Интервјуа

Интервју со г-ѓа Сузана Блажевска, генерален менаџер на „Афродита-С“ - Скопје

Сметам дека постои еден универзален одговор на прашањето како да бидете успешни на кој било план, а во случајот како успешно да развиете бизнис. Во најголема мера тоа зависи од вашата напорна работа. Потребни се огромна упорност и истрајност. Многу напорна работа и време што ќе им го посветите на континуираното подобрување и усовршување во работата.

петок, 03 март 2017

МАРИЛИ: Госпоѓа Блажевска, што значи 20 години успешно да се опстојува и да се развива бизнис како што е Вашиот?
БЛАЖЕВСКА:
Сметам дека постои еден универзален одговор на прашањето како да бидете успешни на кој било план, а во случајот како успешно да развиете бизнис. Во најголема мера тоа зависи од вашата напорна работа. Потребни се огромна упорност и истрајност. Многу напорна работа и време што ќе им го посветите на континуираното подобрување и усовршување во работата. Несомнено, потребни се големи жртви. Голема заблуда е некој да мисли дека успешноста е резултат на нечија среќа. Секако дека постојат и други фактори, но, сепак, успех може да се очекува само ако се работи напорно.

МАРИЛИ: Кои третмани се нудат во центрите за убавина „Афродита-С“?
БЛАЖЕВСКА:
Центрите за убавина нудат повеќе од 200 различни козметичко-фризерски услуги и третмани. Третманите што ги нудиме се разновидни. Би одзела многу простор ако ги наведам сите третмани што се нудат во двата центра за убавина на „Афродита-С“, па затоа ќе споменам само некои.
Нудиме третмани, како што се депилација, маникир, педикир, грижа за косата, за лицето, а тие може да се наречат еден вид хигиенски третмани. Овие третмани постојано се актуелни и несомнено му се потребни на секој клиент во секој период од годината.
Работиме различни техники на декорација на нокти. Декорација на природни или на продолжени нокти со различни техники и форми.
Ја препорачуваме трајната шминка со која видливо може да се подобри изгледот на клиентот. На ова поле најново е изработката на трајна шминка со техника на исцртување на јапонски веѓи, позната како microblading. Трајната шминка одлично им прилега и на усните и на очите.
Го нудиме третманот со ИПЛ ласер што дава можност за кратко време да се отстранат несаканите влакна на безболен и брз начин. Овој апарат нуди можност за отстранување на лузни, дамки и на акни.
Понатаму, има најразлични третмани за нега на лице, од класични до најсовремени методи. Третмани за обновување на кожата, за хидратација и против стареење, против брчки, дамки, лузни. Овде би ги споменала методот мезо-ролер, киселините на д-р Мурад, Green Peel, биолошките и абразивните третмани. Овие третмани особено ги препорачуваме за ладниот период од годината. Исто така, многу е актуелен и третманот за лице и тело со кислород - OXY-третман за беспрекорно чиста, здрава и млада кожа. Располагаме со најнапреден систем за дермо инфузија со кислород од 98% за оксигенизација и регенерација на кожата на лицето и на телото. Тоа е одличен третман за дехидрирана, уморна кожа, подочници, неизедначен тен, пигментации, намален праг на чувствителност, слаб тонус и брчки. Биполарната и триполарната радиофреквенција е третман за интензивен лифтинг на кожата. Мед-контур е третман за тонизирање и за подигнување на мускулите на лицето. Ги препорачуваме и мезотерапијата со дерма пен, микроабразијата со кристали и дијамантски глави, ултрасоникот за хидратација и биофотон светлосната терапија.
Во големиот број услуги што ги нудиме значајно место заземаат и третманите за обликување на телото. Располагаме со најсовремени неинвазивни апарати што ефикасно ги отстрануваат мрснотиите од определени делови на телото, затоа што во вакви случаи тешко се постигнуваат резултати само со традиционални третмани, диети и физичка активност. Би го издвоила методот криолиполиза како најреволуционерно откритие во борбата против локализираните мрснотии. Во комбинација со методот Lpg може да помогне да се креира тело по желба, без масни наслојки, со затегната кожа. Третманот со радиофреквенција го измазнува целулитот и ги ремоделира колагенот и еластинот. Особено ефикасен третман за отстранување на целулит и на стрии е акустичната бранова шок-терапија. Овој третман помага во затегнувањето на кожата на телото и во елиминирањето на целулитот што веќе е во понапредна фаза. Капсулата Alfa Led Oxy Spa е апарат што нуди третмани за комплетен детокс и за намалување на килограмите. Со светлосната терапија се обновува кожата, се рехабилитира и се релаксира. Познатиот метод на ултразвучна кавитација со два типа сонди за цврсти и меки наталожени масти дава извонредни и веднаш видливи резултати. Тука се и другите методи на цаци квантум што е препознатлив апарат по неговите многубројни функции за секаков тип целулит и масти. Третманот контур е еден од најдобрите за подигнување на задникот, градите и за израмнување на стомакот. Липоласерот е понов метод што на многу софистициран начин ги топи мастите. Body Slimmer and Contour е метод со кој за половина час се добиваат четири различни третмани: липоласер, Lpg, радиофреквенција и вакуум третмани. Со само 10 третмани се намалува обемот на телото и се затегнува кожата дури и до 50 отсто.
Би ги споменала и третманите за релаксација, група во која несомнено спаѓаат и голем број различни видови масажи што ги нудиме, а тие им се едни од поомилените на нашите клиенти.
Особено е важно да напоменам дека во нашите салони, исто така, има сѐ повеќе мажи. Тие ги користат нашите третмани во голема мера.
Како што напоменав и претходно, секој клиент, без оглед на пол и на возраст, кај нас може да го пронајде својот идеален третман меѓу сѐ она што го нудиме.
Всушност, секој клиент, без оглед на годините, треба само да си создаде навика за постојана грижа за својот изглед и негата да им ја препушти на професионалци.

МАРИЛИ: Какви беа почетоците, како дојдовте на идеја да го почнете овој бизнис?
БЛАЖЕВСКА:
Пред повеќе од 20 години идејата произлезе од желбата да се креира убавина. Да се подигне свеста за важноста на убавото и негуваното лице и тело. Да им се врати самодовербата на клиентите. Желбата да се стави насмевка на лицето на нашите клиенти несомнено беше тоа што ја поттикна идејата од која произлезе „Афродита-С“.
Верувам дека секој ќе се согласи со мене дека е вистинско уживање да се занимавате со убавината на луѓето, односно да ги релаксирате и да ги разубавувате. Клиентите доаѓаат кај нас и на релаксација и уживање. Своите проблеми ги оставаат надвор од нашите простории.  Во духот во кој започнавме продолживме и понатаму. Во 2011 година додадовме уште еден дел во мозаикот на убавината, односно го отворивме и вториот салон на „Афродита-С“ на Водно. Верувам дека на повеќето им е познато дека првиот центар за убавина на „Афродита-С“ се наоѓа во населбата Аеродром.
Денес „Афродита-С“ може да се пофали и со голем број обучени кадри во областа на козметиката и трајната шминка. Преку центарот за обука на „Афродита-С“ се спроведуваат групни и индивидуални обуки во областа на козметиката, како и обуки за трајна шминка.

МАРИЛИ: Од денешна гледна точка, за што би рекле дека било пресудно за да опстоите на пазарот и да се развивате?
БЛАЖЕВСКА:
Почнавме да работиме сериозно и одговорно. Центарот за убавина „Афродита-С“ беше создаден за да опстане. Почетоците беа скромни, но многу амбициозни. Уште тогаш имав јасна претстава за тоа што треба да биде „Афродита-С“ по пет, десет, петнаесет, дваесет години од создавањето.
Неуспехот не беше опција за која размислував во кој било момент. Од самиот почеток „Афродита-С“ ги следи најновите достигнувања во областа на козметиката. Нуди спој на најдобри традиционални мануелни и најсовремени третмани со козметички препарати и апарати за комплетна нега на лицето, телото, ноктите и на косата. Квалитетот на услугите, добриот тим и грижата за клиентите секако се пресуден фактор „Афродита-С“ успешно да се развива и да постои веќе 20 години.


МАРИЛИ: Колку следењето на современите трендови и едукации се важни во оваа област, со оглед на динамиката на новитетите што постојано се воведуваат?
БЛАЖЕВСКА:
Од самиот почеток „Афродита-С“ ги следи најновите достигнувања, но бидејќи сферата на козметиката постојано се усовршува и се менува, неопходно и најважно е постојаното следење на новитетите и надградување на знаењето во оваа област. Перманентното усовршување и имплементирање на сите новитети е наша постојана активност. Наша цел е постојано да се подобруваме и да овозможиме услугите да бидат на повисоко ниво, со што ќе го зголемиме бројот на задоволни клиенти.
Тимот на „Aфродита-С“ ги почитува принципите на деловност и етика, врши континуирана едукација на својот тим и ги следи најновите козметички достигнувања.

МАРИЛИ: Може ли Вашиот салон за убавина да обезбеди една убава и негувана фигура на жена ако во континуитет Вам Ви ја даде довербата?
БЛАЖЕВСКА: Секако, познато е дека убавиот изглед на една жена во голема мера зависи од континуираната нега и грижа за себе. Нашите клиенти се свесни дека козметичките третмани што ги нудиме го даваат својот максимален ефект ако се користат во континуитет. Особено ме радува фактот дека има голем број клиенти што создадоа навика за постојано посетување на центарот за убавина, при што го користат како место каде што ќе се релаксираат и ќе си посветат време само на себе. Убавината е резултат на постојаната грижа за своето лице и тело.

МАРИЛИ: Има ли познати јавни личности со кои континуирано соработувате?
БЛАЖЕВСКА:
Голем е бројот на јавни личности што ги посетуваат двата центра за убавина „Афродита-С“. Ќе споменам само некои од кои имам дозвола за тоа: Калиопи Букле, Викторија Лоба, Аделина Тахири, Дани Димитровска, Марија Ивановска од групата „Eue Que“, Симона Поповска, Ирена Спасовска и многу други за кои ја почитуваме желбата за дискреција. Сите тие се природно многу убави, но „Афродита-С“ им помага да ја одржуваат својата убавина и добра форма.

МАРИЛИ: Постојат ли и други обврски што како менаџер во Вашиот бизнис ги извршувате и какви се Вашите планови за во иднина?
БЛАЖЕВСКА:
Освен како менаџер, во последниот период особено сум ангажирана и како едукатор, односно ментор на обука за козметичари и обука за трајна шминка и microblading, попознато како јапонско исцртување на веѓи.
Исто така, во овој момент во „Афродита-С“ само јас како артист ја работам трајната шминка со техниката мicroblading.
Како што веќе споменав, „Афродита-С“ се занимава и со обука на козметички кадри. Поседуваме лиценцирана програма за обука на козметичари. Во моментов во „Афродита-С“ во тек е обука на група козметичари, која се спроведува во соработка со Занаетчиската комора - Скопје и со Црвен крст на Р. Македонија, а преку неа вршиме обука за козметика на група од претходно избрани кандидатки. Станува збор за проект за подобра конкурентност на кандидатите на пазарот на труд, а јас сум задолжена за обуката. Освен тоа, постојано спроведувам и индивидуални обуки на кандидати за козметичари. Исто така, даваме можност за обука на кадри што подоцна ќе бидат вработени во „Афродита-С“.

Во однос на нашите идни планови може да кажам дека Центарот за убавина „Афродита-С“ ќе продолжи да се подобрува и да овозможува услуги на повисоко ниво.
Се залагаме „Афродита-С“ да ги задоволи стандардите на најдобрите салони во светски рамки. Нашиот досегашен успех е резултат на стручност, иновации и стабилна платформа за понатамошен развој. Оспособуваме професионални кадри благодарејќи на едуцираниот и искусен организационен тим. Постојано ги подобруваме сите фундаментални аспекти, како што се квалитетот на услугите, воведувањето новитети, прифатливите цени на нашите услуги и љубезноста при извршувањето на услугите кон клиентите. Ќе продолжиме во досегашниот дух со постојано воведување на иновации во полето на козметиката.

МАРИЛИ: Што значи да се биде успешна жена менаџер и истовремено успешно да се одговори и на приватните обврски, пред сè, кон домот и семејството?
БЛАЖЕВСКА:
Да се биде успешна жена менаџер и да се опстане во тоа 20 години бара навистина голема посветеност и многу вложен труд и време. Треба да имате визии и да се стремите кон нивно остварување, совладувајќи ги притоа сите ризици и пречки. Темел на успешноста е посветеноста, градењето добар тим, постојаното усовршување, континуираното обучување на тимот за работа, следењето на иновациите, како и нивно постојано имплементирање.
Успешната жена треба да знае да менаџира, како професионално, така и приватно. Да биде лидер на работното место, но и добра сопруга, мајка, ќерка, другар и пријател. Без сето ова не би била целосно успешна. Цело е само кога има сѐ. Семејството е основна клетка на животот и без него и неговата поддршка не би била комплетно реализирана и среќна. Особено сум горда на моето прекрасно семејство. Имам прекрасен сопруг што ме поддржува сите години наназад и голема помош од синот и ќерката. За мене вистински празник е времето што го минувам со моите четири внуци Матеа, Јована, Душан и Јаков. И покрај многуте работни обврски, секое слободно време со задоволство го минувам со семејството.

 

Содржината е прочитана 3361 пати.