Интервјуа

Интервју со М-р. Слободанка Алексовска, раководител на Центар за вработување на Град Скопје

Од аспект на претприемаштвото и учеството на жените на пазарот на труд како претприемачи преку програмата „Самовработување“, податоците од анализата за 2016 година покажуваат дека од вкупно отворени бизниси повеќето (37%) се отворени од жени, а во 2015 година резултатите покажуваат дека 35% од вкупно регистрираните бизниси се регистрирани од жени

вторник, 02 мај 2017

МАРИЛИ: Госпоѓа Алексовска, кажете ни накратко кои се вашите задачи како раководител на Центарот за вработување на Град Скопје.
АЛЕКСОВСКА:
Како раководител на најголемиот Центар за вработување навистина имам голема одговорност и многубројни секојдневни обврски. Ја раководам, следам, координирам и ја организирам работата на Центарот и на сите вработени, а во тоа спаѓаат и следењето и примената на законските и на подзаконските акти, на прописите и процедурите од областа на трудот, правата и обврските на работодавците и на невработените лица, поврзани со вработувањето и осигурувањето во случај на невработеност, односно остварувањето на одредени права што произлегуваат од Законот, потоа координација на работните задачи на вработените во Центарот, спроведување на иницијативите за унапредување на работата на институцијата, предлагање и следење на плановите за низа активности во рамките на работата на Центарот, опслужување на клиентите и сл. Многу е битно правилно да се поделат работните обврски, добро да се менаџираат достапните човекови ресурси во насока на правилно користење на нивниот потенцијал, креирање позитивна работна клима и можност за остварување на сите законски права на странките.

МАРИЛИ: Можете ли да ни дадете податоци како се движи стапката на невработеност во последниве 10 години и кои се карактеристиките на Град Скопје во однос на другите региони во Република Македонија?
АЛЕКСОВСКА:
Во последните 10 години имаме позитивен тренд кога говориме за стапката на невработеност и таа постојано се намалува поради многубројните нови отворени работни места. Стапката на невработеност во текот на последните 10 години е намалена за цели 14%, односно од рекордно високи 38% во 2005 година таа денес е историски најниска и изнесува 23,1% или тоа, всушност, е резултат од 170.000 нови отворени работни места во период кога Владата е предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Почнувајќи од 2007 година секоја година Владата креира и усвојува Оперативен план за вработување и тој содржи многу мерки и програми за вработување што помагаат во намалувањето на невработеноста. Исто така, со многуте отворени компании, странски инвестиции, се создадоа голем број нови работни места.

Скопје е срцето на Македонија, многу се разликува од другите центри, пред сè, најголемата побарувачка на работни места е токму во главниот град, тука е најфреквентно движењето на пазарот на трудот, најголем број компании имаат седиште во Скопје, така што навистина е предизвик да се бориме со намалување на невработеноста во главниот град преку зголемување на бројот на нови работни места. Во Скопје, во согласност со административните податоци на АВРМ, во последните 10 години невработеноста е намалена за цели 50%, а тоа е навистина многу голем успех и позитивен резултат.

МАРИЛИ: Колкав е процентот на вработување на млади лица, особено на оние со ВСС? Кои професии се најбарани?
АЛЕКСОВСКА:
Младите лица се движечка сила и мотор на секое општество. Навистина многу се внимава младите да бидат соодветно застапени во сите мерки за вработување, а и има и мерки што се креирани само за нив како посебна целна група. Покрај мерките за вработување во последните 10 години креирани се многу политики што содржат придобивки и им обезбедуваат многу права на младите во Македонија, сигурно повеќе од 100 проекти се наменети само за нив. Исто така, студентските домови се реконструирани со нов инвентар и ентериер.

Кога говориме за процент на вработување кај младите, слободно може да кажам дека е највисок во споредба со сите други категории невработени лица. Младите, дефинитивно, се најбарани од работодавците.
Во согласност со последните резултати од спроведената анкета на пазарот на труд - 2015/2016 година, најбарани професии се следниве:

Со завршено високо образование - програмери, информатичари, систем-администратори, софтвер-инженери, графички дизајнери, градежни инженери, машински инженери, архитекти, фармацевтски технолози, инженери-технолози за фармацевтски производи, маркетинг-агенти, сметководители, економисти (за финансии, за осигурување, за банкарство, за менаџмент), правници и др.

Со средно или со вишо образование - техничари-технолози, администратори, систем-оператори, оператори за телекомуникациска опрема, графички техничари, електротехничари, машински техничари, електромашински техничари, машински техничари за одржување опрема, градежни техничари, текстилни техничари, комерцијалисти, медицински сестри, техничари за обувки, фармацевтски техничари, хемиски техничари-лаборанти и други.

Со средно образование - шивачи, кројачи, продавачи, заварувачи, бравари, лимари, столари, магационери, возачи (на такси, на товарно возило, на камион, на автобус), пекари, келнери, готвачи, помошник-готвачи, ѕидари, чевлари, електричари за одржување, градежни работници, ракувачи со градежни машини.

Во овој контекст би ги споменала позитивните резултати во вработувањето на младите само преку една законска можност, а тоа е проектот „Македонија вработува 1“, а сега и „Македонија вработува 2“ што, всушност, беше инициран прво за вработување на млади лица до 29 години. Преку оваа законска можност се вработија повеќе од 8.000 млади лица за само една година. Во периодот на времетраењето на законските одредби погодностите за вработување со мерките од проектот „Македонија вработува 1“ ги искористија 10.140 работодавци, при што се реализираа 18.909 вработувања на ниво на РМ, а 11.802 вработувања од нив се на млади невработени лица до 35 години возраст.

Со законската можност „Македонија вработува 2“, која сè уште е во сила, досега се реализирани повеќе од 6.120 вработувања, а од нив само за млади во категорија до 35 години се вработени над 3.774 лица.

МАРИЛИ: Кои програми за доквалификација или за дополнителни обуки се воведени во Центарот со цел подобро да се одговори на барањата на компаниите што вработуваат?
АЛЕКСОВСКА:
Обуките што ги спроведува АВРМ, со цел доквалификација и преквалификација, се дефинирани во согласност со Оперативниот план за 2017 година и оперативните упатства и се однесуваат на:
- Обуки за побарувани занимања на пазарот на труд - за повеќе разнородни образовни профили (сметководство и службеници во книговодство, масери, козметичари, шминкери, негувателки, готвачи и сл.)
- Обуки за побарувани занимања на пазарот на труд - за повеќе разнородни образовни профили - за лица со инвалидитет, за занимања масери-терапевти, модуларна обука за аргон-заварувачи, инсталатери и монтери на водоводна инсталација, изработувачи на печива, описменување за употреба на Брајово писмо, ориентација и мобилност
- Обука за напредни ИТ-вештини
- Обука за основни ИТ-вештини
- Обука за возачи - категорија Ц, Д и Е
- Обука за стекнување вештини за стари занаети
- Обука за основни вештини (странски јазици)
- Обука за напредни вештини (странски јазици)
- Обука за претприемаштво
- Обука за кај познат работодавец - за конкретно работно место, за потребите на компаниите
- Обука на работно место со субвенционирано вработување - за конкретно работно место, за потребите на компаниите
- Практикантство - како можност за обука и стекнување практични работни вештини
- Мотивациски обуки
- Обуки за подготовка за вработување и работа и стекнување вештини за барање работа
- Професионална ориентација и кариерно советување на невработените, со цел насочување во нивниот кариерен развој
- Обука за користење на онлајн-услугите на АВРМ

МАРИЛИ: Постои ли план како да се насочат образовните институции од средното и од високото образование за да се стимулира продуцирањето кадри што реално му се потребни на пазарот на труд?
АЛЕКСОВСКА:
Секоја година АВРМ спроведува анкета на пазарот на труд, со цел да се согледаат актуелните потреби на пазарот и во согласност со тоа да се креираат мерки за вработување што би биле компатибилни со потребите или со побарувачката на пазарот. Според тоа, се креираат мерки со цел образување на возрасни, во рамките на неформалното образование, за да им се овозможи да се здобијат со одредена квалификација со која понатаму би можеле да си го најдат своето место на пазарот на трудот.

Што се однесува до образовните политики, во рамките на образовните институции од средното и од високото образование во формална рамка, во координација со МОН, се креираат профили на занимања што реално му се потребни на пазарот. Министерството за образование и наука, секако како надлежно Министерство, во оваа насока креира политики за насочување на младите кон оние образовни институции во кои би стекнале знаење и вештини со кои би било полесно да се вработуваат.

МАРИЛИ: Се вклучивте и во реализацијата на планот за спроведување мерки што може да се искористат за самовработување на жените? Какви се резултатите од овие активности?
АЛЕКСОВСКА
: Жените се многу битна алка во секој сегмент на општеството. Во последните години е направен сериозен исчекор во добивањето еквивалентни права за жените во РМ.

Жените активно учествуваат во сите мерки, а не само во програмата „Самовработување“.

Од аспект на претприемаштвото и учеството на жените на пазарот на труд како претприемачи преку програмата „Самовработување“, податоците од анализата за 2016 година покажуваат дека од вкупно отворени бизниси повеќето (37%) се отворени од жени, а во 2015 година резултатите покажуваат дека 35% од вкупно регистрираните бизниси се регистрирани од жени.

Во 2014 година од вкупно регистрираните бизниси, 36% се жени што регистрирале сопствен бизнис, а со поддршка на програмата „Самовработување“ во 2014 година бројот на дополнително вработени е 110 лица од кои 55 (50%) се жени.

Многу е битно жената да биде економски стабилна и самостојна за да може да се реализира себеси на секое друго поле и затоа преку мерките, кои им се достапни на сите невработени лица, правиме напори секоја невработена жена до дојде до соодветно работно место или да отвори сопствен бизнис. Од оваа година грантот за отворање сопствен бизнис е повисок за дополнителни 1.000 евра, односно изнесува 4.000 евра, па ова е дополнителна стимулација голем број жени да се осмелат да почнат сопствен бизнис.

Исто така, интересен е податокот дека во вкупната реализација на мерките од оперативните планови досега околу 45% се искористени или реализирани од невработени лица - жени.

МАРИЛИ: Со кои активности се зголемува самовработувањето на жените, со оглед на тоа дека се настојува во предвидените мерки да се обезбеди нивно учество на новите работни места со минимум 30%?
АЛЕКСОВСКА:
Постојано се преземаат повеќе активности, со цел информирање и вклучување на жените во низа активности што се во надлежност на АВРМ, но и во соработка со други партнери - институции, невладини здруженија, Занаетчиската комора на Скопје итн. во вид на информативни средби, групни и индивидуални советувања, мотивациски обуки, презентации и форуми и слично.

МАРИЛИ: Направивте напори да ги обедините и да соработувате со сите здруженија, невладини организации и други форми на здружување што работат со целни групи жени, со цел да се помогне околу нивното самовработување. Какви други активности планирате за нив?
АЛЕКСОВСКА:
Обединувањето беше иницирано за потребите на жените-претприемачи, со цел да се оствари соработка во областа на промоцијата, поттикнувањето и омасовувањето на женското претприемаштво и лидерство, како и поголема застапеност на жените во искористувањето на активните мерки и политики, како и сите услуги што се нудат на пазарот на труд од Оперативниот план за вработување за 2017 година.

Примарна задача е да се постигне економско јакнење на жените и нивно вклучување на пазарот на труд.

Покрај поттикнување на претприемаштвото кај жените и нивното учество во програмата „Самовработување“, постојано се стимулира и нивно учество во сите други активни мерки и програми, преку разни форми на информирање, организирани средби, преку склучување партнерства со голем број здруженија и организации што, исто така, имаат улога на „помагачи“ во процесот. Тука би го споменала системот за едукација што го планираме, каде што успешните жени-менаџери би правеле едукации и советувања за помладите, за почетниците жени-менаџери, а лично сметам дека тоа е многу ефикасно и мотивирачко за секоја жена што е почетник во водењето бизнис. Исто така, планираме организирање на заеднички и индивидуални обуки, трибини, едукативни средби и советувања (секој во доменот на своето дејствување), со цел зајакнување на вештините и на капацитетите на жените.

Предвидена е поддршка на жените од руралната средина, поттикнување на жените фармери и вклучување на жените во земјоделскиот сектор, потоа поттикнување на занаетчиството кај жените, како и многу други активности.

МАРИЛИ: Веќе е донесен Оперативниот план за 2017 година. Дали можете да ни кажете колку мерки има и колку вработувања очекувате за оваа година?
АЛЕКСОВСКА:
Оперативниот план за 2017 година е усвоен и донесен од Владата на РМ, содржи 22 програми и мерки за вработување и 11 услуги на пазарот на труд, а се планира вкупниот број учесници да биде повеќе од 41.000 лица. Директни вработувања што се креирани со него се повеќе од 10.000 работни места и одвоени се над 14.200.000 евра.

Планирани се грантови за повеќе од 1.000 нови самовработувања, продолжува поддршката на лицата со попреченост и со грант од 4.500 евра во денарска противвредност тие може да отворат сопствен бизнис. Продолжува мерката субвенционирано вработување, практиканство, грантови за отворање приватна градинка или дом за згрижување стари лица. Исто така, продолжуваат обуките и во 2017 година се планира повеќе од 7.200 лица да се здобијат со нови знаења и вештини преку кои ќе им се зголемат можностите за вработување.

МАРИЛИ: Вие, исто така, сте успешна млада жена-менаџер на функција во државниот сектор. Кажете ни како се справувате со многубројните обврски бидејќи сте и сопруга и мајка? Каков совет би им дале на жените, што треба да им бидат приоритетите за да бидат успешни и среќни?
АЛЕКСОВСКА:
Активностите во професионалните, политичките и во работните ангажмани се навистина големи, секој ден е преполн со многу состаноци и задачи, дополнително тука се и домашните обврски, како и мојата улога како мајка, сопруга и пријателка. Само со силна посветеност, голема мотивација и организација може да се одговори на предизвикот и да се направи баланс меѓу професионалниот и приватниот живот.
 

Содржината е прочитана 456 пати.