Интервјуа

Интервју со господин Метин Батак, Заменик-генерален директор за финансии и административни работи на ТАВ Македонија

Ќе продолжиме со нашата стратегија за експанзија на рутите и привлекување нови авиокомпании на македонскиот авијациски пазар, бидејќи мислиме дека тоа е основниот услов за неговиот натамошен развој. И годинава очекуваме пораст на бројот на патници над просекот во ЕУ и над просекот во регионот, а истовремено со активностите за проширување на мрежата на авиолинии, како и секогаш, ќе се фокусираме и на квалитетот на аеродромските услуги, со цел подобрување на задоволството на нашите клиенти.

петок, 03 март 2017

МАРИЛИ: На почетокот на 2017 година, можете ли да ги сумирате главните достигнувања на ТАВ Македонија за 2016 година. Беше ли успешна година?
БАТАК:
Минатата 2016 година беше успешна за ТАВ Македонија. Го задржавме високиот двоцифрен пораст на бројот на патници достигнувајќи вкупна бројка од 1.794.376 патници на двата македонски аеродроми, скопскиот Александар Велики и охридскиот Св. Апостол Павле, што е годишен пораст од 15%.
Во исто време бројот на летови е зголемен за 8,9% достигнувајќи вкупно 16.883 летови во 2016 година.
Ако го погледнеме развојот во последните 6-7 години, бројката на патници на двата македонски аеродроми е повеќе од двојно зголемена, од 729.297 патници на двата аеродроми во 2010, во 2016 година имавме вкупно 1,8 милиони патници. Интензитетот на пораст беше особено засилен последните две години со новите авиолинии кои ги отворивме од двата аеродроми.
Бројките за авиосообраќајот се резултат на експанзијата на нови рути која што ја правевме во континуитет во последните години. Во 2016 отворивме 5 нови дестинации од скопскиот аеродром. Новите линии до Берлин, Копенхаген и Братислава беа пуштени од Визер во март 2016 година. Во мај 2016 година Чех ерлајнс ја обнови рутата Скопје-Прага, додека во октомври 2016 година новата линија Скопје-Хановер беше пуштена од страна на Визер.
На охридскиот аеродром го донесовме најголемиот тур-оператор Томас кук кој почна со летови на линијата Брисел-Охрид, додека во исто време пуштивме нови туристички чартери на рутите Охрид-Белград со Ер Србија и Охрид Тел Авив со израелската авиокомпанија Аркиа, додека истовремено традиционалните чартер летови од Амстердам со холандски туристи продолжија да носат туристи на Охридското езеро. Од декември 2016 година, нова авиокомпанија на охридскиот аеродром - Германиа флуг почна да ги реализира летовите Охрид-Цирих.
Паралелно со порастот на авиосообраќајот, во 2016 година, по трет пат во последните пет години, ја добивме ASQ(Airport Service Quality) наградата од ACI(Airports Council International), односно скопскиот аеродром Александар Велики беше прогласен за најдобар аеродром во Европа во категоријата аеродроми под 2 милиони патници, од аспект на услугата на аеродромските услуги.
Ова признание од ACI е многу важен доказ што покажува дека во последните 7 години успеавме да го подобриме квалитетот на нашите услуги кои ги нудиме во терминалната зграда. Наградата е резултат на независни анкети на ACI кои се прават на сите аеродроми во светот, мерејќи го задоволството на патниците во различни категории. Базирано на овие анкети, ASQ- наградата е објективен доказ за квалитетот на нашите услуги, кои секогаш се трудиме да ги подобриме според насоките и сугестиите дадени од страна на нашите патници.

МАРИЛИ:Кои се најпопуларните рути од скопскиот аеродром? Кои се најфрекфентните дестинации во 2016?
БАТАК:
Најфрекфентните дестинации од скопскиот аеродром во периодот јануари декември 2016 година се Истанбул (со двата аеродроми Ататурк и Сабиха Гокчен) со 12,6% пазарен удел, потоа Цирих (со 10,2% пазарен удел), Виена (6,3% пазарен удел), Базел (5% пазарен удел), Малме (4,8% пазарен удел) и Лондон (4,3% пазарен удел).

МАРИЛИ: Треба ли да очекуваме нови рути и нови авиокомпании на македонските аеродроми во 2017 година?
БАТАК: 
Од скопскиот аеродром годинава ќе бидат отворени 4 нови авиолинии.Катар ервејс ќе почне да лета на релација Скопје-Доха почнувајќи од 17. јули 2017 година,додека Виз ер ќе додаде четири нови дестинации од скопскиот аеродром и ќе го алоцира четвртиот авион во својата база во Скопје. Од 2. Април ќе почне да лета на релација Скопје-Будимпешта, линија која не беше опслужувана 4 години, а од средината на јули Виз ер ќе почне да лета и до Малта, Рим и Ваксјо (Шведска). Ќе има новитети и на охридскиот аеродром исто така. Од почетокот на летната сезона 2017, во соработка со најголемиот полски тур-оператор ќе воведеме нови чартер летови од Варшава и Катовице до Охрид. 

 МАРИЛИ: Кои се следните чекори на ТАВ Македонија во 2017 година, од аспект на натамошен развој?

БАТАК: Ќе продолжиме со нашата стратегија за експанзија на рутите и привлекување нови авиокомпании на македонскиот авијациски пазар, бидејќи мислиме дека тоа е основниот услов за неговиот натамошен развој. Со силна поддршка од нашиот маркетинг оддел од ТАВ Аеродроми во Истанбул, во постојана комуникација сме со нови авиокомпании со цел да ги привлечеме да почнат да летаат од Македонија, како и со нашите партнери авиокомпаниите кои моментално летаат од Македонија со цел да ги убедиме да почнат да ги прошируваат нивните рути од нашите аеродроми. Очекуваме пораст на бројот на патници над просекот во ЕУ и над просекот во регионот. Истовремено со активностите за проширување на мрежата на авиолинии, како и секогаш, ќе се фокусираме и на квалитетот на аеродромските услуги, врз основа на сугестиите што го добиваме од анкетите на ACI, бидејќи секогаш стремиме кон подобрување на задоволството на нашите клиенти.

МАРИЛИ: Како се развива карго-сообраќајот? Со влезот на ТАВ Аеродроми изградивте целосно нов карго-терминал со голем капацитет. Колку напредува тој дел од бизнисот?
БАТАК:
Да, имаме многу добро опремен карго-терминал со капацитет од 40.000 тони. Карго-сообраќајот во 2016 година исто така имаше солиден двоцифрен пораст од 10,9%, на вкупно 3.090 тони вкупно превезени карго-пратки. Порастот е најмногу поради количините на карго-пратки на извозните компании, но во изминатиот период македонските граѓани почнаа се почесто да прават индивидуални интернет порачки, што исто така има удел во порастот на карго-сообраќајот. Убедени сме дека со натамошниот развој на македонската економија, бизнисот со карго-сообраќајот ќе продолжи да се развива.

                                                                                                   
  Новини во терминалната зграда на скопскиот аеродром во 2016 година

• Скопскиот аеродром во 2016 година ја редизајнираше зоната за безбедносна контрола во делот на Заминувања и ја релоцираше безцаринската продавница, како и неколку локали, со цел подобри услуги и подобро движење на патниците.

• Автоматизираното плаќање преку паркинг-машините воведено во 2015 година, во 2016 беше релоцирано внатре во терминалната зграда, со цел патниците и оние што нив ги дочекуваат да можат да ги направат плаќањата внатре, без да бидат изложени на временските услови.
 

Содржината е прочитана 1835 пати.