Мода

Модната дизајнерка Олгица Ѓоргиева го освојува Балканот

Нашата талентирана модна дизајнерка Олгица Ѓоргиева од Модното ателје „ГО Ѓоргиева Олгица“ на 10.04.2017 година се претстави со колекцијата „Alter„ на модната сцена во Белград во рамките на меѓународниот настан Muzika&Moda

четврток, 13 април 2017

Нашата талентирана модна дизајнерка Олгица Ѓоргиева од Модното ателје „ГО Ѓоргиева Олгица“ на 10.04.2017 година се претстави со колекцијата „Alter„ на модната сцена во Белград во рамките на меѓународниот настан Muzika&Moda

Реномираниот настан Muzika&Moda организиран од агенцијата „Фабрика“ од Србија имаше цел да ги поврзе етаблираните уметници од балканскиот регион со што ќе ја издигне културата и уметноста на повисоко ниво.На овој настан беа присутни уметници од областа на музиката и од областа на модата. Свои дела изведоа: Ратимир Мартинович, клавир - Подгорица, Црна Гора ; Јадранка Јованович, мецо сопран - Белград,Србија имаше претпремиерна изведба на композиција од композиторот Александар Симич, на клавир и Јела Михаилович - чело .

Во модниот блок со свои модни ревии се претставија: Верица Ракочевич - Белград, Србија; Борис Чалич - Подгорица, Црна Гора ; Олгица Ѓоргиева - Скопје, Македонија;Ивица Скока - Загреб, Хрватска.

На овој одлично концепиран настан поддржан на интернационално ниво на кој присуствувал целиот дипломатски кор, уметниците со интернационални кариери имаа можност да се дружат и запознаваат.

За своите одлични впечатоци од овој настан Олгица Ѓоргиева изјави:

-„Ова е веќе наредно ниво од мојата работа, бев забележана и ги добив сите можни пофалби, што ме прави уште посреќна затоа што успешно ја претставив Македонија. Оваа моја ревија сигурна сум ќе остане една од моите најдраги, затоа што од повеќе аспекти претставува наредно ниво за мене.Затворив еден циклус од мојата кариера, а оваа година се 10 години од мојата работа како моден дизајнер и ја заокружив со признанието што ми го додели агенцијата „Марили“ од Скопје пред неколку дена, за една од најуспешните жени менаџери за 2016 година во Р.Македонија. Настанот во Белград е почеток на едно друго ниво кое со задоволство ќе го изодам и ќе уживам во целиот процес.“

Колекцијата наречена „Alter„ пролет/лето 2017 е во суштина синоним за промена и претставува продолжение на претходната колекција во која Олгица Ѓоргиева ја разви и ја прошири идејата со принтовите, кои се препознатливи за неа во последните модни сезони. Задржан е минималистички стил на изразување со доработка, а како принт и детали се среќава книгата и пеперутката како симболи за промена. Во модната колекција доминираа белата, црната, крем, сива, тиркиз и црвена боја.

Колекцијата беше забележана и одлично прифатена, што значи квалитетен производ кој може сериозно да се бори за своето место за присуство на други пазари што претставува концепт за идната работа на Олгица Ѓоргиева.
 

Содржината е прочитана 538 пати.