Култура

Македонската книжевност првпат на Саемот на книга во Варшава

Република Македонија првпат учествува на Меѓународниот саем на книгата во Варшава, кој се одржува од денеска до 21 мај 2017. Организатор на претставувањето на македонската книжевност и издаваштво е Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје

среда, 17 мај 2017

Република Македонија првпат учествува на Меѓународниот саем на книгата во Варшава, кој се одржува од денеска до 21 мај 2017. Организатор на претставувањето на македонската книжевност и издаваштво е Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје.

НУБ на македонскиот штанд ќе изложи околу 300 изданија од областа на книжевноста, културата и уметноста, избрани публикации од капиталните издавачки проекти 135 тома „Македонска книжевност“ (во оригинал и на англиски јазик) и антологии на македонската книжевност преведени на шест странски јазици (руски, француски, германски, шпански, кинески и арапски).

На штандот ќе биде презентирана и книгата „Пораките на свети Климент Охридски“ од претседателот Ѓорге Иванов, која НУБ „Св. Климент Охридски“ во соработка со Кабинетот на Претседателот ја објави двојазично, на македонски и на англиски јазик, по повод одбележувањето 1100 години од упокојувањето на свети Климент Охридски.

- За доближување на новата македонска книжевност до полските читатели и издавачките куќи, специјално се подготвени и отпечатени поединечни брошури на полски јазик за 14 современи македонски автори од помладата и средната генерација: Николина Андова-Шопова, Јулијана Величковска, Владимир Илиевски, Владимир Јанковски, Вера Калин, Стефан Марковски, Марта Маркоска, Владимир Мартиновски, Никола Маџиров, Марина Мијаковска, Блаже Миневски, Елена Пренџова, Давор Стојановски и Јовица Тасевски-Етернијан. Брошурите содржат био-библиографии, куси извадоци од критички осврти за делата и избрани песни или извадок од роман или расказ, соопшти НУБ.

Брошурите, заедно со информации за Конкурсот на Министерство за култура за странски издавачи, на полски и на англиски јазик, ќе бидат дистрибуирани до издавачите од Полска и до сите други заинтересирани издавачи.

Централниот настан ќе биде македонски ден - во сабота, 20 мај, во главната сала за промоции, на кој ќе биде претставена современата македонска поезија и проза, со настап на авторите Блаже Миневски, Јовица Тасевски-Етернијан и Владимир Илиевски. Овој настан НУБ го организира заедно со Амбасадата на Република Македонија во Варшава.

Меѓународниот саем на книгата во Варшава е еден од најголемите во овој дел на Европа. Оваа година ќе учествуваат околу 800 издавачи од 32 држави од пет континенти, а земја почесен гостин ќе биде Германија.

(Преземено од МИА)
 

Содржината е прочитана 263 пати.