. Инаку јас сум коавтор и автор контрибутор на уште две книги во областа на коучингот и организациската култура. Првата е книгата на Карол Вилсон „Најдобрите практики по перформансен коучинг - прирачник за лидери, коучеви и специјалисти по човекови ресурси и организациски развој“ („Best Practice in Performance Coaching - A Handbook for Leaders, Coaches, HR Professionals and Organizations“). Во оваа книга е објавена првата официјална коучинг-студија на случај во македонска компанија што ја дизајнирав и ја водев во 2006 година. Втората е светската книга на вредности „World book of Values“ на Патрик Сомерс и таа претставува кокреација на повеќе од 250 консултанти за трансформација на културата од целиот свет. По едукација и тренинг сум психолог советник, завршив постдипломски студии прв во класата на Универзитетот од Источен Лондон. Мојот дополнителен тренинг опфаќа системски коучинг за организации. Исто така, засега сум единствен сертифициран консултант во Македонија за алатките за трансформација на културата (CTT - Culture Transformation Tools). За магазинот „КАПИТАЛ“ пишував на темите за коучинг и лидерска култура уште во 2004 година. Основач сум на консултантската куќа „Коуч Ера“ од 2008 година и таа нуди егзекутивни и тимски коучинг-услуги во Македонија и во регионот. За моите клиенти можам да кажам дека се најхрабрите и најинспиративните лидери и претприемачи во Македонија и тие се свесни дека инвестицијата во себе и во своите вработени е најдобро потрошената пара.

Книгата „Дијамантско лидерство“ може да ја добиете тука: http://www.skyisthelimit.org/dijamantskoliderstvo.html
Повеќе за услугите за мерење и менаџирање со организациска култура: http://www.skyisthelimit.org/ok.html
 

 
Содржината е прочитана 833 пати.