Интервјуа

Интервју со модната дизајнерка Душица Петит

Модната ревија на Душица Петит на Модниот викенд во Скопје беше инспирација да ја претставиме нашата млада и талентирана модна дизајнерка, која успешно го гради својот професионален пат во Франција

понеделник, 08 мај 2017

МАРИЛИ: Госпоѓица Петит, неодамна имавме можност да го видиме Вашиот моден дизајн преку моделите од новата колекција „Алиса“, со кој учествувавте на Моден викенд- Скопје. Кажете ни нешто повеќе за оваа колекција, односно од каде ја црпевте инспирацијата за своите модели?
ПЕТИТ:
Колекцијата „Алиса“ („ALICE“) е инспирирана од Дизниевиот цртан филм „Алиса во земјата на чудата“. Со оваа колекција сакав да предизвикам чувство на враќање во детството, но, сепак, секоја креација да биде елегантна и модерна. Ова е колекција Street Couture, комбинирана од елегантни парчиња со спортски детали. Секое парче текстил е уникатна изработка со техники за висока мода, инспирирана од тортите и од градините во „Алиса“, а бисерите што се преливаат ги означуваат солзите на Алиса кога плаче во цртаниот филм. Најзастапени детали се латиците од цветови, направени од рачно изработен ватиран текстил везен со волна од мохер и со бисери. Секој модел носи голема пеперутка на главата, а инспирација за тоа ми беа пеперутка-врските на фигурините. Откако бев избрана за финалист за натпреварот Fashion Scout SEE за да ја претставувам Македонија на Конкурсот со ревија во Белград, oрганизаторката на Моден викенд во Скопје ми предложи да ја претставам мојата колекција во Скопје во состав на Моден викенд. За мене тоа беше прекрасно искуство и задоволна сум од организацијата затоа што ми дозволија да дојдам со мојот асистент, да ги изберам манекенките, сценографијата, шминката и фризурите. 

Јас мислам дека Моден викенд во Скопје има голем потенцијал во однос на организацијата и манекенките. Според моето мислење, организацијата е на многу повисоко ниво од другите земји на Балканот, но, за жал, трае само три дена, па се надевам дека во иднина ќе може да се развие и да трае една недела, како другите манифестации Моден викенд на Балканот и во светот.

МАРИЛИ: Можете ли да нè запознаете со Вашиот професионален пат, со почетоците и како дојдовте во Франција?
ПЕТИТ:
Мојата љубов кон модата почна уште во детството, пораснав со мојата прабаба, која беше везилка и шивачка, така што уште од мала се интересирав и се обидував да правам работи како неа. Во гимназија учев во француска паралелка и со помош на Францускиот центар во Скопје успеав да се запишам и да студирам на Факултетот за современи уметности. Додека студирав на Факултетот за современи уметности имав можност да стажирам во големиот театар, операта на Бордо, во ателјето за костимографија и тоа ми беше инспирација да продолжам со тоа што отсекогаш ми беше сон, а тоа е модата. 

По три години студии на Факултетот за современи уметности се запишав на втор факултет, односно на „Есмод“, тоа е најстарата школа за мода во светот, каде што учев стилизам и моделизам, а последната година се специјализирав за висока мода. За да се влезе во модната школа „Есмод“, прво треба да се помине на состанокот со еден од главните стилисти, тоа е некаква форма на конкурс каде што треба да ги покажеш своите капацитети за цртање и за генерална култура за мода. Но потребни се и големи средства за студирање затоа што „Есмод“, како и другите високи школи за мода во Париз, е приватна.

МАРИЛИ: Завршивте Факултет за современи уметности во Бордо, Франција, а потоа почнавте со Вашите ангажмани, со модни ревии низ Европа. На кои места се претставивте?
ПЕТИТ:
Во јуни 2016 година се случија моите почетоци, поточно почнав со ревии со мојата школа, имав ревија во Париз, во состав на Esmod Fashion Show, со мојата дипломска колекција се претставив и во Пекинг, Кина, учествував на ревијата за модниот весник Marie Claire Magasine во состав на Marie Claire Fashion Days, Будимпешта, Унгарија. Во 2017 година имав ревија за Fashion Scout See, во состав на Моден викенд во Белград, Србија, потоа ревија во состав на Моден викенд во Скопје и ревија за модниот весник „ELLE“ за време на Elle Fashion SHOW 2017.

МАРИЛИ: Соработувате и со светски модни куќи, како што се „Шанел“, „Диор“. Кажете ни што изработувате за нив?
ПЕТИТ:
По студиите мојата кариера почна во куќата „LeMarié“, која е под модната куќа „Шанел“. Таму работев во ателје како текстил-дизајнер, изработував примероци на текстил- материјали за куќата „Шанел“, за кои се инспирирав од фотографии, мудборд направени од стилистите на Карл Лагерфелд, изработував цветови и аксесоари за „Chanel“, „Dior“, „Sonya Rykiel“, тие се рачно направени, во форма каква што бараше модната куќа. На располагање имавме различни материјал - почнувајќи од пластика, па до најпрестижните кристали на Сваровски (Swarovski). Имав голема слобода за креативност, но секоја недела со одговорното лице во ателјето правевме информативен разговор за тоа во која насока да продолжам со тоа што го имам сработено, а понекогаш се менуваат и инспирациите затоа што колекцијата еволуира, па треба одново да се истражува нов текстил. Куќата „LeMarié“ е позната по нејзиниот начин на специјализација на пердувите и цветовите и имав можност да изработувам цветови и аксесоари за „Chanel“, „Dior“, „Sonya Rykiel“, рачно изработени со помош на цвеќарките, со форма и техника според барањето на модната куќа. Секој цвет се изработува различно; ателјето поседува најмалку 1.000 калапи за сечење на латици, а некои се постари повеќе и од еден век.

МАРИЛИ: Што значи да се работи со најголеми светски брендови? Дали за тоа е потребен врвен талент или мора да се поседува и врвна едукација, односно што е поважно?
ПЕТИТ:
Потребни се и талент и едукација, најчесто да поседуваш диплома од врвна школа за мода, но најважно е да бидеш страстен и сериозен, да знаеш да работиш во група, да ги почитуваш идеите на другите, да знаеш да споделиш мислење и да не ти е страв да го направиш тоа ако треба и најмалку десетпати, затоа што во секоја етапа на стил и продукција се бара перфекција. Влегувањето во модните куќи, сепак, е тешко затоа што има премногу конкуренција, а малку работни места. Јас секојдневно праќав е-пораки со мојата биографија и бук, а покрај тоа и по пошта го праќав досието затоа што модните куќи секојдневно добиваат кандидатури од млади дизајнери што сонуваат да работат за нив. 

МАРИЛИ: Се забележува дека текстилот што го користите во Вашите модели е софистициран, слоевит, сложен. Дали токму во тоа е Вашиот најголем успех во креацијата?
ПЕТИТ:
Јас рачно ги изработувам текстилите што ги користам, се обидувам од неколку материјали да направам нешто ново и уникатно. Текстилот е најбитен во едно парче облека, според моето мислење, дури и обична маичка со добар текстил може да изгледа прекрасно и уникатно. Текстилниот дизајн е мој идентитет во моите креации и луѓето ме препознаваат по тоа. Идејата за изработување текстил ја добив во текот на студирањето затоа што во текот на мојата едукација во „Esmod“ професорите ни бараа да размислиме за секоја креација и да направиме нешто ново, секогаш да одиме колку што е можно подалеку со нашите идеи, да се обидеме да ја диктираме модата, а не да се адаптираме. Исто така, во рефлексијата на дизајните ми помогна мојата работа за модните куќи затоа што научив многу техники на изработка на текстили што не ги учиме секогаш во школата.

МАРИЛИ: Имавте модна ревија и во Пекинг. Кажете ни како таму ги примија Вашите модели? Дали пазарите во Азија стануваат едни од важните приоритети на големите модни куќи? По што се разликуваат вкусовите на таа публика во однос на европската?
ПЕТИТ:
Денес најголеми клиенти во светот на модата се Азијците. 

Многу модни куќи прават капсулни колекции инспирирани од азиски мотиви и се адаптираат на нивната култура. Азијките обожаваат цветови, шарени бои, рачно везени мотиви, птици, природа.

 Во Европа луѓето сакаат да се облекуваат во облека со студени и темни бои што е спротивно од Азијците. Моите модели некако потсвесно им припаѓаат на Азијките, тоа може да го забележите во моите креации, при што се комбинираат пастелни тонови. Мојата ревија во Пекинг досега ми беше најдобро искуство затоа што публиката беше премногу внимателна и заинтересирана за мојата работа.

МАРИЛИ: Госпоѓица Петит, како една од финалистите на неодамнешниот натпревар Fashion Scout SEE настапувавте во Белград, во Скопје. Дали ќе настапувате и во некој друг град или моден центар?
ПЕТИТ:
 

Конкурсот за Fashion Scout See го видов на една македонска веб-страница, потоа аплицирав со моето досие со цртежи , мудборд, објаснување на колекцијата, како и со мојата претходна работа. 

Жирито на Fashion Scout London избра по тројца финалисти од сите четири држави (Македонија, Србија, Хрватска, Словенија) и сите 12 финалисти се претставивме со ревија во време на Модната недела Белград (во Belgrade Fashion Week), каде што ги презентиравме нашите капсулни колекции.

Имав ревија на 28 и на 29 април за модниот весник „ELLE“ Унгарија, за време на ELLE FASHION SHOW 2017 во Будимпешта, каде што ја претставив колекцијата „Алиса“. Модниот весник „ELLE“ ме забележа во текот на мојата ревија за Marie Clarie Magasine што ја имав минатата година и ме покани да учествувам на нивниот настан. Сите креатори што учествувавме во ELLE FASHION SHOW работиме сосема различно и претставувавме различни колекции, но не почувствував никаква конкуренција, напротив сите се поддржувавме и си помагавме во текот на ревиите затоа што бевме премногу среќни и импресионирани да бидеме избрани и да учествуваме во ревија на едно од најдобрите светски модни списанија. Организацијата беше на високо ниво, јас бев пречекана како врвен креатор, имав помошници што се грижеа за подготвување и за пеглање на креациите, шминката беше поддржана од тимот на Piere René, со прекрасна сценографија на модната писта. Во текот на два дена имав три ревии, една на 28 април што беше резервирана само за вип и медија гости, а другите две се одржаа на 29 април што беа за поширока публика. Во план ми е во септември да направам ревија во Париз, се надевам дека ќе можам да ја реализирам во текот на Моден викенд Париз.


МАРИЛИ: Кои се Вашите идни планови за сезоната есен/зима 2017/2018 година, како и Вашите планови за блиска иднина?
 ПЕТИТ:
 Моментно работам на мојата веб-страница и би сакала во септември да пуштам една комерцијална линија што ќе биде достапна за интернационалната клиентела.

 Ќе продолжам паралелно да работам за модните куќи, на нарачките на моите клиентки и се надевам дека по неколку години би можела да отворам модна куќа со седиште на стил и креација во Париз, а продукција во Македонија.

 Користени се фотографии од фотографoт Steve Wells за моделот Sarah Seewer и фотографии од фотографот Samer Sider.

 

Содржината е прочитана 1931 пати.